Првиот круг на досега најнеизвесните избори во Франција ќе се одржи на 23 април а вториот е закажан за 7 мај. Французите го бираат својот нов претседател.
На десет дена од изборите има дури четворица фаворити што е вистински преседан во оваа земја. Досега на десет дена пред гласањето се исцртувале двајца кандидати и прашањето било секогаш кој од двајцата ќе дојде во Елизејската палата. Годинава се четворица.
Првото место во овој момент, и според три анкети објавени вчера, и припаѓа на Марин Ле Пен, претседателка на екстремно десниот Национален фронт со 24 посто намери за гласање.
Ле Пен се залага за излез на Франција од ЕУ и од еврозоната, затворање на границите, крај на имиграцијата. Таа смета дека на Франција и е потребен “економски патриотизам”. На пример, фирмите кои вработуваат странци треба, според неа, да платат посебен данок. Потоа, таа предлага вработување на нови 15.000 полицајци, креирање на национална гарда од 500.000 луѓе, нови 40.000 места во француските затвори или можност одземање на француското државјанство. Накусо, програмата на Ле Пен може да се синтетизира со парафразирање на Трамп: Франција прво!
По неа следи младиот Емануел Макрон, одвај 40 години, за кого велат дека ќе гласаат помеѓу 23 и 24 отсто гласачи. Макрон беше министер за економија и член на Социјалистичката партија. Одлучи да излезе и од владата и од партијата и формираше ново движење “Напред!”, кое има над 250.000 приврзаници, за да се кандидира за претседател. Тој за себе вели дека е центрист но неговата програма кокетира во десниот либерализам. За многумина Макрон е францускиот Маргарет Тачер.
Кандидатот инсистира на “трансформација” на земјата а не само обична “реформа” : еднаквост на можностите, општество во кое тој што работи ќе биде добро платен а невработениот кој ќе одбие две работни места не треба да зема повеќе помош од државата, модернизација на економијата и безбедност за нацијата. Макрон нема намера да го доведува во прашање членството на Франција во ЕУ.
Потоа следи десничарот Франсоа Фијон со 17 до 19 отсто гласови. Фијон беше премиер во владата на Никола Саркози и успеа да ја добие довербата на 2 милиони Французи кои можеа да гласаат на изборите на Републиканската партија на кои се одлучуваше кој ќе ја претставува партијата на 23 април. Фијон тргна во трката како фаворит. Но, редица скандали, во кои се откри дека тој ги вработил своите деца и сопругата во парламентот, ги поматија неговите сметки. Соочен со овие скандали се очекуваше дека Фијон ќе се откаже од претседателската трка но тој реши да оди до крај.
Tри приоритети стојат во неговата програма: ослободување на економијата, враќање на авторитетот на државата и афирмација на француските вредности. Тој најавува намалување на даноците на фирмите и намалување за 50.000 на бројот на државните функционери.
За него велат дека «кандидат на богатите» и на католичката Франција.
За левичарот Жан-Лук Меланшон, 66 години, велат дека ќе гласаат 18 отсто Французи. Но со секој нов ден, процентот на гласачите кои се изјаснуваат за него, незапирливо расте. Толку многу што берзите паничат а францускиот претседател изјави дека би било опасно овој популист да стане шеф на државата.
За Меланшон ова не е прва претседателска трка. Тој повеќе пати бил кандидат но досега не успевал да се искачи помеѓу фаворитите. Овој пат, неговата лева програма, за некои дури радикално лева, очигледно им се допаѓа на Французите разочарани од двете најголеми партии – социјалистите и десните републиканци. Меланшон формираше исто така движење наречено “Непокорната Франција”. Проценките велат дека над 350.000 лица се членови на ова движење.
Меланшон е голем приврзаник на новите технологии па така, на почетокот на неговата кампања, тој употреби холограм и одржа митинг во Лион и во Париз истовремено.
Овој левичар, кој во два мандати беше европски пратеник, не сака излез на Франција од ЕУ. Но смета дека треба повелбите на ЕУ треба да се сменат и да бидат ставени на референдум. Тој исто така се залага за еквидистанца на Франција со Русија и со САД, смета дека богатите треба да плаќаат поголен данок и сака Франција да премина на обновлива енергија.
Во однос на имиграцијата, една од големите теми на овие избори, Меланшон сака да го легализира престојот на странците кои имаат работа и оние кои ќе добијат азил.
Во оваа четворка го нема Беноа Амон, 50 години, кандидатот на социјалистичката партија. Амон предлага универзален приход за Французите, еколошки данок, не го доведува во прашање членството на Франција во ЕУ и НАТО, напротив предлага зголемување на буџетот на одбраната.
Социјалистот предлага реформа на образованието, вработување на нови 40.000 професори, нема ништо против муслиманската шамија. Но, според анкетите, одвај 10 отсто Французи рекле дека би гласале за него.
Неизвесноста ја зголемува и процентот од над 30 отсто Французи рекле дека ќе гласаат но се уште не се одлучиле кому ќе го дадат својот глас.
Француските аналитичари тврдат дека во вториот круг ќе се најдат, најверојатно, Ле Пен и Макрон. И дека во вториот круг Французите, особено оние кои не гласале во првиот круг, ќе ја “разбудат” својата граѓанска совест и ќе излезат на гласање за да не дозволат екстремната десница на дојде на власт.
Треба да се подвлече дека веднаш по претседателските избори во Франција се одржуваат и парламентарните избори што ќе му овозможи на новиот претседател да одбере премиер и да се формира влада. На парламентарните избори Французите обично ја носеле на власт политичката партијата на претседателот со што најчесто се избегнува кохабитација на две институции – претседател и влада – со две различни идеологии.
На 23 април и 7 мај ќе се види дали анкетите биле огледало на реалноста или погрешиле во предвидувањата.