Пишува: Беса Арифи, Вонреден професор во Универзитетот на Југо-Источна Европа
Речиси две недели поминаа од крвавиот четврток и работите почнуваат да се видат појасно. После цели десет дена, Службен весник на крај одлучи да ја објави Одлуката на парламентарното мнозинство Талат Џафери да биде новиот претседател на Собранието на РМ. После цели десет дена! Од друга страна, Иванов уште се мисли каков нов изговор да даде за недавањето на мандатот, а идеите полека стивнуваат. Работите не може да бидат појасни, сепак, тој е загрижен за унитарноста на државата која некако е “загрозена” од Албанците. А не е загрижен за тоа што се случи на 27 април и за големата опасност тоа да се повтори заради тоа што може да остане неказнето. А што не се казнува се повторува во потешки форми, тоа веќе го научивме во оваа држава.
Во терористичкиот напад врз Собранието на РМ, во кој Хелсиншкиот комитет за човекови права идентификуваше извршување на 28 кривични дела, според шефот на скопското јавно обвинителство, Гордана Гешковска (чиј мандат по се изгледа дека ќе се продолжи од Советот на јавни обвинители, секако, според мерит-бејзд системот), учествувале само девет лица две од кои се уште во притвор додека пак другите седум се или во куќен притвор или им се изречени мерки на претпазливост.
А делата за кои се гонат остануваат тие од почетокот: учество во толпа. За најкрвавиот настан досега евидентиран во Собранието на оваа држава, кој ја шокираше европската и светската јавност, се гонат девет лица како директни извршители! Каде е одговорноста на организаторите на насилниот протест? Каде е одговорноста на нарачателите на тие прецизно извршени кривини дела? Каде е одговорноста на инспираторите на тие крвави злосторства? А не, таква одговорност не може да има за лица кои протестираат за заедничка, а сепак чиста Македонија, па што ако во тие протести, и после крвавиот настан, уште се гледаат транспаренти со барање за “ролка за Рада и машна за Заев”?!
Да беше тоа толку опасно ќе се преземеше некакво дејствие за учителката која пред некое време на митинг носеше крст со името на Заев, и фино спокојно продолжуваше да ги учи децата во училиште, како и професорката од Корчагин која му пожели на човекот кој ја нападна Шеќеринска “раката да му се позлати” без притоа да сноси било каква одговорност. Што ли ги учат децата таквите учителки!
И после сево ова, протестите за заедничката, а чиста Македонија се сепак израз на висок “патриотизам” па дури и кога истите стануваат насилни. А казните затвор се чуваат за протестантите против операцијата „Монструм“ кои добија казни затвор од 2.5 години затвор заради тоа што се дрзнаа да скршат прозорци на зградата на судот. А протестантите кои минатата година ја скршија канцеларијата на Иванов, без тој да биде присутен таму, скапаа по притвори со месеци. А тие што искршија цело собрание и за малку ќе го убија Села но и другите пратеници, за нив важат други правила. Оти тие според Гешковска, не се терористи кои упаднаа во највисокиот претставнички дом и се обидоа да убијат пратеници, тие се обични учесници во толпа. Терористи се тие кои беа обвинети за убиствата во Смилковско езеро, кои токму Гешковска ги прогласи за такви врз основа на исказот на еден заштитен сведок на кој ниту семејствата на жртвите не му веруваат.
Терористи се и тие од настаните во Куманово во 2015 година, ама никако не се тие кои го нападнаа Собранието и речиси убија пратеници, новинари и други лица и со тоа ширеа страв и несигурност кај сите граѓани на оваа земја. Токму за тероризам беа приведени повеќе од сто лица во операцијата Монструм, меѓу кои и жени кои со лисици беа однесени да дадат исказ, додека пак сега, напаѓачот на жена-пратеник мангупски, со цигара в уста, отиде да даде исказ како да оди во кафана, и дрско му се смееше в лице на сите кои сакаат да видат некаква правда во држравава. Им се смееше со израз на лице кој вели “Никој ништо не ми може додека ме штити Николаааа…”
И во целава ситуација, во чаршиските муабети по социјалните мрежи, деновиве најактуелни се ни повеќе ни помалку туку знаменцата на работната маса на Талат Џафери! Некои почитувани професор(к)и, таканаречени олд-скул социјалдемократи мака си мачат да објаснат зошто албанското знаменце ставено на исто место со македонското и европското е тешка националистичка провокација и хистерично се спротивставуваат на секој кој ќе се потруди малку да ги вразуми или пак да им каже дека не е тоа толку сериозна или важна работа во моментот. Од правен аспект, Законот за употреба на знамињата на заедниците во РМ јасно кажува што се подразбира под “истакнување на знаме” и како тоа се прави. Според тоа што се чита во законот, кој се занимава само со истакнувањето на знамето во државните органи во јарбол (се споменува дека треба да има два метра далечина меѓу различните знамиња), ставањето на знаменцето на маса е иста работа со ставањето на сувенири или пак со ставањето на семејна слика во работната маса на претседателот на собранието.
Ама не, страстите се палат, како може албанско знаме да се види во бирото на претседателот на собранието, како да се сака да се крие фактот дека тој сепак е Албанец. Јас разбирам да се градат такви хистерии од тврдокорните кои протестираат секој ден за заедничка, ама чиста Македонија, ама тоа не го очекувам од некои олд-скул социалдемократи кои испаѓа да се потврдокорни од тврдокорните. На крајот на денот, таквиот чин на Талат Џафери не се ни доживеа како нешто многу специјално кај Албанците кои живеат во оваа држава и кои можат да направат разлика помеѓу истакнувањето на знамето во јарбол и ставањето на сувенир-знаме во работното биро.
Албанците во оваа држава во последните избори најхрабро и најјасно покажаа дека таквите мали финти со знаменца и со други “патриотски” акти веќе не ги импресионираат. Албанците сакаат да видат правда во оваа држава, јасна осуда на организираниот криминал кој владееше повеќе од десет години и кој сеуште владее преку ликовите како Гешковска, Звревски, Панчевски, Вангеловски и други. Албанците сакаат да видат ставање крај на повеќекратните стандарди во кои кога тие протестираат одат во затвор, а кога тврдокорните протестираат кападаиски го напуштаат обвинителството со цигара в уста. Сепак, Албанците се иритираат кога ќе видат како нивните сограѓани, особено оние олд-скул социалдемократи кои се покажуваат како големи борци за слободи и права, всушност се толку алергични на едно знаменце. Читав еден долг текст на една од тие олд-скул социал демократки во кој таа се залагаше дека Македонското знаме е тоа што не обединува, му се допаднало тоа на некого или не. Епа на многу такви олд-скулци нешто не им е јасно: сите работи кои досега се направени во оваа држава всушност не не обединуваат, туку напротив, не оддалечуваат и не разделуваат едни со други. Бидејќи сите тие важни работи се наметнати од една заедница кон другата.
Не, драги мои, не не обединува ни знамето ни химната ни грбот ниту начинот на досегашното водење на оваа држава. Знаете што не обединува? Волјата заедно да се бориме против неправдата, корупцијата и другите кривични дела. Не обединува волјата да ги поврземе знамињата со кои се идентификуваме и заеднички да пееме нови песни кога заеднички протестираме и бараме правда и мафијата да оди на робија. Ни верата не не обединува, туку не обединува волјата да се почитуваме меѓусебно и да си честитаме празници и да се потрудиме да ги разбираме маките на другиот.
Најмногу од се знаете што не обединува? Борбата против еден режим кој навлегол во сите пори на нашиот живот. А тој режим е уште многу силен. Тоа се гледа во канџите со кои го држи цврсто правосудниот систем кој никако да тргне да функционира. Тој режим треба да се руши, а чаршиските муабети за знаменцата само го дефокусираат борбата за рушењето на истиот.
Затоа драги сограѓани приберете се. Оставете ги самите граѓани и етнички заедници сами да одлучат со што ќе се импресионираат од своите политичари и кои нивни потези ќе ги прогласат за патриотски. Не иритирајте непотребно со албанофобни изливи на страсти бидејќи тоа на никого не му помага, освен ако сакате повторно да инсталирате олд-скул начин на водење на оваа држава во олицетворение на некаков си нов режим. А тоа веќе е минато.
Треба да гледаме напред, кон новите предизвици кои бараат многу посилна и подлабока борба против криминалот и неправдата во оваа држава.
Не заборавајте дека тоа што се случи во Собрание пред само десетина дена, се направи од луѓе кои држеа в рака македонско знаме, нели, тоа обединувачкото. Исто така не заборавајте дека Албанците со се знамето со кое тие се идентификуваат се реалност во оваа држава, отсекогаш биле и секогаш ќе бидат. Не заборавајте дека најважните историски моменти во оваа држава од Илинден, преку АСНОМ до Шарената револуција ги вклучуваат и Албанците меѓу другите заедници. Употребата на албанското знаме во оваа држава со децении напред е воспоставено и како право и како традиција и тука нема ништо ново, ништо чудно и ништо порано невидено за хистерично паѓање во несвест.
Не заборавајте, имаме режим за рушење.