Пишува: Беса Арифи, Вонреден професор на Универзитетот на Југо-Источна Европа
Во изминатите денови се случуваат интересни работи во правосудните органи на ова држава. Изгледа дека правдата на крај започнува да проработува. Сепак има уште многу да се направи за таа целосно да се достигне.
Минатата недела, вршителот на должноста Јавен обвинител на РМ, Лиљана Спасоска побара од Врховниот суд да ги укине првостепената и второстепената пресуда за случајот “Монструм” и истиот да го врати на повторно судење.
Врховниот суд уште не одлучил по ваквото барање. Сепак, фактот што ЈОРМ иницира такво барање укажува на тоа колку проблематичен е целиот случај кога самото јавно обвинителство не е уверено дека има доволно докази дека осудените лица го сториле делото. Долго време се шпекулира и за можни прислушувани разговори во врска со овој случај. Јасно е дека мора да има повторно судење за истиот и дека треба одново да се воспостави правда за најконтроверзниот судски случај во поновата историја на оваа држава. Без разлика каков ќе биде исходот на новото судење, и што ќе се докаже во истиот, се очекува тоа судење да се изведе во околности кои ќе бидат поправедни во време кога судството почнува да се ослободи полека од стегите на заробената држава.
Сепак, не е доволно само да се утврди дали постојат директни докази дека осудените лица се извршители на грозоморното петкратно убиство кај Смилковското езеро.
Правдата ќе биде нецелосна доколку не се утврди материјалната вистина во овој предмет: кои бил нарачателите на тие убиства и под чие диригирање истиот се претстави како случај на тероризам во кој цела една етничка заедница се обвини за верски фундаментален радикализам и насилен екстремизам. Ако случајот падне заради неосновани и неубедливи докази, што ќе се случи со одговорноста на јавниот обвинител што го водеше случајот, Гешковска, која во својот завршен збор во времето истакна токму такви аргументи кои разгоруваат меѓуетнички тензии? Понатаму, која ќе биде одговорноста на Јанкуловска која на првата прес конференција кога осомничените а сега осудени лица беа приведени јасно укажа дека ги фатиле убијците, газејќи ноншалантно по пресумпцијата на невиност гарантирана не само со ЗКП и Уставот на РМ туку и со Европската конвенција за човекови права и Меѓународниот пакт за цивилни и политички права. Доколку сите лица инволвирани во тој случај, како нарачателите, така и извршителите, меѓутоа и државните службеници кои ги повредија правата на граѓаните, не носат одговорност соодветна на нивната вина, правдата за тој случај никогаш нема целосно да се исполни.
Пред неколку дена беше извршен претрес и во домот на поранешниот претседател на кривичниот суд Скопје 1, Панчевски. Се тврди дека истиот управувал со паралелен систем на АКМИС со кој наводно местел предмети а и дека наводно пренесувал информации од таен карактер во врска со предметите кои се воделе пред овој суд, со што тој се сомничи за Злоупотреба на службена должност и овластување и Оддавање на службена тајна. Доколку овие сомнежи се докажат пред суд, тогаш тоа ќе биде важен чекор на утврдување како всушност заробената држава функционирала во изминативе години. Една од подобрите работи во кривичното право е што одговорноста е индивидуална и субјективна.
Секој одговара за тоа што го направил и во граници на неговата вина. Само преку докажани аргументи пред непристрасен и слободен суд правдата може да стигне и да се оствари. Без да носат одговорност сите лица инволвирани во тоа што Панчевски наводно го правел, како тие што му наредиле или побарале од него тоа да го направи, така и тие кои придобиле од тој процес или ги користеле информациите добиени во истиот за извршување на други работи, ни за овој случај правдата нема да биде целосна. Институциите ќе се ослободат во моментот кога секој инволвиран ќе ја носи својата одговорност, без разлика на својот статус и без разлика на височината на неговата државна или политичка функција.
Вчера исто така имаше интересна судска одлука со кој еден од насилниците од 27 Април, кој диво и бесрамно ја нападна тогашната пратеничка Шеќеринска, беше осуден на казна 4 години затвор. Добредојдена и очекувана пресуда, сепак, и таа не е доволна. Без да носат одговорност сите кои ги видовме со свои очи како дивеат во Собранието тој крвав ден, без да одговараат водачите на тие лица, без да одговараат пратениците Мукоски, Василевски и Тарчуловкси за нивното соизвшителство во тој крвав чин, без да одговараат и лицата кои не се гледаат во тие снимки а се нарачатели и организатори на целиот настан, правдата нема да биде целосна и нема да стигне. Во реалност во која барем тројца од нив се пратеници од кој еден сака да биде и градоначалник, а другите слободно шетаат по улиците, не можеме да зборуваме за целосна правда, туку само за исмејување на истата.
Правдата започнала да стигне за овие случаи. За таа да биде целосна треба слободно општество и слободни државни институции. За тие целосно да се ослободат треба да не живееме во тоталитарен режим. За да не живееме во тоталитарен режим битно е што ќе се случи на 15 октомври. Доколку новата власт добие легитимитет во овие избори тогаш може реално да се очекува да стигне целосната правда за гореспоменатите случаи а и за многу други. Не знам кога таа правда ќе стане целосна, но знам дека има шанси да биде. Тоа што го знам е дека доколку има некаков пресврт и старата власт се реинсталира, тогаш со сигурност може да очекуваме не само дека правдата за овие случаи нема никогаш да стигне, туку и дека ќе тонеме во нов бран на неправди, заробувања и сестран регрес. Бидете внимателни, бидејќи во историјата често се случувало една тоталитарна власт да се реинсталира после некоја револуционерна промена. Така било и во Франција кога после Буржоаската револуција и основањето на републиката настапило реинсталација на монархијата. Бидете внимателни каде сакате да живеете, во слободна или во заробена држава.
Ако новата власт во блиска иднина не дозволи правдата целосно да стигне, ќе се соочи со жестоко спротивставување токму од сите нас кои таа правда со години ја очекуваат. Меѓутоа, во овој момент, од суштинско значење е таа нова власт да го утврди својот легитимитет за да продолжи со започнатите работи кои треба да значат дека оваа држава може да биде пристојно место во кое може да се живее како слободен човек.