Помирувањето не значи помали оброци сервирана омраза кон ВМРО-ДПМНЕ. Помирувањето може да подразбира само засекогаш заборавена омраза, колку и да изгледа ужасна таа помисла на почеток. Таа омраза не треба да биде потпикната под тепих, за некои идни генерации да ја откријат, да ја собираат, да ја негуваат и да ја треснат на нечија маса, таа омраза.
Таа омраза и двете страни треба да ги боли, за да разберат за што служи идејата за помирување.
Таа омраза може секому да служи, на секакви ѕверства да биде подготвена, подобро да не одиме дотаму, да не замижиме и за миг да не замислиме што се таа може да стори.
Затоа, она што е најдоброто во помирувањето следи- ваквите идеи за нечие раскинување и распнување да се закопаат и да се запалат, за никој да не ги пронајде, затоа што тие идеи никогаш не водат кон нешто добро, тие не водат никаде.
Тоа помирување не смее да значи дека треба да следува одмазда со кафени лажички, сервирана исклучиво кога е студена, затоа што само така може да вжешти нечии зовриени глави.
Може само да значи дека идејата за одмазда мора да се заборави засекогаш, затоа што само така може да се надеваме на некаква базична, почетна цивилизираност, колку и да паѓа од почеток тешко и неверојатно.
Тоа помирување не е ниту глодање коски, од она што останало од ВМРО-ДПМНЕ, ако воопшто останало, но сепак. Живи не можеме да се изедеме, да се растргнуваме и распарчуваме. Доволно тоа траеше, цела деценија, можеби и повеќе.
Тоа помирување значи и да се погледнеме во очи, наместо да си ги ископуваме дупките и да ги згмечуваме тркалцата со кои порано се сме гледале, додека траела омразата и чекала трпеливо на ред одмаздата.
Помирувањето значи да се разговара, да се даде шанса на луѓето, наместо на дивјаштвото.
Конечно, помирувањето значи секако дека правдата и правото се почетните станици од кои се тргнува во походот за помирување. Само во таков случај амнестијата не може да подразбира помирување. И само со задоволување на правдата е можно помирувањето. Само така омразата и одмаздата ќе се отфрлат. Само така ќе можат и двете страни да станат слободни.
Се друго ќе го продлабочи најтемното во човека, ќе ги извади одмаздата и омразата како негова единствена слика, со која пред огледалото само може да се насмевне. Ќе заклучи- колку одвратно изгледа денеска оваа слика за одмазда и омраза, но друга не се знаела дотогаш. Идејата е да се скрши тоа огледало и да се избрусаат нови стакленца, пред кои нема да се срами тој човек да се погледа- само така ќе се прифати помирувањето, никако поинаку.