Етничкото профилирање во однос на Ромите се врши во Македонија иако властите оваа земја тоа го признаваат. Ова се тврди во извештајот насловен “Правото да се напушти земјата” на Советот на Европа чија што содржина утринава ја презентираше комесарот за човекови права на оваа институција Нилс Мужниекс.
Правото да се напушти една земја се наоѓа во сите инструменти на човековите права и негова намера е да им овозможи на луѓето да се движат слободно и без неосновани пречки. Сепак, денешниот пристап на ЕУ кон контролата на границите и имиграцијата е загрижувачки затоа што води кон промени во законодавството и практиката на трети земји што доведува до нарушувања на човековите права, особено правото да се напушти една земја.
Овие мерки водат исто така до етничко профилирање на границите, санкции до транспортерите кои не се полиција, конфискација на патни документи, договори за реадмисија и високо проблематичната и незаконска пракса на враќање.
“Резултатите на оваа политика се особено евидентни во Западниот Балкан бидејќи таму се врши притисок да се намали бројот на нивните граѓани кои бараат азил во ЕУ со закана дека тоа може да доведе до повторно воведување на визите за сите нивните граѓани. Не е изненадувачки што властите во некои од овие земји им забрануваат на лицата да излезат од земјата бидејќи тие се сметаат лица кои би можеле да побараат азил и со тоа се ризични. Најголемиот дел од нив се Роми”.
Извештајот го дава податокот дека помеѓу 2009 и 2012 година во Македонија 7000 жители на земјата биле спречени да излезат од границите а нивните патни исправи им биле одземени кога ЕУ ги вратила назад.
“Фокусирани сме на повеќе аспекти како транзиската правда, но и на меѓуетничките односи и примената на Рамковниот договор но и Ромите но не само нивното напуштање на земјата но и сегрегацијата во образованието со Роми во посебно училиште. Но тоа не е проблем само во Македонија туку и во други земји. Многу е лошо да се ставаат Роми во посебни училишта. Тоа ги ограничува нивните можности во животот и потсетува на расизам бидејќи со тоа немаат контакти и соработка со другите. Што се однесува до транзиската правда, кај вас се уште има луѓе кои живеат во центри и кои се раселени…”, вели комесарот за Нова.
На прашањето дали има етничко профилирање во Македонија тој вели дека “ видовме повеќе знаци дека тоа се случува на границите. Властите тоа го негираат но треба да обрнат повеќе внимание на политиките кон Ромите и јасно е дека тие политики имаат големо влијание врз нив”.
Во извештајот се наведува фактот дека во октомври 2011 година бил усвоен закон кој дозолува конфискација на патни документи во рок од една година за лицата кои биле вратени во земјата како и мерки за криминално обвинување за лицата кои олеснувале транспорт кон ЕУ. Ова се закони кои се спротивни на ЕУ законодавството.
“Ромите кај вас се политички добро претставени но би сакал тие да се поактивни во борбата против дискриминацијата. Телото кое се бави со тоа не е доволно финанисирано и е слабо. Правото на Ромите да ја напуштат земјата ако сакаат е нешто што за вашата влада треба да биде високо на агендата но и образованието. Посетив една ромска населба блиску до Скопје и јасно е дека има многу работа за нивна интеграција во Македонија”, вели тој.
Извештајот вели дека според статистиките визната либерализација не довела до драматични бројки во однос на луѓето кои ја напуштаат земјата и одат во ЕУ а овие бројки се магинални кога станува збор за Македонија. Советот на Европа бара од ЕУ да се задлабочи врз овој проблем и да не се заканува со укинување на визите поради барања за азил во ЕУ.