Побрз проток на добра и луѓе во регионот е нешто што одамна требаше да биде функционално на овие простори, ако се земат предвид сите регионални иницијативи во кои се вклучени земјите од Западниот Балкан. Сите убави работи кажани на состанокот минатата недела во Охрид, се предвидени во договорот ЦЕФТА, чии потписници се државите од регионот. Доколку постои вистинска политичка волја, сите бариери во меѓусебната соработка би можеле да се регулираат на ниво на шефови на кабинети или на највисоко на ниво на министри за економија, во рамки на постоечките договори за регионална соработка.
Се е напишано и договорено. Тука нема никаков проблем. Проблем е кога го гледате регионот одблиску, онака како во Охрид, кадешто делуваше збунето и без идеја како понатаму по оној удар зададен од Макрон.
На Балканот сега му е потребена, што поскоро, средба на највисоко ниво на која со должно внимание и без суети на големи „лидери”- ќе се изанализираат сите вознемирувачки пораки штo пристигаат од сите важни геополитички центри во светот.
Европа има проблем. Опсежното интервју на Макрон за британскиот „Економист“ содржи тези за кои треба да се замислиме, доколку навистина се доживуваме како дел од цивилизацискиот простор дефиниран геополитички како Европа. Макрон во оваа интервју констатира, јасно и гласно, нешто што сите го знаеме: либералните вредности на кои се темели Европа се во криза со порастот на популизмот и авторитарните тенденции во Источна Европа.
Америка на Трамп не го поддржува концептот на европското единство, застанувајќи отворено во поддршка на Брегзит. „Вашингтон одамна гледа на односите Исток-Запад како едно од прашањата на меѓународната политика наместо како на главно прашање, без оглед кој ја контролира Белата куќа”, вели Мас во неговата колумна објавена во Шпигел. Велика Британија, како значаен фактор во ЕУ, го напушта семејството што не може, а да не мине без последици по кредибилитетот и статиката на европската конструкција. Конфронтациите со Русија се сé повидливи. Турција влегува во сириска авантура без никакви консултации, поради што Макрон со право прашува дали би бил валиден клучниот Член 5 од Договорот на Северно-атлантската воена алијанса, ако Башар ел Асад, по одлука на Ердоган да влезе во Сирија, возврати со напад врз Турција.
Макрон, во интервјуто за „Економист“, доста јасно ги исцртува контурите на една опасна криза која е во зародиш со ерозијата на еден евро-атлански систем на вредности во којшто сме навикнати да живеевме. Германија, како најмоќен европски фактор, преку колумната на шефот на германската дипломатија објавена во Шпигл, им даде право на повеќето тези што Макрон ги изнесе во своето интервју, без разлика што германската прагматичност, исто така со право, укажа на проблемот на француската хормоналост која изби од Макрон со изјавата за „мозочната смрт” на НАТО. Вклучувајќи го тука и неговото дрско НЕ за нас и Албанија.
Сепак, светскиот поредок, каков што го познаваме, влегува во криза која јасно носи голем број непознаници и уште повеќе искушенија. Земјите од Западниот Балкан, ситуирани во еден регион кој се уште нема изградено здрав имунолошки систем, брзо може да легне на смртна постела и од благо покачување на температурата на Европа, а не пак од други посериозни дијагнози на какви што предупредија Макрон и Мас во нивните јавни настапи што се случија во само неколку дена. Ние, овде на Балканот, сме дел од овој свет или дури во близина на епицентарот на овие тектонски потреси.
Лидерите од Западниот Балкан треба што поскоро да се сретнат за да разговаарт за овие важни прашања за иднината на Европа. Секоја од земјите во регионот е мала и не многу значајна на гео-политичката мапа, но целиот регон има, сепак, сериозно значење во тој простор. Лидерите од Западниот Балкан се далеку од позиција да решат било кој од проблемите за кои зборуваат Макрон и Мас, но секако дека не смеат да си дозволат да го остават регионот настрана од оваа актуелна дебатата која очигледно станува се поинтензивна и од чиј исход зависи и нашата иднина.
Околностите налагаат да се напушти онаа адолесцентна трка околу позицијата „лидер во регионот” или бесконечно инфантилните робувања на националистичките наративи што овој регион ги произведува веќе цели три децении. Време е да и се погледне на реалноста в очи. Маас предлага формирање на Европски Совет за безбедност што е на линија на инсистирањето на Макрон за зајакнување на европските безбедносни и одбранбени капацитети. Дебатата е започната, кризата е во тек и се бараат решенија, се бараат идеи, се бара инвентивност како израз на потребата да се живее во стабилна и предвилива средина. На Западниот Балкан сега, повеќе од било кога, му треба еднинство за да се позиционира во овие тектонски гео-политички поместувања и во еден глас да ги дефинира своите приоритети и стратешки интереси како што е членството во ЕУ за секоја од шесте држави. Но во ЕУ која ја препознаваме по Кол и Митеран а не по Орбан и Салвини. Не помалку треба да е важно и што и како ќе се случува со НАТО којшто не е во “мозочна смрт” но очигледно е во криза.
Судбината на овој регион е Европа и тоа не може да биде поинаку. Од една лидерска средба на Западниот Балкан, исто така, треба да произлезе и јасна порака до Макрон дека Балканот не е никакво соседство на Европа како што тој се обидува да го нарече. Балканот е во срцето на Европа и со тој географски факт треба да живееме сите ние на овој континент. Од него бегање нема. Макрон ниту може ниту смее да ни го одземе правото да бидеме дел од големото европско семејство. И да не заборави дека и Римски договор од 1957 година, со кој е создадена ЕУ, во членот 49, вели дека секоја земја од европскиот континент има право да стане членка на клубот.
Но, од друга страна, многу е точна констатацијата на Макрон за процесот на преговори, техничка операција која речиси да го нема очекуваниот ефект. Како искуствата на преговарачкиот процес кој се случуваше кон крајот на минатиот и почетокот на новиот милениум кога преговорите значеа моќна и ефикасна алатка за трасформација на општествата. Процесот на преговори сега е бирократски во најпежоративниот смисол на зборот. Црна Гора и Србија преговараа со години без притоа да се забележи посериозен ефект врз квалитетот на животот и солидноста на институциуите во тие држави.
Во право е Макрон кога вели дека тој процес треба да се реформира. Франција веќе достави „нон пејпер” до сите земји членки и ЕК за реформи на методологијата. Тоа треба да го побараме и ние од Западниот Балкан.
Доколку навистина сакаме преговарачки процеси кои ќе имаат сериозен импакт во неопходната трансформација на нашите опшетства, како демократска така и економска, Црна Гора и Србија имаат доволно искуство што би можеле да го споделат со останатите држави и врз чија основа и Западниот Балкан ќе истапи со свој „нон пејпер” како констуруктивен влог во сé пошироката европска дебата за идинината на ЕУ.
Наредната 2020 ЕУ планира да отвори конференција на која ќе се разговара за иднината на европската конструкција. Како стојат работите, нема никави изгледи на масата на која ќе се дискутираат за иднината да биде поканета било која од овие шест држави од регионот.
Време е да ја расчистиме онаа шега која циркулираше во Брисел и престолнините на Балканот: „Ние глумиме дека се реформираме, а тие глумат дека нé интегрираат…”. Ѓаволот ја однесе шегата. Време е за соочување со реалноста која налага сериозност и воедно на тест ги става државотворните капацитети на сите овие шест држави од Западниот Балкан кои треба да покажат дека знаат повеќе од организирање на тинејџерски забаваи каква што беше оваа во Охрид.