„Ние како институција имаме поднесувано кривични пријави против одредени затворски службеници. Но, за жал, мора да констатирам дека од нив немало ефект. Тоа сме го констатирале и во годишните извештаи кои ги доставуваме до Собранието, каде јасно посочуваме дека немаме ефективен систем за казнување. Народниот правобранител е национален превентивен механизам. Годишно подготвуваме над 30 извештаи. А еднаш во годината праќаме и извештај до Обединиетите нации, поточно до Подкомитетот за превенција од тортура. Ние не отстапуваме од нашата задача и ќе ги мониторираме состојбите во македонските затвори уште пожестоко“, вели Мемеди.
„Реконструкцијата на затворот ќе биде според сите европски стандарди. Но, во оваа прилика сакам да кажам дека имаме проблем со недостаток од кадар. За вработувањата во КПУ и ВПУ, според актите за ситематизација на работните места, предвидени се вкупно 1.300 работни места, додека вкупен број на пополнети работни места сега е 836. Процедурите за вработување се многу долги и мислам дека треба да направиме нешто во таа насока“, вели Стојановиќ.
„Акцентот треба да се стави на хуманоста, стручната способност и лична склоност кон комплексната задача која ја извршуваме. Кога се зборува за управување со затворите, првенствено се мисли на управување со луѓе. Затворите не може да ги бираат своите затвореници, тие мора да ги прифатат сите оние кои им ги пратил судот. Сепак, тие треба да го бираат соодветно својот персонал. Од друга страна платите се ниски и неретко кај затворскиот персонал се јавува чувство на помала вредност. Дел стануваат подложни на криминогени активности, дел своите фрустрации знаат да ги истурат врз затворениците. Па, имате најразлични форми на дискриминација поттикната дури и од етнички и религиски предрасуди“, вели нашиот соговорник кој потврдува и дел од забелешките нотирани во извештајот на Народниот правобранител за Истражниот затвор во Шутка од јуни годинава.
„Од разговорите со службени лица во затворот се констатира дека најголемиот дел од нив пред да бидат вработени немале искуство во работата со затвореници, а за начинот на извршување на работните задачи учат од постарите колеги, при непосредно извршување на доверените работни обврски“, се вели во Извештајот.
Директорот на КПУ „Скопје“, Есад Рахиќ денеска истакна дека во споредба од пред шест месеци, состојбата во затворот е многу подобра. Тој посочи дека со донации е реновиран кровот, како и дека се поставени фотоволтаични системи кои произведуваат струја за топлење на вода за потребите на затворот.
„Неколку фирми донираа средства за реновирање на ќелии и тоалети, донирани се кебиња, душеци, чаршафи, прехрамбени производи, облека, бела техника“, наведе Рахиќ.
Рахиќ истакна дека донациите кои се собрани во затворот изнесуваат околу 250.000 евра.
„Во делот на изработка на проекти се вклучија Земјоделски и Архитектонскиот факултет, студентите направија проекти за инсталирање на соларни панели кои произведуваат струја за производство на расат, за нашите пластеници и стакленици. Тоа особено е важно затоа што сметаме прецесот на ресоцијализација е многу важен, бидејќи во тој дел имаме проблеми, над 85 проценти се повратници, во таа насока ќе бидат ревитализирани и браварската, столарската, електричарската и автомеханичарската работилница“, истакна Рахиќ.
Нагласи дека имаат ветување од Град Скопје дека конечно ќе се заврши и канализацијата, бидејќи објектот нема фекална канализација и оти тоа во 2020 година е еден од приоритетите. Директорот на КПУ „Скопје“ наведе дека се примени нови 11 затворски полицајци и оти има најава дека ќе се примат уште десет. Во затворот сега има околу 95 припадници на затворската полиција. Рахиќ истакна дека се работи на искоренување на корупцијата во затворот, потенцирајќи дека се преземаат мерки за да се подобрат условите во КПУ „Скопје“.