– Народот кој ги заборава своите жртви и својата историја е осуден повторно да ги преживува. Мораме да ги чуваме сеќавањата на сите кои ја бранеа нашата земја, изјави денес премиерот на Србија, Ивица Дачиќ од спомен-обележјето „Гласник“ по повод 15 години од бомбардирањето на НАТО во 1999 година врз Сојузна Република Југославија.
Бомбардирањето на НАТО започна со цел да се принуди Белград да ги прекине репресиите во Косово.
За одбележување на годишнината е предвидено одржување на повеќе комеморативни собири ширум земјата во знак на сеќавање на жртвите од 78-дневното бомбардирање. Во Белград ќе биде отворен парк во спомен на 16-мината загинати при бомбардирањето на зградата на Радио-телевизија Србија.
Врз основа на официјалните податоци од Агенцијата за заштита од јонизирани зрачења и нуклеарна сигурност на Србија, за време на бомбардирањето на НАТО во 1999 година, се користела муниција од oсиромашен ураниум на територијата на Србија.
Присуство на осиромашен ураним потврдено е во регионот на Врање. Поради тоа, таа локација војската на Југославија ја означи како контаминирано подрачје, а во периодот од 2002 до 2007 година спроведена е и акција за чистење на теренот.
На сите локации е извршена детална контрола и деконтаминација, а пронајдените проектили, загаденото земјиште и радиоактивниот материјал е собран и се чува во складиште. Во складиштето исто така се чуваат и остатоци од куршуми, и метални буриња.
Во моментов условите за сигурност и безбедност се задоволителни, соопштуваат српските медиуми, но потребни се дополнителни активности за реализирање на целиот план за подобрување на состојбата со локациите.
НАТО операцијата ја започна на 24 март 1999 година без одобрение од Советот за безбедност на ОН, по одбивањето на тогашниот претседател на СРЈ, Слободан Милошевиќ да ги прекине операциите на безбедноните сили во Косово.
Интервенцијата на Алијансата заврши во јуни по повлекувањето на српските сили од Косово, кое беше ставено под администрација на ОН. Според официјалните податоци на Белград, за време на бомбардирањата загинале околу 2.500 цивилно население, а 12.500 биле повредени.