Иван Јерчиќ е актер во Битолскиот театар. Во својата средина важи за „човек кој не се плаши од сопственото мислење“. Јерчиќ е дел од онаа група од помладата генерација на прогресивни актери, односно уметници, кои храбро истапуваат во јавноста „стрелајќи“ со остри зборови врз оние кои носат одговорност за политиките кои го креираат животот на неговите сограѓани. Тој е дел од онаа мала група составена од, за жал се помалку уметници и интелектуалци чии животни принципи почиваат врз вредностите на театарската уметност како критичноста и провокатовноста. Гласот на Јерчиќ нема да го чуете само како дел од последниот храбар проект на битолскиот театар – претставата „За домот се работи“, Јерчиќ гласно говори и против институциите кои го толерираат систематското загадување во Битола, на пример. Или, како што вели самиот, ова е актер кој не намерува да му каже „благодарам“ на ниту еден сегашен и иден министер. Со него разговаравме за успешноста или за обидите на партијата да го киднапира театарот, за улогата на уметникот во општеството, за статусот на театарот од внатрешноста…
НОВАНа битолската сцена пролетва се играше „За домот се работи“…Меѓудругото, режисерот Кочовски за еден весник ќе изјави „Оваа претстава е храбра претстава, во која битолскиот театар силно застана зад неа“ Провокативна е и разработката на еден историски настан како атентатот на Франц Фердинанд и отсуството на капацитет на балканските општества да се „справат“ со историјата низ дијалог и факти, а надвор од политиканството за локална употреба…Зошто е храброст да се прави ваков театар ако се има впредвид дека улогата на театарот е и да биде критичен кон општествените процеси? Или, можеби е храброст да се прави ваков театар кај нас, во едно општество кое е комплетно оперира врз принципот на ампутација на критичката и слободна мисла?
ЈерчиќВо голем дел во самото прашање е содржан и одговорот. Кај нас целиот театар се прави под капата на министерството за култура, било да е државен или независен, а таму не секогаш седат луѓе кои имаат капацитет да примат критика на своја сметка, бидејќи тие се метата на критика како луѓе кои би требало да ги креираат општествените процеси. Во таа смисла, многу од авторите си најдоа комоција во таа позиција и не сакаат да ризикуваат да не се допаднат некому или пак да испровоцираат некого. Баш така се создава мртов театар. Од друга страна, сведоци сме на претстави кои преќутно се тргаат од репертоарите под овој или оној изговор само затоа што претпоставените се параноични, а не дека театарот може да изврши некакво влијание или да покрене некакви реакции… И од тука секоја мисла која е слободна и критична е најчесто осудена и ампутирана. Ако доаѓа од устата на некој важен, тој веднаш е предавник, ако доаѓа од устата на некој помал тој најчесто е окарактеризиран како искомплексирана будала. За среќа, како што Мартин изјавил, битолскиот театар силно застана зад претставата од секој аспект и ние со големо задоволство сеуште ја играме.
НОВАМи се допадна лично и една од најавите на социјалните мрежи на самиот автор на текстот во која помеѓу другото, тој за претставата напиша „Ова е претстава што не поштедува ниеден режим. Пред се, ова е претстава за луѓето кои одговараат за она што им се случува и го живеат! Секој народ мора да одговара за постапките на својата Влада.“…Кои се вашите лични погледи во контекст на случувањата во македонското општество?
ЈерчиќВо претставата освен за атентатот врз Франц Фердинанд се говори и за Солунските атентатори и нивните дејства кои, прашање е дали треба да се третираат како борба за слобода или терористички акт. Се говори и за градењето на арката на Ное и идејата да се направи еден нов свет во името и под патронатот на бог, и при тоа да се избере во негово име што заслужува да живее, а што не. Се говори и за Пол Тибетс, човекот кој ја фрли атомската бомба и уби повеќе од 200.000 луѓе во името на мирот и слободата…
Секој кој слепо верува во ваквите одлуки е индиректен учесник во постапките на неговата влада, бог, држава или како да се вика. Во таа смисла, во Македонија откога сме самостојни, никој, со чесни исклучоци, не мисли на тоа што ќе биде утре. Додека сум јас на власт да се офајдам некако, после мене потоп. Како инаку да се разбере ова систематско уништување на културата, образованието, здравството, судството сиве овие години… Тоа се ненадоместливи штети кои и се прават на државата, и ние, како граѓани, секојдневно одговараме и ќе одговараме за тоа.
… Тажно е кога еден доајен на професијата како Милица Стојанова има во себе повеќе пркос и уметнички став од многу нејзини помлади колеги и уметници и вели дека вистинските уметници не им велат благодарам на министрите…
НОВАМислите ли дека во моментов македонскиот театар ги негува едни од основните вредности врз кои почива, како онаа да ги посматра критично општествените аномалии и дефитивно да провоцира дебата?
ЈерчиќTеатарот во Македонија сеуште знае да ги критикува општествените аномалии, да третира социјални теми, да провоцира на размислување… Но тоа се ретки исклучоци и тие претстави најчесто тивко поминуваат и заминуваат во историјата. Дали Вие во последно време сте прочитале некаде сериозна критика за театарска претстава во Македонски медиум без разлика дали е афирмативна или негативна? Театарот кој се работи во провинција не се покрива скоро воопшто од медиумите и гледачите надвор од тие градови немаат идеја што се случува тука. Театарот да предизвика некаква дебата е нон сенс во денешно време, се се сведува на понекое значајно стискање на раката од некој гледач на улица и разменување на по некоја критика. Веќе не знам колку години се укинати дури и тркалезните маси на најголемиот театарски фестивал во Прилеп. И сето тоа како никому да
не му пречи. Порано барем некој нешто ќе не прашаше, од каде ова решение во претставата, како, зошто…Сега, едноставно ништо.
НОВАИма политика во театарот? Или, би и кажале ли и вие„фала“ на министерката или министерот било кој функционер од било кое време?
ЈерчиќСе е подредено на политиката денес, па така и театарот, од поставувањето на челните луѓе на позиции, до добивање на проекти и средства за тие проекти. Јас лично освен со Благој Стефановски, кој прво беше мој директор па потоа министер, со ниту еден министер за култура не сум ниту пиел кафе, ниту муабетел, ниту се познавав лично. А да ќе заборавев, Слободан Унковски како професор го познавам, а и со Ѓунер Исмаил правам муабет ама во нивното министерување сум немал врска со театар или култура. Тажно е кога еден доајен на професијата како Милица Стојанова има во себе повеќе пркос и уметнички став од многу нејзини помлади колеги и уметници и вели дека вистинските уметници не им велат благодарам на министрите.
НОВАСе сеќавате, претпоставувам, на протестите кои ги водеа македонските или подобро речено скопските актери и режисери против опозицијата, на чело со директорите кои доаѓаат од вашата фела..Што мислите вие, таму ли им беше местото на вашите колеги?
ЈерчиќПрво, да се организираат протести од страна на уметници против опозиција само по себе е нон сенс и не знам дали некаде на некое друго место такво нешто некогаш се случило. Да се тврди дека нема да се завршат капиталните објекти и нема да се земе плата на 15-ти доколку не се изгласа буџетот се приказни за мали деца. Што се однесува до присуството на колегите немам никаков коментар, секој има право да прави што сака и секој на крајот на денот знае зошто бил на одредено место во одредено време. Сигурен сум дека многу од нив не ни сакале да бидат таму, но на некој начин морале, а за некои од нив сум уште посигурен дека местото апсолутно не им е таму.
Инаку, идејата дека театарот на некоја партија може да и обезбеди којзнае колку гласови или политичка поддршка сама по себе е утопистичка. Но,
потребата на самите партии се да се има под апсолутна контрола е нешто сосема друго.
Не сум од тие кои слепо велат „благодарам“ што мојата плата е повисока и молчат без да се запрашаат што можат да купам со неа…
НОВАПодатоците на државниот завод за статистика покажуваат дека од 2005 наваму бројот на театри пораснал, пораснал и бројот на престави, но, за жал опаднал бројот на посетители, што е само по себе апсурд..на што би се должело ова? Нема квалитетен театар, нема стратегија, нема публика која може да си дозволи карти за театар или?
ЈерчиќЌе почнам од назад. Картата за театар во Битола, а и секаде во внатрешноста чини помалку од едно кафе, така што идејата дека публиката нема пари да оди на театар веднаш може да падне во вода. Јас паметам време пред 2005 кога во Битола имаше скоро двојно помалку актери, се правеа двојно повеќе претстави, а имаше многу повеќе публика. Стратегиски, лошо стоиме бидејќи не успеавме да се преминеме од моделот на продавање на карти во фирми, кои сега веќе не постојат, во моделот на продавање на каса. Фали многу реклама, идеја и амбиција повторно да се донесе публиката во театрите. Образовниот систем не се грижи дали децата треба да одат во театар барем еднаш месечно, да се подготват пред тоа што ќе гледаат и така да се едуцира публиката.
НОВАИма ли Битола добар театар? Или, еве, во соседството ви е Прилеп? Слушаме се почесто од некои незадоволни скопски уметници дека театарот таму е далеку подобар, односно попрокативен од оној овде, во главниот град?
ЈерчиќБитолскиот театар кога јас завршив факултет во 2001 беше најдоброто место за правење театар во Македонија и затоа без никакво двоумење се вратив овде. Некаде по 2006 влеговме во една криза од која тешко кој веруваше дека има излез, и сето тоа поради ситното политикантство и некомпетентноста на луѓето кои во тоа време го водеа нашиот театар. Сега сме вратени на старите патеки и можам да кажам дека Битола има одличен театар во кој што секоја година доаѓаат се подобри и подобри режисери и има претстави кои провоцираат и тераат на размислување. Има и приватни независни трупи како Малиот Драмски Театар на Баге и Интимен Театар на Софија Ристевска кои негуваат свои форми. Театарот во Прилеп, исто така, бескрајно го ценам и почитувам. Всушност, сето тоа се должи на заложбите и ангажманот на менаџерите да ги поканат вистинските луѓе да работат.
НОВА„Вечна куќа“, премиерата со која се отвораше новиот и скап театар во Скопје ги собра речиси сите награди на овогодинешниот фестивал „Војдан Чернодрински“…Иако тивки, имаше реакции дека повторно политиката замешала прсти во фестивалот со огромна традиција…Сте ја гледале ли преставата? Што мислите?
ЈерчиќПретставата не сум ја гледал и не би коментирал за неа, но за одлуките на жирито можам да кажам дека за мене лично не беа изненадување. Дури и мислев дека ќе понесе чиста стопроцентна “историска” победа. Бидејќи сето тоа беше најавувано како историски почеток на новиот Македонски театар. Како сите тие луѓе кои го изјавуваа тоа да заборавиле што се направило во не така далечното минато. Тоа се, сепак, претстави со кои сме растеле, учеле, зрееле…а ова сега му доаѓа како некое ретуширање на историјата. И сега, покрај сета таа помпа, да не се земат сите награди, ќе излезе дека нешто не штима, дека милионите се неоправдани. Ме загрижува само фактот што реакциите за вмешаноста на политиката биле тивки… Тоа говори нешто. Се надевам дека доаѓаат од устата на луѓе кои ја гледале претставата и знаат нешто околу тоа. Во спротивно не е фер кон колегите да се тврди такво нешто.
НОВАЗабележувам дека сте активен на социјалните мрежи и без заддршка сте критички настроен кон многу од општествените случуања, од загадениот воздух, поскапувања, па се одлуката на локалните битолски власти да го вметнат Харис Џиновиќ во официјалната програма на битолскиот фестивал…Дали е и тоа задачата на уметниците и интелектуалците? И ако, да, потфрлија ли македонските уметници и интелектуалци?
ЈерчиќСите работи кои ги коментирам, исмејувам, критикувам и осудувам, пред се ме засегаат како човек и како родител. Моја обврска е да реагирам кога гледам во какво општество треба да живее моето дете. Што се случува со загаденоста во Битола, како луѓето секојдневно си одат како последица на тоа загадување… Не сум од тие кои слепо велат „благодарам“ што мојата плата е повисока и молчат без да се запрашаат што можам да купам со неа… Немам ништо против Харис Џиновиќ,(дури имиџот ми е симпатичен, хахахахаха) ниту против оние кои го слушаат, но да се вметне во програмата на едно културно лето, а претходно пеел во кафеана на излезот од Битола, па макар да е и од “прагматични причини” како што изјавија организаторите, не може кај мене да предизвика ништо друго освен потсмев и загриженост во исто време. Каде ние одиме? И нема врска дали си интелектуалец, уметник или нешто сосема трето, за да сфатиш дека
ова што и се случува на Битола во последните неколку години е греота да се гледа, а да не реагираш на тоа на ваков или онаков начин значи дека го “аминуваш” тоа. Мене тоа ме засега, а не ми е ама баш гајле во каков систем живеат и колкава криза има некаде на некое друго место.