Северна Македонија не очекува зголемен прилив на бегалци од Украина, но, и покрај тоа, Владата е подготвена за можен бегалски бран. Шефот на дипломатијата Бујар Османи вчера кажа дека во државава нема поголема динамика на влез на украински државјани, како што имало пред војната и оти не очекува голем наплив на украински бегалци во земјава, меѓутоа, како што нагласи, ако тоа се случи не се исклучува можноста и за креирање импровизирани капацитети за згрижување.
„Има влез на украински граѓани, но нема поголема динамика од што имало пред војната. Тоа се нормални влегувања на луѓе по број не поголеми од претходните. Некој да побарал статус на бегалец. Таков случај немаме, но мора да бидеме подготвени на тоа“, рече Османи на редовниот неделен брифинг со новинарите.
Тој посочи дека нема да одбиеме ниту еден украински бегалец кој ќе стигне на граница, туку напротив, ќе биде примен со сите аспекти на хуманитарно згрижување на бегалците. Османи нагласи дека предвид може да се имаат и искуствата од земјите од Европската Унија (ЕУ), каде, како што рече, голем број граѓани се пријавуваат да ги згрижат бегалците во своите домови.
„Не очекувам да има голем бран во овој период, бидејќи тие одат во други држави во соседството на Украина, но бројките се зголемуваат и се стасува до бројка од три до четири милиони украински граѓани кои ја напуштаат Украина. Затоа ние треба да бидеме подготвени“, истакна министерот за надворешни работи.
Министерот Османи вчера, исто така, информира дека уште осум граѓани од кои четворица наши, а четворица украински државјани, но во роднинска врска со нашите, бараат да бидат евакуирани од Украина.
„Од 120-те мапирани и контактирани наши граѓани, околу 80 проценти се веќе евакуирани, останати се осум граѓани кои бараат евакуација, а сè уште се наоѓаат во Украина. Четворица од нив се наши државјани, четворица се украински државјани, но во роднинска врска со нашите. Има и околу 20 други наши граѓани кои не бараат евакуација“, посочи Османи.
Тој додаде дека се обидуваат да ги евакуираат овие осум граѓани, а за останатите 20, како што рече, нема да прават напори да ги евакуираат се додека не добијат барање од нив дека сакаат да бидат евакуирани.
Во меѓувреме, Владата синоќа ја разгледа и усвои Информацијата за потенцијалните сместувачки капацитети на државните органи за прифаќање на лица од бегалска криза предизвикана од воените дејствија во Украина.
Владата ги задолжи МНР, Министерството за труд и социјална политика, Министерството за внатрешни работи, Министерството за здравство, Министерството за финансии и Генералниот секретаријат на Владата да ги продолжат активностите поврзани со утврдување на капацитетите за сместување и да ги подготват сите активности за организирано прифаќање и згрижување на лицата кои ќе пристигнат во земјата како резултат на бегалската криза заради војната во Украина.
Речиси три недели по инвазијата на Русија врз Украина, бројот на Украинци кои избегаа во странство изнесува речиси три милиони луѓе, соопшти УНХЦР.
Околу 2,95 милиони луѓе досега ја напуштиле Украина, покажаа податоците на Агенцијата на ОН за бегалци (УНХЦР). Таа ги базира своите планови за помош на четири милиони бегалци, но наведе дека бројката најверојатно ќе се зголеми.