Анализа на проф.д-р Марјан Ѓуровски
Денешното оперативно опкружување станува се посложено како резултат на културни, политички, економски, технолошки и пред се општествени промени во светот. Од 2014 година во терминологија се јавува поимот „хибридни закани“ како еволуција на поимот „асиметрични закани“.
Русија развива хибриден пристап, што им нуди широка лепеза на можности надвор од меѓународното право или во неговата сива зона, со цел стекнување одредена предност. Претходно недржавните актери во своите герилски акции вметнувале одредени елементи на асиметричност преку заплашување, пропаганда, атентати, верска и културна индоктринација. За таа намена се користат државни институции, медиуми, верски институции, НВО организации, терористички и бунтовнички групи, криминални структури, но и сајбер војна.
Комплексноста на целата појава и нивото на организираност ги надминува дефинициите за обична асиметричност, веќе станува збор за водење хибридна војна во која се прави обид од внатре да се втурне Македонија.
Руски хибридни закани кон Македонија
Рускиот модус операнди е заснован примарно на ширењето дезинформации. Во Македонија реализира информациска операција со користење на пропаганда, лажни вести, спинови, провокации, дезинформации и креирање перцепција на дефетизам, несигурност, криза и опасност. Преку нив се постигнува ефективно влијание врз гласачите и при тоа користат широк инструментариум за мобилизација преку социјалните мрежи, медиумите, НВО, ДКП, локалните политички субјекти, јавните личности, маргинални групи и сл.
Стратегија: Флексибилна и прилагодувачка, која подразбира воспоставување мрежи на влијанија и ресурси преку инфилтрација во центри на одлучување и влијание (партии, медиуми и НВО), кои би биле ставени во функција на долг рок, независно од развојот на геополитичкиот развој на ситуацијата во Македонија и во регионот.
Тактика: Продлабочување на разликите во општеството преку интеретничка и интраетничка поларизација со ширење говор на омраза, закани, страв, неизвесност и сл.
Алатки: Вмрежување на постојни портали и блогови и нивно координирање од еден центар, формирање наменски домеини со конкретни хаштази, масовна појава на „ботови“ (лажни акаунти и профили) на социјалните мрежи за организирано распространување (шерување или ретвитување) на анти-нато и анти-еу содржини и сл.
Наративот е насочен против НАТО, ЕУ, западните вредности и партиите кои го подржуваат Договорот од Преспа, Македонија дефинитивно ќе исчезне, НАТО е злосторничка организација, ЕУ е пред распад и сл.
Дезинформации (Fake News): РМ во ЕУ ќе се асоцира за 50 години; годишно за НАТО ќе се издвојуваат 200 милиони евра; Албанците ги губат стекнатите права со имплементација на Договорот; РМ во Алијансата може да биде примена и со привремената референца; идентитетот и јазикот ќе бидат „северномакедонски“; Турција ќе стави вето за приемот на РМ во НАТО; Договорот е во функција на Голема Албанија итн.
Спинови (извртувања, замена на тези): Манипулација со тези и деконтекстуализација на фактографијата и наменско акцентирање само на одредени податоци. На пр: менување на институционалниот идентитет; укинување на Преамбулата на Уставот (бришење на одредниците „АСНОМ“ „НОБ“ и „Илинден“;вадење од контекст на изјави на претставници на институциите и сл.
Фалсификати: Објавување измислени изјави или лажни документи од политички или историски карактер со цел компромитација на креаторите на Преспанскиот договор.
Провокативни илустрации преку фотошопирање на светските државници со негативни историски ликови; илустративно идентификување на НАТО со Третиот рајх и сл.
Последици и потенцијални ризици од руските хибридни активности се:
– различна перцепција на граѓаните и потенцијал за зголемување на интраетничката поларизација;
– таргетирање на политичари и јавни личности од албанскиот кампус со цел манипулација и поттикнување незадоволство
– пенетрација во опозициските, народните партии во државата и Грција и вградување анти-нато и евроскептична идеологија и нарација во нивните програми и заложби. Има обиди и за пенетрација во институциите и во некои помали партии на власт;
– придобивање поединци и групи кои идеолошки припаѓаат на ултралевичарски, анархистистички, крајно либерални и есктремно десничарски движења, како долгорочни носители на анти-нато и евроскептична пропаганда во државата
Русија кон светот
Модус операнди на руската надворешна политика и руските разузнавачки служби (РРС) е иста во Европа и на Балканот, но секогаш е прилагодена конлокалните прилики. Различни делови од рускиот хибриден апарат се употребуваат во различен обем и мера според локалните или регионалните потреби на апликација.
За ширење на своето влијание во регионот, надворешната политика на Руската Федерација (РФ) користи класични политички средства за влијание, продор на руските разузнавачки служби (РРС) во политичките и бизнис елити напоединечните земји, економски средства за влијание, енергетски средства за влијание, го распространува своето влијание преку медиумите, културата, академската средина, различни владини и невладини организации кои потекнуваат од РФ или се формирани во поединечните земји, употребува различни маргинални групи, како и Руската Православна Црква (РПЦ), ја употребува и спрегата РРС – организиран криминал (ОК), како ибилатералната воена соработка и својот воено – индустриски комплекс. Најнова алатка на РФ е комбинираното влијание од заеднички интерес на надворешната политика на повеќе држави.
Најчесто користени тактики и техники на РФ на Балканот: користење„прозорци на можности“, информациски операции, рефлексивна контрола, одржување, засилување и креирање „замрзнати конфликти“ и користење „влијателни руски бизнисмени“.
Во моментот, точки со најголем „прозорец на можности“ на Балканот, односно „жешки точки“ се: Дијалогот Србија – Косово, состојбите во БиХ поврзани со Р. Српска.
Руското делување на Балканот е дел од пошироката стратегија на Путин за поткопување на демократијата и западните вредности во целиот западен свет со цел зајакнување на позициите на РФ. Активно учествува на меѓународната сцена и креира слика на светска сила која има конструктивна улога во меѓународните односи, но во суштина одржува отворени и замрзнати конфликти. Користат нелинеарен пристап да креираат перцепција дека западните вредности се лажни и дека ЕУ и САД се неуспешни актери на Балканот.
Авторот е универзитетски професор