Авион и влезница за натпревар на сметка на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), хотелско сместување на сопствена сметка. На тој принцип, односно како ВИП гости во чартерот на ФФМ за Палермо, патувале обвинителката Фатиме Фетаи, министерот за правда Никола Тупанчевски, судијата и поранешен член на Управниот одбор (УО) на Фудбалската репрезентација на Македонија (ФФМ), Лазар Нанев, поранешниот градоначаник на Охрид, Никола Бакрачески, актуелниот градоначалник на Струга, Рамиз Мерко и екс премиерот Владо Бучковски, пренесуваат медиумите. Истиот статус го имале и во ложата на „Ренцо Барбера“.
Дел од нив за медиумите изјавија дека во Палермо биле во сопствена режија, а само Фетаи приложи сметка за платени хотелски трошоци на износ од 24.000 денари. Патем, само Фетаи објави уплатница на сума од 17.000 денари за вечерашниот дуел на македонската фудбалска репрезентација против Португалија во Порто во баражот за пласман на Светското првенство во Катар. Но, таа најави дека ќе даде дополнителни информации за нејзините аранжмани во Палермо и во Порто, доколку такви нешто ќе побара некоја од државните институции.
Останатите не приложија сметки, иако министерот за правда, на пример, најави дека денеска ќе објави за трошоците на аранжманот на југот на Италија. Тој реши денеска да остане во Скопје и вечерашниот меч на фудбалерите да го проследи преку малите екрани, за разлика од Нанев кој не пропушти прилика да замине на Пиринеите.
„Живеј го животот и љубовта кон него. Патриотизмот кон сопствената нација, Македонија и кон спортските успеси немаат граница, ниту километри. Македонија се сака со љубов, не со омраза. Респектот, мирот и бон тон се основните мотиви на просперитетот, 35 години во фудбалскиот спорт се потврда за посветеноста и научниот пристап во спортското законодавство“, напиша Лазар Нанев, претседател на Основниот суд Кавадарци и поранешен член на УО на ФФМ, на Фејсбук.
Посредник на патувањата на фудбалската репрезентација е Т.А. „Гуливер“ од каде велат дека „чартерите за Палермо и за Порто ги организираат за потребите на Фудбалската федерација на Македонија која ги покрива трошоците“.
Фудбалската федерација на Македонија, пак, велат дека картите за „правната тројка“ за натпреварот Италија – Македонија биле гратис. Од таму кажаа дека чартерот, кој го плаќа самата федерација, бил обезбеден, бидејќи Фетаи, Тупанчевски и Нанев си уплатиле аранжман преку агенцијата „Гуливер“.