Определбата на Северна Македонија за членството во Европската Унија (ЕУ) е постојана и конзистентна. Новиот геополитички контекст по руската агресија во Украина само ги потврди нашите континуирани аргументи дека прашањето за проширувањето е, пред сè, безбедносно прашање за регионот, порача министерот за надворешни работи, Бујар Османи по средбата со сојузна министерка за ЕУ и уставни прашања на Австрија, Каролине Едштадлер.
Според Османи, определбата на земјава за членство во ЕУ е конзистента, пред сè, затоа што државата е географски, културно и историски дел од Европа и оттука припаѓа и на Европската Унија.
„Потребата за консолидација на Европската Унија со овој дел од Европа кој е опкружен со земји членки, а не е дел од Европската Унија е исклучително важно за самата Европска Унија. Оттука, ние сметаме дека членството на регионот, но на Северна Македонија пред се, е од додадена безбедносна, политичка и економска вредност за самата ЕУ“, рече Османи.
Тој нагласи дека во овие моменти треба да бидеме сензитивни, затоа што, пред сè, украинските цивили страдаат од агресијата што се случува и тоа го има приоритетот на нашето, па и на светското внимание.
„Меѓутоа, мора да се грижиме и за вулнерабилните точки на континентот како што е Западниот Балкан. Сметам дека не се менува интензитетот на нашата желба за членство во ЕУ, но свесноста, верувам на соседите па и на земјите членки дека ова е важно не само за нас, туку е важно и за Европската Унија од безбедносен, политички и економски аспект“, рече Османи.