Слави Трифонов, лидер на бугарската парламентарна партија „Има таков народ“, со реакција на Фејсбук по објавата на резултатите од Пописот во земјава. Тој забележува дека Бугарите воопшто не биле споменати при денешната презентација на резултатите од директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски.
„Бугарски пасош, само во последните две години, добиле 16.692 граѓани на Северна Македонија. А според законите во Бугарија, за државјанин на Северна Македонија да добие бугарски пасош, мора да го докаже бугарскиот корен. Така, над 100.000 граѓани на Северна Македонија ги докажале своите бугарски корени во Бугарија, а во Северна Македонија се плашат да ги нарекуваат „Бугари“. Зошто во една нормална европска земја, како што тврди Северна Македонија, еден човек би се плашел да каже што е тоа? – Затоа што ова не е нормална, европска земја“, пишува Трифонов.
Ако Северна Македонија, додава Трифонов, „сака да биде нормална, европска држава и да биде дел од Европската Унија, тогаш нејзините граѓани ќе мора слободно да се самоопределуваат и нивните права не смеат да бидат прекршени“.
„Се додека тоа не се случи, Северна Македонија ќе биде дел од Западен Балкан“, заклучува Трифонов на Фејсбук.