Во земјава живеат 1.836.713 милиони лица од кои 58,44 отсто се Македонци, 24,3 отсто се Албанци, 3,86 отсто се Турци, 2,53 отсто се Роми, 1,3 отсто се Срби, 0,87 отсто се Бошњаци, 0,47 отсто се Власи, покажуваат податоците од Пописот на населението, домаќинствата и становите што беше спроведен од 5 до 30 септември во 2021 година.
Државниот завод за статистика (ДЗС) вчера ги објави податоците од спроведениот Попис 2021. Од вкупното резидентно население во земјава, 50,4 отсто се жени, а 49,6 отсто се мажи.
Според возрасната структура, најголем процент од населението спаѓаат во возрасната група од 40 до 44 години. Во земјава се попишани 51 лицe на возраст над 100 години.
Македонскиот е мајчин јазик на 61,38 отсто од попишаните, албанскиот на 24,34 отсто, турскиот на 3,41 отсто, ромскиот на 1,73 отсто, босанскиот на 0,85 отсто, српскиот на 0,61 отсто, влашкиот на 0,17 отсто,
Помалку за 186.000 жители во однос на 2002 година
Пописот спроведен во 2021 година покажа дека вкупното население во државата во однос на 2002 година е намалено за 185.834 лица или за 9,2 отсто. Бројот на вкупното попишано население изнесува 2.097.319 милиони лица. Резидентно население е 1.836.713 милиони, а нерезидентно 260.606.
Од вкупниот број на попишани резидентни жители, 58,44 отсто се Македонци, 24,3 отсто се Албанци, 3,86 отсто се Турци, 2,53 отсто се Роми, 1,3 отсто се Срби, 0,87 се Бошњаци, 0,47 отсто се Власи.
Како Бугари се изјасниле 3.504 лица, што е 0,19 отсто од вкупното резидентно население.
Од неризедентното население, пак, опфатено со пописот, 24,45 отсто се Македонци, 66,36 отсто се Албанци, 4,79 отсто се Турци, 1,02 отсто се Роми, 0,81 отсто се Бошњаци, 0,35 отсто се Срби, 0,19 отсто се Власи.
Од вкупно попишаното население, 54,21 отсто се изјасниле како Македонци, 29,52 отсто се Албанци, 3,98 отсто се Турци, 2,34 отсто се Роми, 1,18 отсто се Срби, 0,87 отсто се Бошњаци и 0,44 отсто се Власи.
Православни 46,14 проценти, муслимани 32,17, попишани и 13.21 отсто „христијани“
Според религиската припадност, 46,14 отсто од резидентното население во земјава или 847.390 лица се изјасниле како православни, 590.878 (32,17 %) како муслимани, 6.746 (0.37 %) како католици, а 242.579 (13,21 %) се издвоени во посебна група како „христијани“, покажуваат пописните резултати што ги објави Државниот завод за статистика.
Како протестанти се декларирале 1.313 лица, а како посебни религиски групи се посочени и евангелско-протестантски христијани 8.764, евангелисти-методисти се 889, евангелисти се 678, адвентисти се 371, баптисти се 70, реформисти се 50, јеховини сведоци се 1.137.
Има и 74 припадници на еврејско (мојсиева) заедница, 96 харе кришна и 894 будисти.
Како атеисти се изјасниле 355, а агностици 1.964 лица.
Непопишани над 132.000 граѓани
Во резидентно население се вклучени и 132.269 граѓани кои не биле попишани, што претставува 7,3 отсто од вкупниот број на евидентирани лица. Податоците за нив, како што објасни директорото на ДЗС, Апостол Симовски, се преземени од административни извори и во нив нема податоци за етнички или верски карактеристики.
Бројката од 132.269 лица, според него, не е голема, со оглед на околностите во кои е спроведен пописот, а тоа е ковид-пандемијата, отсуството на граѓаните поради одмори, но и поради отворениот и скриениот бојкот.
Повеќе домаќинства и станови, просечното семејство е тричлено
Бројот на домаќинства изнесува 598.632, а на станови 839.174. Бројот на домаќинства е зголемен за 34.336 или за 6,1 отсто. Од презентираните резултати, просечно домаќинство брои 3,06 члена. Зголемен е бројот и на станови за 141.031 или за 20,2 отсто.
Бројот на странци кои се времено присутни во земјава на помалку од 12 месеци е 1.674.
Густината на населеност на еден километар квадратен е 72,2 лица, а просечната возраст на населението е 40,08 години. На 1.000 жени има 984,3 мажи.
Речиси третина од населението живее во Скопје
Вкупниот број на жители во Град Скопје изнесува 526.502 лица и во споредба со пописот од 2002 година е зголемен за 3,9 проценти, покажува Пописот спроведен во 2021 година.
Зголемен е бројот и на станови во Скопје и изнесува 213.850 што е пораст за 30,6 проценти во однос на 2002 година.
Најмала општина во земјава е Зрновци, а најголема Куманово. Преброени се и 207 празни населени места.
Реакции за Пописот
Европската Комисија го поздрави пописот во Северна Македонија нарекувајќи го големо достигнување.
„Ова е големо достигнување: обновени податоци за населението се суштински за планирање и имплементирање на соодветни социјални, демографски и економски политики за бенефит на сите граѓани“, рече Ана Писонеро, портпаролка на Европската Комисија.
Според Владата, Пописот на населението е успешно реализиран и дава релевантни информации за реалната состојба на населението, со што на државата ѝ се овозможува да креира политики од интерес на граѓаните и бизнисот. Податоците од пописот беа оценети како сигурни, веродостојни, валидни и корисни за планирање политики.
Владејачката СДСМ смета дека пописот е голем успех за граѓаните и за државата воопшто. Според нив, пописот е спроведен согласно закон и сите правила на Евростат.
Според претседателот на ДУИ, Али Ахмети, земјава по 20 години има појасен увид во врска со целокупното население и процентот на заедници во државата.
За претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, овој попис е некомплетен и најави дека веднаш по промената на власта, ќе се направи нова статистичка и реална операција.
Алијанса за Албанците соопшти дека е во процес на разгледување на објавените резултати и наскоро ќе излезе со детална анализа. Изразија резерви во веродостојноста на овој процес во два сегмента.
За Демократски сојуз, резултатите од Пописот не се одраз на реалноста, тој е неуспешен и за тоа треба да се бараат причините и одговорноста. Според нив, многу фактори влијаеле да не успее пописот: деструкцијата и повикот за бојкот на некои партии, лошите подготовки, методологијата за спроведување на пописот, партизацијата, слабата обука на попишувачите, отсуството на контрола и сл. Предлагаат да се направат дополнителни вкрстувања и проверки на податоците, а за нерезидентното население (иселеници) да се спроведе дополнителен попис.
Левица ги оспорува резултатите од пописот и начинот на кој беа соопштени податоците во присуство на дипломатскиот кор, оценувајќи го тоа како „обид да се бара легитимитет кај странскиот фактор“. Нагласија дека нема да го признаат овој, како што велат, фингиран попис, посочувајќи дека целиот случај ќе биде детално истражен и „ќе следуваат кривични пријави“, што, ќе биде и услов на партијата за влез во идна влада.
Државниот завод за статистика, пак, соопшти дека пописот е спроведен успешно и професионално, а нивниот тим покажа дека може, знаее и умее, дека е една од најпрофесионалните институции во земјава.
Објавувањето на податоците од пописот што се спроведе од 5 до 30 септември 2021 година, ќе се одвива сукцесивно, по сетови на податоци. Првиот сет што се објави вчера, ги опфаќа податоците за вкупното резидентно население, вкупното нерезидентно население, пол, возраст, етничка припадност, вероисповед, мајчин јазик и јазик кој вообичаено се зборува во домаќинствата, број на станови и број на домаќинства, а идните месеци ќе бидат објавувани сетови на податоци за образовните и економските карактеристики на населението, за становите, за домаќинствата, попреченост…
Трет попис по осамостојувањето на државата
Пописот 2021 се спроведе под строги здравствени протоколи и во услови на ковид-пандемија, согласно нова методологија на ЕВРОСТАТ и првпат со комбиниран модел – освен прибирање податоци директно од населението на терен, се користеа и податоци од т.н. претпописна база, каде со внесувањето на матичниот број на граѓанинот во пописната апликација, автоматски се повлекуваа сите податоци што за тоа лице постојат во базите во државата.
Последниот попис во земјава беше одржан во 2002 година, кога вкупното население изнесуваше 2.022.547 милиони лица, имало 564.296 домаќинства и 698.143 станови. Според националната припадност Македонци се изјасниле 1,297,981 милиони граѓани (64,17 %), Албанци – 509,083 (25,17 %), Турци – 77,959 (3,85 %), Роми – 53,879 (2,66 %), Срби – 35,939 (1,77 %), Бошњаци – 17,018 (0,84 %), Власи 9,695 (0,47 %) и 20,993 (1,03 %) останати.
На територијата на земјава, според податоците на Заводот за статистика, првите попишувања се јавуваат во 15 век, кога турските власти ги попишувале само даночните глави и машкото население, а првиот современ попис е спроведен во 1921 година. По Втората светска војна се спроведени осум пописи: 1948, 1953, 1961, 1971, 1981, 1991 и 1994 и 2002 година.
Пописот во 1991 година беше со нецелосен опфат. Затоа во 1994 година повторно е спроведен попис, што е прва пописна операција во Република Северна Македонија по нејзиното осамостојување.