Спротивставени мислења на власта и на опозицијата по денешната расправа за Предлог законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета за кој ќе се гласа во Собранието штом се создадат услови.
Пратениците од владејачката СДСМ оценија дека „не е во ред да се тврди дека предложеното законско решение е цензура на слободата на говор и цензура на говорот“, како што потенцираа пратениците од опозицијата. Според пратениците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, пак, „со такво законско решение се прави рестрикција на мисловниот процес“ и најавија дека ќе поднесат амандмани.
Пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Рашела Мизрахи истакна дека законското решение е неизменето, некорегирано, нецелосно и прави рестрикција на мисловниот процес.
„Можеби сметаме дека во плејадата на закони што минуваат низ Парламентот, незабележано ќе мине и овој, но кога-тогаш законот ќе застане на нозе меѓу јавноста. Од новинарската фела очекувам да го разгледа уште еднаш и да даде своите забелешки, како и целокупното општество“, рече Мизрахи.
Заменик министерот за правда Агим Нухиу, во реплика на пратеничката Мизрахи, рече дека Предлог законот минал неколку фази пред да дојде на пленарна седница.
„Законот е создаден од членови од сите заинтересирани групи, вклучувајќи ги здруженијата на новинари и синдикати, судии, универзитетски професори и не треба да се сомневаме во нивната компетентност. При формулирањето на овие одредби на законот за граѓанска одговорност се преземени и критиките на неколку извештаи, посебно во делот каде се определува целта на законот за да не се ограничи слободата на изразување“, рече Нухиу.
Според пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Миле Лефков, „Министерството за правда со овој закон има единствена цел да ги спаси функционерите од власта од јавната критика“. Тој побара терминот „мислење“ од оваа законско решение да биде заменето со „тврдење“.
Во реплика на пратеникот Лефков, Нухиу рече дека целта на овој закон не е да направи цензура врз слободното изразување и слободниот говор или да има барикади за да ги заштити државните функционери. Доказ дека овој закон гарантира поголема слобода на изразување и на мислењето, нагласи Нухиу, е фактот дека се намалени нематеријалните штети кои за навреда и клевета нема да бидат поголеми од 400 евра за новинарите.
Диме Велковски, пратеник на СДСМ, истакна дека основниот темел на ова законско решение е „правото на слобода на изразување како едно од темелните човекови права кое што е особено значајно за постоењето на демократското општество“. Тој посочи дека целта е да се подобри закононското решение.
Собранието денеска одржа и продолженија на две други седници, на кои на дневен ред беа неколку предлог на закони за кои расправата беше завршена поради очекување за нивно гласање или поради отсуство на нивен претставник.