Католиците денеска го слават најголемиот христијански празник Воскресение Христово – Велигден. Централното одбележување се одржа синоќа во Католичката црква „Пресвето Срце Исусово“ во Скопје, каде имаше Воскресна света литургија.
На литургијата присуствуваа градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, директорот на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи, Даријан Сотировски, поранешниот претседател Ѓорге Иванов…
Велигденска воскресна литургија ја предводеше скопскиот бискуп и струмичко – скопски епарх, Киро Стојанов. Тој им го честиташе празникот на католичките верници и ја прочита воскресната проповед.
„Драги браќа и сестри. Велигденскиот пост го започнавме со страшната воена ситуација со нападот над Украина и поголемиот дел од тоа време на пост, молитва и добри дела го минавме следејќи ги медиумите и извештаите за тоа што се случува со нашите браќа и сестри во Украина. Пред нашите очи се милиони бегалци, илјадници страдалници, жртви на војната, убиени луѓе по улиците на украинските градови, уништени домови и луѓе на улица со крици во устата и солзи во очите. Како браќа по вера, не можевме да се оглушиме, а да не го слушнеме гласот на киевско – халичкиот врховен надбискуп Свјатослав Шевчук, кој повикува и моли за својот народ, но во исто време укажува и на одговорноста на целото човештво“, нагласи Стојанов.
„Нашата вера и сета наша надеж почиваат на оваа сведоштво на првите сведоци на Христовото воскресение. Исус е жив! Бог го постави да им суди на живите и мртвите! Тој е Судија и Спасител. Кој верува во Него, ќе живее и во негово име ќе прими простување на гревовите. За време на појавувањето, Исус ги поздравил своите ученици со зборовите: „Мир вам!“, истакна Стојанов.
„Да го замолиме во оваа време Неговиот збор да допре до свеста на сите оние кои се опиени од сопствениот егоизам, моќ и сила, кои внесуваат немир и раздор, да се откажат од гревот и во името на Бога да почнат да прават добро и да работат на воспоставување мир и правда меѓу сите луѓе и народи во овој свет чии сопственици не сме ние, туку го примивме како подарок што можеме да им го пренесеме на генерациите по нас. Нека и нам Воскреснатиот Исус ни ги отвори очите да поверуваме, бидејќи во спротивно ќе се соочиме само со неодговорени прашања. На сите Ви посакувам среќен Велигден! Христос воскресе! Амин. Алилуја!“, рече скопскиот бискуп и струмичко – скопски епарх Киро Стојанов.