Министерството за надворешни работи се јави со реакција за појавените информации за промена во начинот на кој Република Северна Македонија се именува или обележува во НАТО кои според МНР преставуваат тенденциозна шпекулација наменета за нарушување на угледот и на земјата и на Алијансата.
„Според правилата на НАТО, кои се донесени далеку пред нашето членство, за протоколарни потреби земјите се означуваат со целосните имиња и тоа соодветно на транскрипцијата во англиската азбука (English Alphanumerical), освен кога тоа е технички неизводливо. Со цел да не се промени редоследот, земјите – членки се одбележуваат со првите две букви од името на земјата, и тоа, доколку е тоа со еден збор или со првите букви од двата збора, како во нашиот случај кога името е од повеќе зборови“, се наведува со реакцијата на МНР.
Целта на ова правило, како што објаснуваат од МНР, е соодветно да се адаптираат целосните имиња на земјите, без притоа да се наруши азбучниот ред на англиски јазик по кој се подредени земјите, што, пак, е исто така правило во рамки на Алијансата.
„Согласно горенаведеното, за Северна Македонија (North Macedonia) се користи кратенката NM, a соодветно, според азбучниот ред, земјава се наоѓа меѓу Холандија (Netherlands – NE) и Норвешка (Norway – NO). Истото правило кое важи за нас, посочуваме дека е применето и за кратенките кои се користат за некои други земји – Турција (TU), Германија (GE), Данска (DE), кои исто така не соодветствуваат со нивните ISO кодови. Што се однесува до интерните акти на Алијансата, онаму каде е тоа специфично наведено, се користат кратенките од ISO системот, каде нашата држава редовно е обележана со соодветните ISO кодови – МК и МКД“, порачуваат од Министерството за надворешни работи.