Русија тврди дека го освоила Мариупол или, како што тврдат во Кремљ, го ослободила јужниот пристаништен град во Украина. Иако во Москва ликуваат и најавуваат награди и ордени за своите војници, еден дел од Мариупол сè уште не е во руски раце – тоа е челичарницата Азовстал. Рускиот претседател одлучи да ги запре нападите врз комплексот и да примени друга тактика – блокада на челичарницата. Се поставува прашањето, зошто Русија се откажа од обидот да го освои Азовстал?
Одлуката за запирање на јуришот врз Азовстал, Путин му ја соопштил лично на министерот за одбрана, Сергеј Шојгу, откако тој го известил дека руската војска го зазела Мариупол. Шојгу во својот извештај до Путин навел дека во комплексот на челичарницата останале уште 2.000 украински војници и дека на руските сили ќе им бидат потребни „уште три-четири дена да ја доврши работата“.
„Сметам дека предложеното заземање на индустриската зона е несоодветно. Наредувам да се откаже. Нема потреба да се завлекувате во катакомби и да лазите по земја низ индустриските објекти. Блокирајте ја индустриската зона да не може мува да прелета“, рече Путин и им порача на оние кои сè уште не положиле оружје дека „руската страна им гарантира живот и достоинствен третман во склад со релевантните меѓународни правни акти“.
Три причини за промена на одлуката
Една од причините поради која е запрен нападот би можеле да бидат тому катакомбите што ги споменува Путин, односно комплицираната мрежа на тиунели и подземни бункери кои се наоѓаат ширум комплексот кој се простира на повеќе од 10.000 квадратни километри.
Во Азовстал, една од најголемите челичарници во Европа, тунелите се спуштаат и до шест ката по земја, како што е прикажано на мапата која го прикажува само еден од објектите во челичарницата. На површината се наоѓа читава низа на објекти, како бројни складишта, згради и оџаци кои овозможуваат засолниште за украинските војници.
Во внатрешноста на бункерите и тунелите, кмои се направени како засолниште од нуклеарни напади, може да престојуваат до 40.000 лица. Проценките се дека низ тие тунели моментни се кријат околу 3.000 луѓе – околу 2.000 украински борци, според тврдењата на Русија, и околу 1.000 цивили (како што тврди Украина).
Влегување во тунелите би значело борба под земја која би траела со денови, со оглед дека 3.000 луѓе се скриени во различни делови на комплексот. Се проценува дека бројот на жртви би бил огромен, а дека тактиката на опсада би имала спротивен ефект, бидејќи војската и цивилите од тунелите би морале да се предадат во еден момент поради недостаток на храна, вода и муниција. Блокадата, исто така, би била поедноставна операција за руската војска, со оглед дека Азовстал од центарот на Мариупол го дели и реката Калмиус.
Од друга страна, како една од можните причини за запирање на нападот, „Би-Би-Си“ го гледа економскиот момент, со оглед дека станува збор за една од најголемите челичарници во Европа, меѓутоа и можна желба на Владимир Путин за одржување на дипломатскиот процес во живот, откако украинскиот претседател Володимир Зеленски најави дека ќе ги прекине преговорите во случај на ликвидација на последните бранители на градот.
Азовстал за време на првата битка за Мариупол
Азовстал, денеска приватна челичарница во сопственост на најбогатиот Украинец, Рихат Ахметов, почна со работа во 1933 година. Работата во комплексот беше привремено прекината по освојувањето на Мариупол од нацистите, за комплексот да биде обновен по Втората светска војна, а дел и повторно изграден кога се изградени и тунелите и бункерите како засолништа во страв од можен нуклеарен конфликт меѓу СССР и САД.
За време на првата битка за Мариупол во 2014 година, бункерите и тунелите, исто така, се користеа како засолништа за цивили, но и како база на Азовскиот баталјон кој во тоа време беше паравоена формација составена од странски доброволци, националисти и ултрадесничари од Украина.
Клучните битки се водеа кон крајот на август во 2014 година, но проруските сепаратисти обединети во Народната милиција на самопрогласената Доњецка Народна Република не успеаја да го освојат градот. Битката беше завршена со потпишување на договорот од Минск во септември во 2014 година, а Мариупол остана под контрола на украинската армија.
Од тогаш, седиштето на Азовскиот баталјон е во Мариупол, иако озлогласениот полк влече корени од Харков од 2005 година и екстремистичката организација „Патриоти на Украина“. Русија ги смета припадниците на Азовскиот баталјон за неонацисти, додека Украина, по првата битка за Мариупол, го призна како дел од Националната гарда која е под контрола на украинското Министерство за внатрешни работи.
Преземено од нова.рс