Пловечката единица за складирање и регасификација со капацитет од 153.500 кубни метри на ЛНГ ќе се поврзе со Националниот систем за пренос на природен гас (NNGTS) на Грција со цевковод долг 28 километри, преку кој гасифицираниот ЛНГ ќе се пренесува на пазарите во Грција, во Бугарија и во поширокиот регион (Романија, Србија, С. Македонија, итн.), а веројатно и на Украина.
Александруполис се очекува да работи до крајот на 2023 година, при што договорениот капацитет за регасификација ќе достигне веќе до 60 отсто од неговиот технички капацитет од 5,5 милијарди кубни метри годишно. Самостојниот систем за природен гас (INGS) на Александруполис е вклучен и финансиран од Оперативната програма на НСРР „Конкурентност, претприемништво и иновации 2014-2020“ (EPAnEK), со јавна потрошувачка од 166,7 милиони евра.
Гастрејд до Регулаторното тело за енергетика (RAE) достави и барање за нова лиценца за независен систем за природен гас (INGS) за проектот „Тракија INGS“ кој, исто така, ќе се состои од Пловечка единица за складирање и регасификација (FSRU) и ќе биде развиен во близина на првата пловечка единица на Тракиското Море, близу брегот на Александруполис.
Основачкиот акционер и претседател на Одборот на директори на Гастрејд, Елмина Копелузу истакна:
„Енергетската мапа се менува. Влегуваме во последната фаза на имплементација на Александруполис (FSRU), важен и иновативен проект за Грција која со овој проект ѝ покажува на Европа дека може да одговори со цврсти стратешки чекори на неизвесноста на времето и, преку растот, да понуди решенија од кои секој може да има корист. Од Александрополис ја правиме Грција енергетска референтна точка во регионот, придонесувајќи за енергетската безбедност и диверзификацијата на изворите на снабдување, со придобивки за милиони граѓани во многу различни земји“.
Потпретседателот и извршен директор на Гастрејд, Константинос Сифнаиос, истакна:
„Стратешката и економската неопходност, но и важноста на проектот на ЛНГ станицата на Александруполис е повеќе од очигледна во новиот енергетски пејзаж. Со овој многу важен проект кој ги обедини земјите кои живеат во ова соседство на Европа, ја зајакнуваме регионалната енергетска безбедност, енергетската ликвидност, безбедноста и благосостојбата на граѓаните низ регионот на Југоисточна Европа. Би сакале да им се заблагодариме на нашите акционери, кои се темелите на севкупниот успех, како и на големата мрежа на организации и луѓе кои придонесоа за пуштање во употреба на станицата за ЛНГ Александруполис. Александрополис е вратата, а Бугарија е сврзувачка алка на синџирот за снабдување на овој проект кон Србија и Романија. Втората пловечка единица за складирање и регасификација, која беше лиценцирана од Регулаторното тело за енергетика минатиот четврток, овозможува натамошно проширување на овој синџир до Молдавија и до Украина“.
Извршниот директор на Gaslog Cyprus Investments Ltd, г. Паоло Еноизи, истакна „Сите во ГасЛог сме исклучително горди за нашето учество во проектот Александруполис кој започна денеска. Трагедијата што моментно се случува во Украина ја истакна важноста на ЛНГ не само како гориво што ќе овозможи транзиција кон помали емисии низ светот, но и како критичен елемент на плановите за енергетска безбедност на многу земји. ГасЛог, како водечки снабдувач на транспорт со ЛНГ придонесе за севкупната спецификација на Пловечката единица за складирање и регасификација, нејзиниот дизајн и на крајот нејзината изградба и ќе ја испорача физичката пловечка единица во Александруполис до крајот на 2023 година“.
Претседателот на DEPA Commercial S.A, Јоанис Пападопулос и извршниот директор Константинос Ксифарас заеднички нагласија дека „ЛНГ терминалот Александруполис, како најголем енергетски проект во Грција во последните години, е стратешка инвестиција што ќе придонесе за безбедно снабдување со природен гас за нашата земја“.
Извршниот директор на Булгартрансгас, Владимир Малинов истакна: „Важноста на независниот систем за природен гас во Александруполис како нова енергетска порта е клучна за Југоисточна Европа. Терминалот ќе ги обезбеди потребните дополнителни количества на природен гас, нудејќи пристап до производителите од целиот свет и поврзување со соодветни рути за снабдување на сите заинтересирани корисници во регионот. Нивото на резервиран капацитет и интересот на трговците и потрошувачите го докажуваат и стратешкото значење на терминалот и неговата економска ефикасност. Благодарение на терминалот, Бугарија, Грција и соседните земји ќе можат целосно да ги искористат предностите на растечкиот пазар на ЛНГ и сигурноста и конкурентните цени што ги обезбедува“.
Извршниот директор на DESFA S.A, Марија Рита Гали, изјави: „Александруполис има за цел да ја постави Грција како земја со водечка улога во регионалните енергетски случувања, решително зајакнувајќи ја, среде предизвикувачкиот меѓународен пејзаж, енергетската безбедност на Грција и поширокиот регион.
Меѓусебното поврзување на овој стратешки важен проект со постојните и новите извозни рути кон Бугарија и С. Македонија, преку мрежата на ДЕСФА, ќе овозможи зголемување на извозот на земјата на пазарите во Југоисточна и Централна Европа, дополнително воспоставувајќи ја Грција како енергетски центар. ДЕСФА кон овој проект придонесува со својата водечка експертиза и своето широко знаење за изградба и успешно функционирање на терминал за регасификација повеќе од 20 години, останувајќи посветен на развојот на енергетската инфраструктура со висока додадена вредност, која ја зајакнува безбедноста на снабдувањето овозможувајќи натамошна диверзификација на изворите на снабдување и енергетска транзиција на државата и поширокиот регион.
Гастрејд СА (GASTRADE S.A.) е првата компанија во Грција која доби лиценца за независен систем за природен гас. Таа ги проучува, дизајнира, развива и работи на инфраструктури кои се неопходни за прием, пренос и дистрибуција на природен гас, гас, како и за негово складирање, втечнување и регасификација на безбеден, сигурен и финансиски здрав начин.
Петте акционери на Гастрејд (Gastrade) се Елмина Копелузу, Гаслог Кишпар Инвестментс Лтд. (GasLog Cyprus Investments Ltd.), ДЕПА Комерцијал А.Е. (DEPA Commercial A.E.), бугарскиот Булгартрансгас (Bulgartransgaz EAD „BTG“) и ДЕСФА С.А. (DESFA S.A.).