Претставници на Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК) и на Министерството за образование и наука (МОН) денеска во седиштето на СОНК одржаа уште една средба за усогласување на платите и за колективните договори во основните и средните училишта во рамки на новиот десетдневен рок за усогласување на отворените прашања со посредство на помирувач.
По двочасовната средба не беа соопштени детали, а СОНК и МОН договорија нова средба во петок. Претставници на Синдикатот утре ќе имаат средба со Министерството за труд и социјална политика на која, како што наведуваат од МТСП, ќе биде отворено прашањето за Колективниот договор за предучилишни установи, кој истекува во јуни, како и прашањето за постојното законско решение во делот на исплата на плати.