Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА) ќе продолжи да чекори по патот кон автокефалност, најави архиепископот г.г. Стефан по денешната заедничка литургија за помирување со Српската православна црква (СПЦ) во храмот „Свети Сава“ во Белград.
Тој најави дека на почетокот на јуни ќе одржи заедничка литургија и со Вселенскиот патријарх Вартоломеј во седиштето на цариградската патријаршија во Истанбул. Дотогаш, г.г. Стефан истакна дека од Синодот на СПЦ ќе очекува одлука по барањето на МПЦ-ОА за автокефалност што потоа ќе треба да се проследи и до Вселенската патријаршија.
Македонската и Српската црква, со денешната заедничка литургија во Белград, повторно се во канонско единство по 55-годишниот раскол.