По објавувањето на „Нечиста крв“, во Лекарската комора секојдневно пристигнуваат претставки од граѓани со лични искуства од лекувањата во приватната болница „Жан Митрев“, но и во други приватни и државни здравстени установи за кои бараат и ревизија на нивното работење.
Во Министерството за здравство, во Лекарската комора, во Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) и во Агенцијата за лекови МАЛМЕД се формирани повеќе стручни комисии и работни тела и сите во рамките на своите надлежности ќе треба да изготват записници кои треба да ги достават до Министерството, а потоа тие да бидат доставени и до Владата.
Засега е непознато до кога тие стручни комисии и работни тела имаат рок за да ги завршат надзорите, ниту кој се членува во нив. Во повеќето институции, како што наведуваат и од ИРЛ, се правдаат со одморите и недостаток на персонал.
„Во Македонија нема недопирливи“, порача министерот за здравство Беким Сали на 18 јули, ден по емитувањето на документарецот „Нечиста крв“ на ИРЛ во кој, преку случајот на велешкото семејство Брезеви, се истакна за појава на интрахоспитални инфекции во Приватната здравствена установа „Клиничка болница Жан Митрев“, потоа зошто истите не биле пријавувани, за финансиски малверзации и за методот на хемофилтрација со кој се третирале пациенти со ковид-19.
Сали најави и одговорност, како што рече, ако се утврди, меѓутоа од тогаш мина речиси половина месец, јавноста е во исчекување на конректни одговори, а истрагата, се чини, како да тапка во место. На надлежните институции можеби им оди во прилог сезоната на годишни одмори и потребата од време за спроведување на сеопфатна анализа за наводите на ИРЛ кои ја разбрануваа македонската јавност, но и во регионот со оглед на големиот број на пациенти од Косово кои доаѓаат за здравствени услуги во Македонија.