20 години од загинувањето на Претседателотна Република Македонија Борис Трајковски – 26 февруари 2004
НОВА пренесува хронологија вести на Македонската медиумска агенција – МИА за авионската несреќа во која утрото на 26 февруари на пат за Мостар, БиХ, во близина на мостарскиот аеродром, крај Столац на месноста Ротмиље, Кота 524, се урна државниот авион при што трагично загина Претседателот на Република Македонија Борис Трајковски.
Во несреќата загинаа и осумте патници членови на неговиот кабинет, советниците Димка Илкова Бошковиќ, Ристо Блажевски и Анита Кришнан Лозановска, на обезбедувањето Миле Крстевски, Аце Божиновски и Борис Велиновски како и екипажот на авионот капетанот Марко Марковски и копилотот Бранко Ивановски.
Владиниот авион од типот „Кингер“ во услови на магла и сложени метеоролошки услови се урна на брдовит терен во близина на мостарскиот аеродром кај местото Столац, кота 524.
КОБНАТА КОТА 524
февруари 2004 08 : 01 – 05 март 14 : 00
175 часа вести
ВО БИХ УТРЕ ДЕН НА ЖАЛОСТ ПОРАДИ ЗАГИНУВАЊЕТО НА ТРАЈКОВСКИ
Мостар, 26 февруари (МИА) – Во Босна и Херцеговина утре ќе биде прогласен Ден на жалост поради загинувањето на македонскиот претседател Борис Трајковски, изјави претседавачот на Претседателството на БиХ Драган Човиќ.
Тој додаде дека во Мостар и во Сараево ќе бидат извршени сите комеморативни активности по повод трагичното загинување на македонската делегација во авионската несреќа во близина на Мостар.
Човиќ на конференцијата за новинари во Мостар изјави дека и официјално е потврдено дека нема преживеани во несреќата и нагласи дека по тој повод ќе биде одржан состанок на новоформираното тело кое ќе одлучи за активностите кои државата ќе ги преземе во врска со трагичниот настан.
“Авионот кој паднал е лоциран на еден непристапен простор, на кој пристап имаат само припадниците на СФОР и на Министерството за внатрешни работи. На теренот се наоѓаат сите мобилни екипи со кои БиХ располага со цел да што побрзо да се дознаат причините за несреќата”, истакна Човиќ.
Во Мостар за вечерва се откажани сите културни и забавни манифестации, а утре ќе бидат откажани и во целата БиХ.
РЕАКЦИИ НА ПРОДИ И ПАТЕН ПО ПОВОД СМРТТА НА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ ТРАЈКОВСКИ
Брисел, 26 февруари (МИА) – Претседателот на Европската комисија Романо Проди испрати порака по повод трагичната смрт на македонскиот претседател Борис Трајковски.
“Ова е тажен ден за Македонија која губи еден многу мудар и умерен лидер. Тажен ден за Балканот за чија интеграција тој многу се залагаше. Тажен ден и за Европа која губи пријател и поддржувач на толеранцијата која лежи во основата на нашата Унија”, се наведува во писмото на Проди.
Претседателот на Еврокомисијата изразува сочувство до Владата, до граѓаните на Македонија, како и на роднините на претседателот Трајковски и на сите оние кои го загубија животот.
Писмо со сочувство по повод трагичната смрт на претседателот Трајковски испрати и Еврокомесар за надворешни работи Крис Патен
“Длабоко сум потресен од веста за смртта на претседателот Трајковски. Со него имав блиска соработка за време на кризата што доведе до потпишување на Охридскиот договор и негово спроведување. Тој беше многу посветен на неговата земја и голем пријател на Европската Унија”, се наведува во писмото на еврокомесарот Патен. Преку неговата посветена работа, тој ја приближи земјата до европското семејство”, се наведува во писмото на европкомесарот Патен.
РЕАКЦИЈА НА ПУТИН ПО ПОВОД СМРТТА НА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ ТРАЈКОВСКИ
Москва, 26 февруари (МИА) – Рускиот претседател Владимир Путин, по повод смртта на шефот на македонската држава Борис Трајковски, испрати порака со сочувство до претседателот на македонското Собрание, кој е вршител на должноста претседател на државата, Љупчо Јордановски.
Во телеграмата се истакнува дека во Русија со “длабока жал е примена трагичната вест” за смртта на Трајковски. Во неа Путин го потенцира личниот придонес на Трајковски во развојот и зајакнувањето на руско-македонските односи. Рускиот претседател истакна дека имал чест неколку пати да се сретне со Трајковски и оти за него чувствувал големи симпатии и почит.
Путин во телеграмата изрази длабоко сочувство до македонскиот народ, роднините и пријателите на загинатите во авионската несреќа, јави руската агенција ИТАР-ТАСС.
ЗНАМИЊАТА НА НАТО НА ПОЛОВИНА КОПЈЕ ПОРАДИ ТРАГИЧНАТА СМРТ НА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ ТРАЈКОВСКИ
Скопје, 26 февруари (МИА) – По повод смртта на претседателот на Македонија, Борис Трајковски, Северноатлнтскиот совет донесе одлука, во НАТО да бидат спуштени знамињата на половина копје во текот на денешниот ден.
Ова е прв пат во историјата на НАТО знамињата да бидат спуштени на половина копје за претседател на земја – партнер, соопшти Агенцијата за информации.
ПРОДОЛЖУВА ПОТРАГАТА ПО ВИСТИНСКАТА ЛОКАЦИЈА НА АВИОНСКАТА НЕСРЕЌА
Столац, 26 февруари (МИА) – Новинарката на МИА, што требаше да известува за активностите на претседателот Трајковски од Меѓународната конференција во Мостар штотуку јави дека спасувачките екипи на СФОР и на босанските власти, што на локацијата Долно Битоње трагаа по остатоците од авионот на македонскиот претседател што се урна претпладнето во близина на Столац ја прекинаа потрагата на таа локација без да пронајдат ништо.
Потрагата продолжува на други локации на планината Врсник на кои се претпоставува дека паднал авионот.
Дополнителен проблем за спасувачките екипи се непристапниот терен, лошите временски услови и опасноста од неексплодирани мини останати од времето на војната во Босна.
ЛЕПАВЦОВ: НЕМА ОФИЦИЈАЛНА ПОТВРДА ЗА СУДБИНАТА НА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ ТРАЈКОВСКИ
Скопје, 26 февруари (МИА) – Немаме официјална потврда за судбината на претседателот и за членовите на делегацијата која патуваше со него, изјави портпаролот во Кабинетот на претседателот на Република Македонија Андреј Лепавцов.
Информирани сме дека пред половина час СФОР им дозволил на хеликоптерите на Министерството за внатрешни работи да полетаат со своја екипа и да ја бараат точната локација на паднатиот авион. До пред еден час, како што рече Лепавцов СФОР немал точна информација за локацијата каде паднал авионот, познат е само атарот.
Сите информации во овој момент не дозволуваат да шпекулираме со судбината на претседателот Трајковски. Штом ќе добиеме официјално соопштение од босанското МВР ќе можеме да кажеме и за нивната судбина. Според информациите на СФОР, рече Лепавцов тој предел од Босна каде што паднал авионот е миниран и тоа е уште една отежнувачка околност.
ПРЕМИЕРОТ ЦРВЕНКОВСКИ СЕ ВРАТИ ОД ДАБЛИН
Скопје, 26 февруари (МИА) – Македонската државна делегација, предводена од премиерот Бранко Црвенковски, пред малку пристигна на Скопскиот аеродром од Даблин каде што денеска требаше да биде поднесена апликацијата за членство на Република Македонија во Европската унија.
Премиерот Црвенковски по повод уривањето на авионот на претседателот на државата Борис Трајковски, попладнево во 17 часот во Владата ќе даде изјава.
Попладнево ќе биде одржана и вонредна седница на Владата на Република Македонија.
ДО КАБИНЕТОТ НА ТРАЈКОВСКИ НЕ ПРИСТИГНАЛА ОФИЦИЈАЛНА ПОТВРДА ЗА НЕГОВАТА СУДБИНА
Скопје, 26 февруари (МИА) – Кабинетот на претседателот на Република Македонија до 16,30 минути попладнево не доби никаква потврда за судбината на претседателот Борис Трајковски и членовите на делегацијата кои се наоѓаа во авионот што се урна изутрината, изјави портпаролот на претседателот Андреј Лепавцов.
“Кабинетот штотуку контактираше со претставниците на СФОР во Босна и на локалната полиција во Мостар, и од двете страни беше изјавено дека авионот се уште не е пронајден, ниту пак членовите на делегацијата што патуваше со него”, рече Лепавцов. Тој додаде дека претставниците на СФОР го информирале оти потрагата трае, но дека временските услови се многу лоши, видливоста е слаба, а голема е и опасноста од минирани подрачја.
“Потрагата ја врши СФОР заедно со босанските власти, но локацијата на урнатиот авион се уште не е одредена и не се знае дали е тоа е територијата на Република Српска или во Муслиманско-хрватската федерација”, истакна портпаролот на претседателот.
Лепавцов посочи дека нема информации за пронајдени тела од лицата што патувале со авионот. Во врска со веќе објавените информации од босанската Влада, тој рече дека таа се повела од информации на СФОР, кои подоцна биле демантирани.
“Сега тие тврдат дека местото на уривањето на авионот не е одредено” рече Лепавцов, најавувајќи дека Кабинетот на претседателот ќе излезе со информации штом ќе има нови сознанија и евентуално потврда за несреќата.
РЕАКЦИЈА НА ЏОРЏ РОБЕРТСОН ПО ПОВОД ЗАГИНУВАЊЕТО НА ТРАЈКОВСКИ
Брисел, 26 февруари (МИА) – “Ова е вистинска трагедија за Македонија и за Европа”, се наведува во соопштението на поранешниот генерален секретар на НАТО Џорџ Роберстон по повод смртта на претседателот Борис Трајковски.
“Се простувам од храбриот државник кој се бореше демократските вредности да надвладеат во неговата земја и Македонија да се приближи кон евроатлантските институции, вклучувајќи го и НАТО”, наведува Робертсон.
(УРГ) КОНТАРДИКТОРНИ ТВРДЕЊА НА БОСАНСКИТЕ ВЛАСТИ ЗА УРИВАЊЕТО НА АВИОНОТ НА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ ТРАЈКОВСКИ
Столац, 26 февруари (МИА) – Официјалните претставници во Босна и Херцеговина денеска излегоа со спротивставени тврдења околу уривањето на авионот на македонскиот претседател Борис Трајковски и за неговата и судбината на другите лица што се наоѓаа во авионот.
Претседавачот на Претседателството на БиХ Драган Човиќ на прес конференција во Мостар, изјави дека и официјално е потврдено дека авионот се урнал и оти нема преживеани во несреќата.
Портпаролот на Министерството за внатрешни работи на Муслиманско-хрватската федерација Неџад Вејзагиќ, соопшти дека спасувачките екипи го пронашле местото на уривањето на авионот и оти никој од патниците не преживеал.
Портпаролот на СФОР Дејл Саливен, пак, демантираше дека е пронајдена локацијата на која се урнал авионот.
“Се што можам да кажам е дека местото на несреќата се уште не е лоцирано. Тоа е тешко достапен реон”, рече Саливен.
Министрите за надворешни работи и за безбедност, Младен Иваниќ и Бариша Чолак, исто така, изјавија дека не е пронајдено местото каде што се урнал авионот.
Спасувачките екипи на СФОР и на босанските власти, кои на локацијата Долно Битоње трагаа по остатоците од авионот на македонскиот претседател што се урна претпладнето во близина на Столац, ја прекинаа потрагата на таа локација без да пронајдат ништо.
Потрагата продолжува на други локации на планината Врсник на кои се претпоставува дека паднал авионот.
Проблем за спасувачките екипи се непристапниот терен, лошите временски услови и опасноста од неексплодирани мини останати од времето на војната во Босна.
ИЗЈАВА НА ПРЕМИЕРОТ БРАНКО ЦРВЕНКОВСКИ ПО ПОВОД УРИВАЊЕТО НА АВИОНОТ НА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ ТРАЈКОВСКИ
Даблин, 26 февруари (МИА) Република Македонија денеска претрпе огромна загуба. Се урна авионот во кој патуваше претседателот на државата Борис Трајковски заедно со уште осум членови од делегацијата и екипажот. До овој момент официјална потврда од официјалните институции на Босна и Херцеговина за преживеани нема и од нивна страна се оценува дека шансите за таков епилог се минимални.
Во овие тешки моменти јас, Владата и македонските граѓани сме заедно со семејствата на претседателот и останатите настрадани и ја споделуваме нивната огромна болка. Ги изразувам нашето длабоко жалење и искрено сочувство.
Ова се моменти кога е неопходно единство на нацијата. Очите на целиот свет се свртени кон нас. Уверен сум дека уште еднаш, дури и при вакви трагични околности, ќе ги потврдиме нашиот државотворен капацитет, демократската зрелост и високата општествена свест. Институциите на државата ќе продолжат да функционираат нормално и одговорно во согласност со Уставот и законите.
Владата на Република Македонија вечерва ќе одржи вонредна седница на која ќе се донесат сите одлуки и ќе се преземат сите неопходни мерки во вакви околности. Веднаш потоа ќе заседава и Советот за безбедност кој ќе ги разгледа вкупните состојби на новонастаната ситуација.
Во текот на утрешниот ден ќе организирам средби со лидерите на политичките партии од кои очекувам со одговорно и соодветно на ситуацијава однесување да дадат сопствен придонес за надминување на оваа состојба.
Загубата е огромна, треба да жалиме, но не и да стравуваме. Македонија е цврста и стабилна држава и ќе го продолжи својот пат.
РЕАКЦИЈА НА ОБСЕ ПО ПОВОД СМРТТА НА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ ТРАЈКОВСКИ
Виена, 26 февруари (МИА) – “Од сите земји-членки на ОБСЕ сакам да изразам жалење за трагичната смрт на македонскиот претседател Борис Трајковски и да упатам сочувство до семејствата на загинатите и до граѓаните на Македонија”, изјави претседавачот на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) бугарскиот министер за надворешни работи Соломон Паси.
Претседавачот на ОБСЕ истакнува дека претседателот Трајковски беше “клучна фигура која придонесе за враќање на чувството на единство меѓу различните етнички групи во Македонија”.
ПРОДОЛЖУВА ПОТРАГАТА ПО УРНАТИОТ АВИОН НА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ ТРАЈКОВСКИ
Мостар, 26 февруари (МИА) – Спасувачките екипи на СФОР и на босанските власти ќе трагаат по урнатиот авион на претседателот Борис Трајковски се додека дозволуваат временските услови, јавува известувачот на МИА од Мостар.
Според последните официјални информации, и покрај интензивната потрага, досега не се пронајдени остатоците од урнатиот авион ниту телата на лицата што патуваа во него.
Во Сараево вечерва се одржуваат вонредни седници на Претседателството и на Советот на министри на Босна и Херцеговина, а поради несреќата утре во земјата е прогласен ден на жалост.
Авионот со кој претседателот Трајковски требаше да пристигне во Мостар за да учествува на Меѓународната конференција за инвестиции, се урна во реонот на селото Битуње, во општината Берковиќи. СФОР соопшти дека околу 9 часот изгубил контакт со претседателскиот авион кој во Мостар требаше да слета во 8 часот и 30 минути.
Во авионот покрај Трајковски, се наоѓаа уште шест патници и двајца членови на екипажот.
ИЗЈАВА НА АНДРЕЈ ЛЕПАВЦОВ
Скопје, 26 февруари (МИА) – Најновите резултати што Кабинетот на Претседателот на Република Македонија ги добил до 17 часот говорат дека се уште нема никакви податоци за исчезнатиот авион на претседателот Борис Трајковски.
Како што соопшти вечерва портпаролот на претседателот Андреј Лепавцов од босанското Министерство за внатрешни работи СВОР им било соопштено оти нема напредок во потрагата.
“Пребарувањата на теренот од воздух е запрено во 18 часот, а ќе продолжи утре наутро со ангажирање на седум хеликоптери од босанската полиција. Теренските екипи на босанското Министерство за внатрешни работи и на СФОР продолжуваат со потрагата и во текот на ноќта во оние делови каде што со сигурност е утврдено дека нема мини”, изјави Лепавцов.
КОЛИН ПАУЕЛ: ТРАЈКОВСКИ БЕШЕ ПРИЈАТЕЛ НА САД
Вашингтон, 26 февруари (МИА) – Американскиот државен секретар Колин Пауел, од името на американската администрација, изрази сочувство на македонските власти по повод трагичната смрт на македонскиот претседател Борис Трајковски, истакнувајќи дека тој бил “голем пријател на САД”.
“Можеме да бидеме горди на она што го постигнавме во Македонија, особено со претседателот Трајковски”, изјави Пауел во Вашингтон, нарекувајќи го македонскиот претседател негов личен пријател.
ИЗЈАВА НА НИКОЛА ГРУЕВСКИ
Скопје, 26 февруари (МИА) – “Навистина сум згрозен од изјавите на некои високи политичари во државава кои најмалку од хумани човечки побуди не требаше претседателот Борис Трајковски да го прогласат за мртов”, изјави вечерва пред почетокот на Советот за безбедност лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски.
Во нас се уште постои зрнце на надеж дека претседателот и членовите на делегацијата се живи”, додаде тој и порача дека сите напори во моментов треба да се насочат кон притисок на босанските власти да не ја прекинат потрагата во текот на ноќта.
ВЛАДАТА ПРОГЛАСИ ТРИДНЕВНА ЖАЛОСТ
Скопје, 26 февруари (МИА) – Владата на РМ на вечерашната вонредна седница донесе одлука знамињата на државните институции да бидат симнати на половина копје и прогласи тродневна жалост, почнувајќи од утре.
“Владата заклучи дека на Република Македонија и е нанесена огромна загуба, меѓутоа дека сите институции функционираат нормално и непречено и дека не се доведени во прашње безбедноста и сигурноста на државата”, изјави владиниот портпаролот Сашо Чолаковски.
ПОТРАГАТА ПО УРНАТИОТ АВИОН НА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ ТРАЈКОВСКИ ПРОДОЛЖУВА УТРЕ ИЗУТРИНА
Мостар, 26 февруари (МИА) – Потрагата по авионот со кој патуваше претседателот Борис Трајковски вечерва е прекината и ќе продолжи утре изутрина, јави специјалниот известувач на МИА.
Во потрагата по авионот што се урна изутринава во близина на Мостар, ќе учествува мешана екипа составена од претставници од СФОР, од Федерацијата БиХ и претставници на македонската делегација кои вечерва пристигнаа во Мостар, предводена од министерот за правда Иџет Мемети.
Се очекува потрагата да продолжи во близина на местото Столац, каде што се претпоставува дека е урнат авионот во кој беше претседателот Трајковски и шестмина членови на македонската делегација и двајца членови на екипажот.
Во моментов заседава Советот на министрите на БиХ.
Македонскиот министер за правда Иџет Мемети по пристигнувањето во Мостар оствари средба со претставници на босанската Влада.
ХАВИЕР СОЛАНА УТРЕ ВО МАКЕДОНИЈА
Брисел, 26 февруари (МИА) – Високиот претставник на Европската унија за надворешна и безбедносна политика Хавиер Солана утре ќе допатува во Скопје.
Целта на посетата на Солана е да ја повика Македонија да продолжи по патот за приближување до Европската унија.
Во 9,30 часот предвидена е средба на претседателот на Владата на Република Македонија Бранко Црвенковски со Солана, а по разговорот, во 10, 30 часот ќе следуваат изјавите за медиумите од Црвенковски, Солана и претседателот на Собранието Љупчо Јордановски.
СФОР: ПОТРАГАТА ПО УРНАТИОТ АВИОН ЌЕ ПРОДОЛЖИ КОГА ЌЕ ДОЗВОЛАТ ВРЕМЕНСКИТЕ УСЛОВИ
Мостар, 26 февруари (МИА) – Портпаролот на СФОР Дејвид Саливен изјави дека хеликоптерите на Мултинационалните сили и оружените сили во Босна и Херцеговина потрагата од воздух по авионот со кој патуваше претседателот Борис Трајковски ќе продолжи кога тоа ќе го дозволат временските услови.
Саливен повтори дека денеска не се пронајдени никакви делови од урнатиот авион, ниту телата на членовите на македонската делегација.
Министерството за внатрешни работи на Република Српска вечерва соопшти дека на подрачјето Берковиќ ќе упати дополнителни полициски единици со кучиња-трагачи што ќе се вклучат во потрагата.
Дирекцијата за цивилно воздухопловство на Босна и Херцеговина именуваше главен иследник и негови помошници кои би требало да спроведат истрага за причините за падот на авионот.
СЕДНИЦА НА СОВЕТОТ ЗА БЕЗБЕДНОСТ
Скопје, 26 декември (МИА) – Советот за безбедност на Република Македонија на вечерашнава вонредна седница изрази длабоко жалење по повод авионската несреќа што се случи денеска во утринските часови во БиХ.
Врз основа на презентираните информации, Советот заклучил дека сите институции на системот ги извршуваат своите уставни и законски задолженија редовно и со полн капацитет и ги преземаат сите мерки и активности предвидени за вакви состојби.
Исто така вечерва Советот за безбедност ја разгледал актуелната политичко-безбедносна ситуација во државава и врз основа на информациите што ги презентирале надлежните министерства и органи заклучил дека не постојат закани за безбедноста и стабилноста на Република Македонија.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски во знак на протест ја напушти вечерашната седница на Советот за безбедност.
Главната причина, според него, е тоа што власта ги прогласила однапред за мртви сите патници од претседателскиот авион вклучувајќи го и претседателот Борис Трајковски.
“На седницата ја дознав и информацијата дека ноќеска на полноќ ќе биде прогласен ден на жалост што е несфатливо и неприфатливо особено кога се знае дека се уште не се пронајдени телата на деветмината патници”, рече Груевски.
БУЧКОВСКИ: ВО ОВИЕ УСЛОВИ ИМАМЕ НОРМАЛНО ФУНКЦИОНИРАЊЕ НА ИНСТИТУЦИИТЕ
Скопје, 26 февруари (МИА) – “Во овие тешки моменти најбитно за Советот за безбедност беше да се информираме како функционираат институциите на системот и заклучивме дека имаме нормално функционирање и соодветна безбедносна контрола на теренот од страна на Министерството за внатрешни работи и Армијата на Република Македонија”, изјави вечерва министерот за одбрана, Владо Бучковски по завршувањето на седницата на Советот.
Тој изрази жалење што лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски ја напушти седницата.
ЗАЧУВАНА ЛЕНТАТА СО СНИМЕНИОТ ПОСЛЕДЕН КОНТАКТ НА ПИЛОТОТ СО АЕРОДРОМОТ ВО МОСТАР
Мостар, 26 февруари (МИА) – Заменикот-јавен обвинител на Босна и Херцеговина Неџида Крешо вечерва во Мостар изјави дека лентата со снимениот последен разговор на пилотот на авионот со кој патуваше претседателот Трајковски и контролата на летови на аеродромот во Мостар е зачувана и појасни дека снимениот материјал ќе бидат детално разгледан утре изутрина.
“Околу осум часот денеска, контролата на летање на аеродромот во Мостар го добила последниот повик од пилотот на авионот, по што на авионот му се губи трагата”, изјави Крешо, нагласувајќи дека за контролата за цивилни летови во БиХ се надлежни НАТО- силите за стабилизација во БиХ – (СФОР).
(П р о д о л ж у в а)