Комесарот Штефан Филе утре во Скопје доаѓа подготвен да соопшти дека Македонија ќе ја загуби препораката за почеток на преговори доколку не биде изнајдено решение за актулената политичка криза, дознава НОВА од дипломатски извори.
Оваа подготвеност комесарот Филе директно веќе му ја соопштил на вицепремиерот Фатмир Бесими за време на нивната вчерашна средба во Брисел.
Комесарот Филе за време на утрешната посета на Скопје ќе изврши подеднаков притисок на двете страни инволвирани во проблемот.
Од владеачката ВМРО ДПМНЕ се бара јасно да превземе одговорност за инцидентите од 24 декември додека пак врз СДСМ ќе се врши притисок да се откаже од бојкотот на изборите.
Во опција се повеќе компромисни решенија но овие две барања до двете страни се појдовната точка во агендата на комесарот Филе.
Европската комисија изигра најзначајна улога во формулацијата на декемврискиот Совет на министрите за Македонија да добие шанса за старт на преговори за членство во текот на годинава.
Комисијата ќе се откаже од своите залагања доколку не успее да обезбеди Македонија да ги исполни основните политички критериуми какви што се стабилноста на иниституциите и политичкиот дијалог.