Унапредување на политиката на проширување на ЕУ со земјите од Западниот Балкан, зајакнување на заедничката одбрана и подобрување на европската конкурентност, се трите врвни приоритет на претседавањето на Унгарија со Европската Унија во следните шест месеци, што официјално стартува утре и чие мото е „Да ја направиме Европа повторно голема“.
Како што информира постојаниот претставник на Унгарија при ЕУ, Балинт Одор на прес-конференција во Брисел на која ја презентираше унгарската програма за претседавањето со блокот, Будимпешта има седум приоритети.
Покрај проширувањето, одбраната и конкурентноста, меѓу приоритетите на унгарското претседателство ќе бидат и зајакнување на сигурноста на надворешните граници на ЕУ, спроведување на кохезивните политики, поддршка на земјоделството и решавање на демографските проблеми на блокот.
Во Брисел постои стравување дека „лошото момче на ЕУ“ би можело да придонесе за намалување на поддршката на Унијата за Украина. Ваквата загриженост на европските политичари и дипломати произлегува од досегашните искуства со блокадите на Унгарија на исплатата на средства за поддршка на Киев од ЕУ фондовите, како и на санкциите кон Москва поради руската агресија врз Украина, но и најавата на амбасадорот Одор дека Будимпешта, која важи за најблизок сојузник на Русија во Унијата, „нема да ги промовира“ преговорите за членство на Украина и Молдавија.
Дипломатски извори во Брисел посочуваат дека европските лидери се свесни за заканата дека Унгарија може „да го загрози системот на ЕУ“, па затоа се подготвени „да се справат со тврдоглавата Будимпешта доколку тоа биде потребно“. Тие посочуваат дека не е никаква новина дека секоја земја членка на Унијата се бори со сите средства за заштита и остварување на своите интереси, но дека кога претседава со Советот на ЕУ се очекува да ја стави политика на страна и да игра понеутрална улога.