Можеби антиподот на “светли и мрачни” уметнички сцени од спектаклот на отворањето на олимписките игри во Париз и не се толку далеку од реалноста? Ако ништо друго ни’ покажа кој е изборот, што како цивилизација го имаме. Не’ дека е нешто што историјата не го видела. На нас е да избереме кој дел од историјата сакаме да го живееме. И како ќе изгледа погрешниот избор.
Никица Корубин
“Светата војна” за одбрана на моралот и правоверноста на современа манифестација со античка реминисценција, какви што се денес Олимписките игри, во основа не отстапува од вековниот тренд: доминација. Доминација врз вистината или наративот, како што денес би рекле. Доминација на која христијанството како вера, но пред се’ власт е навикнато. Сакрална или световна, сеедно. Но, парадоксот или несовладливата пречка, во духот на спортскиот жаргон, на која наидоа во Париз неволно ги замолчува “гласните”: па каква правоверност (христијанска) барате во секуларизмот на Републиката?
Кој секуларизам нема проблем, директно и без филтер, ама со префинет уметнички допир, и со природната сценографија што Париз ја нуди, да оддаде почит на суштината на Олимпијадата: агонот. Агонот во спортот, во културата, во животот, во создавањето, сеедно. Духот на натпреварот и духовноста како таква. Бидејќи оригиналниот дух на олимпизмот е “агонот” како врвен приоритет.
Тоа не е победата сама по себе, иако се подразбира, туку процесот на тежнеење кон неа, како независна категорија на созревање и дообликување. Начин на градење на личноста и нејзино соочување со светот околу себе. Така доаѓаме до чистиот, незаменлив квалитет и подносливоста на истиот. Дали сме спремни да ја “признаеме” туѓата поединечна супериорност? Да го “простиме” успехот на другиот? Олимпизмот е индивидулаизмот, толку вообичаено за античкиот агон и толку невообичаено за христијанството.
И токму тој индивидуализам, беше и е симболиката на било која Олимпијада, од антиката па се’ до денес. Кој перфектно и брилијантно беше претставен уметнички, како спектакл, сцена, појава или дух, каде ако не во Париз, каде ако не во Републиката. Има ли нешто поприродно од тоа? И токму таа леснотија на вообичаеното, а неочекуваното беше фасцинантна. Затоа што, Олимпијадата е изворно “паганска” зарем не? Кажано со јазикот на политичката коректност, на кој се инсистира и таму каде што не и е место. Во уметноста и вистината. Историски и фактографски прецизно.
Што за наши услови е тешко разбирливо, кога е подеднакво прифатливо за највисока религиозна институција, да се “спои” со пагански (според нив самите) симбол: “сонцето од Вергина”. Тоа е морално, ама античкиот олимпизам во Париз е неморален?
“Имено, кога Александар сакал да се натпреварува и кога слегол во Олимпија, оние Хелени кои требало да се натпреваруваат во трчање не му допуштале да земе учество, велејќи дека натпреварот не е за натпреварувачи барбари, туку за Хелени. Но, кога Александар изјавил дека е Аргеец, му било признато дека е Хелен и тој, натпреварувајќи се, го поделил првото место со друг тркач” – ни’ кажува Херодот за Александар, големиот македонски крал од династијата на Аргеадите, онаа паганска со симболот (а, не знамето) на “сонцето од Вергина” во 5-от век п.н.е. Олимпиец и крал.
Олимписките игри се разбира не се единствените, иако останале запаметени, а потоа и ре-креирани во 19-от век; како најпознати. Имало и Немејски, Истамски, Питијски, Панатенејски – и сите без исклучок посветени на некое (паганско) божество: Херакле, Зевс, Аполон, Атена. Маслинов венец, ловоров венец, дабов венец се награди и престиж, стилот и суштината на тоа време. На кое Париз на свој начин оддаде признание. Со силата на својата секуларност, како одбрана од монополизирање на вистината, историјата и создавањето.
И затоа во време на лажен морал, кој автократски се наметнува скриен позади личната вера и верба на индивидуално ниво; се колективизира нетрпеливоста и се провоцира антагонизам. Антагонизам кон слободата како таква, која формализирана преку демократијата (уште една античка и “паганска” реминисценција) има намера да ја потчини.
Можеби антиподот на “светли и мрачни” уметнички сцени од спектаклот на отворањето на олимписките игри во Париз и не се толку далеку од реалноста? Ако ништо друго ни’ покажа кој е изборот, што како цивилизација го имаме. Не’ дека е нешто што историјата не го видела. На нас е да избереме кој дел од историјата сакаме да го живееме. И како ќе изгледа погрешниот избор.
Од Фејзбук ѕидот на авторката