Браната кај Киев, која е дел од хидроцентралата лоцирана во близина на главниот град на Украина, е погодена за време на денешниот масовен руски напад врз Украина.
Тимофиј Милованов, советник во кабинетот на претседателот Володимир Зеленски, потврди дека браната претрпела удар.
Зеленски претходно изјави дека Русија употребила најмалку 100 проектили и 100 беспилотни летала во нападот. Во нападите загинаа најмалку четири лица, а повеќе од десет се повредени.
Милованов рече дека браната се држи, но и дека во нападот е оштетена електраната.
Доколку браната попушти, голем дел од Киев ќе биде под вода, рече Милованов.
Тој на социјалната мрежа Х објави видео за кое вели дека не е јасно дали го претставува моментот кога Русите ја промашиле браната или се обидувале да го таргетираат долниот дел од браната.
Не е јасно колкава штета е предизвикана на електраната, пишува Kyiv Independent.
Украинскиот Форбс, цитирајќи службеник за енергетика кој остана анонимен бидејќи не бил овластен да зборува за нападот, објави дека целта била електраната.
„Укрхидроенерго“, оператор на украинските хидроцентрали и складишни хидроцентрали, сè уште не ги коментирале информациите.
Зеленски претходно денеска изјави дека нападот нанел голема штета на енергетскиот сектор.