„Алтернатива за Германија“ е подготвена да стане првата екстремно десничарска политичка сила што победила на регионалните избори во Германија по Втората светска војна, покажуваат прелиминарните резултати од вчерашните регионални избори во покраината Тирингија.
Алтернатива за Германија освои 33,2 отсто од гласовите во Тирингија, со убедливо водство пред конзервативната Христијанско-демократска унија (ЦДУ), која се најде на второто место со 23,6 отсто од гласовите, покажуваат прелиминарните резултати објавени вчера од медиумот ZDF.
Во зависност од тоа колку точно пратеници ќе има АфД во Тирингија, таа може, доколку добие доволно претставници во регионалниот парламент, да ги блокира одлуките за кои е потребно двотретинско мнозинство во парламентот.
Во Саксонија, другата германска покраина во која вчера се одржаа регионални избори, прелиминарните резултати покажуваат дека ЦДУ е на прво место со 31,5 отсто од гласовите – само 1,1 отсто пред Алтернативата за Германија. ЦДУ „владее“ во Саксонија од 1990 година.