И затоа ако, некој сака така страсно да докаже, дека прозивките кон министерката за енергетика, поради нејзиното двојно државјанство и бугарска самосвест се принципиелни, треба паралелно со обвинувањето за лицемерност, да ја повикаат веднаш и без одлагање, таа, владата чиј дел е и собранието која ја избрало да ги завршат превземените обврски на државата и да ги стават Бугарите (и себе си со двојното државјанство), во уставот, и да ја прекинат оваа апсурдна (само)дискриминација.
Никица Корубин
Краток е патот од декларативноста на нашата политичка и секаква друга “јавност” дека “немаат ништо против Бугарите да бидат дел од нашиот устав”, до јавниот линч на кои се изложени сите јавни или приватни личности, кои се носители на бугарско државјанство. И одбраната која притоа мора да ја приложат, како осудени на најголемиот можен грев: бугарска самосвест. Одбрана која оди по добро разгазената патека: економски причини.
Но, кои се тие фамозни “економски причини” кои се пласираат со години во јавниот дискурс, како единствена причина зошто некој воопшто би помислил да аплицира за бугарско државјанство? И дали притоа, “економските причини” по автоматизам би значеле и лоша финансиска лична или фамилијарна состојба, на подносителот на барање за бугарско државјанство?
Или “економските причини” би можеле да ги бараме и во бенефициите, кои доаѓаат со поседувањето на државјанство на земја членка на ЕУ, што веќе темата ја поместува од “мораат да бараат бугарски пасош за да преживеат” кон “сакаат да бараат бугарски пасош за да имаат конкретна корист (бенефиција)”. Од “жртва” кон “лукративност”.
И дијапазанот е широк, а границата помеѓу потребата и користа од бугарско државјанство растегната: од пристап до квалитетно и бесплатно високо образование, преку можност за непречен пристап до голем европски пазар за работа, па се’ до бизнис можности, непостоечки или неповолни во сопствената држава.
И кога сме кај “поволноста”, која е особено индикативна, кај јавните и влијателни личности, зарем не е поедноставно “поволните услови” на земја членка на ЕУ да се аплицираат и во Северна Македонија и да бидат достапни за сите, преку членство на Северна Македонија во ЕУ?
Кое членство, иронично или пародично, зависи токму од внесувањето во уставот, на наши македонски државјани, кои се Бугари, со двојно државјанство на земја, која овозможува со години, на многу наши сограѓани, пристап до права и привилегии. Па, зошто тогаш тоа би било “лошо и непожелно”, а не “добро и право на личен избор”? Зошто флагрантно се дискриминира овој личен избор?
И можеби тука и доаѓаме до суштината на широко распространетата појава, на која никој не и ја знае ниту долната, а уште помалку горната граница, но секако од десетици илјади, веќе навлегуваме во стотици илјади македонски државјани (и истовремено етнички Македонци), кои немаат никаков проблем да аплицираат за бугарско државјанство и притоа да декларираат, со целосна свест и одговорност, бугарска самосвест и потекло.
И на страна личната одговорност кон бугарската држава која следи со дадената изјава, чинот дека толкав голем број на наши сограѓани, немаат никаков проблем и страв (за сопствениот македонски идентитет), со истовременото декларарирање на бугарски идентитет; говори погласно од секој вештачки наметнат наратив за наводната “загрозеност на македонскиот идентитет” поради кои ЕУ треба да даде “гаранции” за негово зачувување.
Не навлегувајќи во мотивите на Бугарија, можеби да ги олесни условите и процедурата за македонски државјани, при нивното аплицирање за бугарско државјанство; чинот дека “идентитетското прашање” според актуелниот наратив “загрозено ексклузивно од Бугарија”, не игра апсолутно никаква улога кај нашите сограѓани со двојно државјанство, говори за нивната висока самодоверба во сопствениот идентитет, но и за високата злоупотреба на темата на “идентитетските прашања” од страна на политичката и секаква друга “јавност”.
Па, кого тогаш власта брани, кога тие што треба да бидат одбранети, воопшто и немаат проблем од страна на Бугарија? “Предавници” ли се тие Македонци, кои истовремено се декларирале како Бугари, преку поседување на бугарско државјанство, во извртената логика, на “загрозеноста на идентитетот”, која нели доаѓа “само од Бугарија”?
И ако идентитетот, за кои “ни требаат гаранции” ни е толку “кревок и чувствителен на двојни државјанства”, зошто не се изгласа забрана за поседување на двојно државјанство, за носители на јавни функции?
И дали всушност фразата “економски причини” треба само да ја супституира “непожелната” реалност, на блискоста на бугарското општество, во кое многу Македонци, ги завршувааат студиите, ја градат сопствената кариера и живот, ги започнуваат и успешно реализираат сопствените бизниси, го исполнуваат сопствениот потенцијал, недостижен за нив во нивната држава Северна Македонија?
И затоа ако, некој сака така страсно да докаже, дека прозивките кон министерката за енергетика, поради нејзиното двојно државјанство и бугарска самосвест се принципиелни, треба паралелно со обвинувањето за лицемерност, да ја повикаат веднаш и без одлагање, таа, владата чиј дел е и собранието која ја избрало да ги завршат превземените обврски на државата и да ги стават Бугарите (и себе си со двојното државјанство), во уставот, и да ја прекинат оваа апсурдна (само)дискриминација.
Тоа е единствено одговорно, и суштински различно од наративот на: брутална осуда, задолжително конструриана одбрана (економски причини) и свесно дефокусирање од реалноста.
А, реалноста, колку и да е тешка, е всушност многу едноставна. Има ли нешто полесно од тоа, нашите сограѓани, да бидат дел од нашиот устав? И Севена Македонија конечно да биде дел од ЕУ. Слободен проток, слободен пазар, слободна комуникација.
Слободен избор, каде ќе биде животот, одморите, патувањата и бизнисот. Таму, каде што се и сега. На повеќемината, а не на малкумината. Кој ќе биде всушност изборот на повеќемината, кога нема да ја има контролата? И на наративот и врз државата.
Од Фејзбук ѕидот на авторката