Можеби на прв поглед не изгледа така, меѓутоа работата на еден лустратор е побајаги слична на новинарската практика, со таа разлика што „утврдувачите на факти“ имаат, или би требало да имаат, отворени врати во историскиот архив и во полицијата, нешто за што новинарите може само да сонуваат. Тргнувајќи оттука можам слободно да кажам дека доколку Томе Аџиев и неговите лустраторски колеги би биле новинари, нивниот журналистички дострел, околу историската вистина за Македонија, би можел да излезе само на насловната страница на некој таблоид, веднаш до голите гради на некоја анонимна пејачка во обид.
Аџиев ја лустрираше уредничката на „Фокус“ само врз основа на еден нејзин разговор со полициските службеници од 1993 и врз основа на (прилично пријатен) муабет меѓу полициски инспектор и следено лице, во кој тие ја спомнуваат Костова и кој датира од 1996 година. Замислете, за истражувачот Томе, ова е доволно да се констатира дека Јадранка била кодош, и тоа во целиот период од три години. Сериозен новинар би ги зел овие документи, би направил интервју со жртвата на „кодошлакот“, би се обидел да зборува со луѓето кои тогаш работеле во полицијата и нормално би ја интервјуирал и уредничката на „Фокус“.
Би направил сѐ за да ја убеди јавноста дека документите се само дел од кодошкиот мозаик на колешката Костова. Лустраторите го имаат мандатот на истражувачи, меѓутоа Аџиев вчера не нѐ убеди дека се потрудил да биде сериозен лустратор и со неговиот настап повеќе личеше на продавач на бонбони, како што самиот би се изразил.
Меѓутоа ниту Томе, ниту ние не сме наивни. Јасно е како бел ден дека лустрацијата на Костова е ладнокрвна егзекуција на заканата што Зврлевски преку Обвинителството ја испрати до новинарите пред опозицијата да почне со „бомбардирање“. Тогаш Зврлевски завиено им порача на новинарите дека не смеат да ги објавуваат снимените разговори (прашајте го Горан Петрески) и не треба да си многу паметен за да сфатиш дека тие што не го послушаа, според началничката логика, треба да бидат казнети. Веројатно, ќе се запрашате каква е врската меѓу Аџиев и првиот обвинител и во право сте ако мислите на некаква формално-правна конекција, таква нема. Врската е началничкиот (читајте поданичкиот) однос на Аџиев и на Зврлевски кон фамилијата на власт. За да бидам посликовит, ќе го употребам речникот на Мартин Протоѓер од разговорот со Јанкулоска кога се договараат да ги сотрат следбениците на Љубе. Лустрацијата на Јадранка Костова е показна вежба за другите новинари, предупредување дека секој новинар може да биде „сотрен“ доколку продолжи да ги објавува снимените телефонски разговори.
Оваа лустрациска шарада може да се разбере и како очајнички обид на власта да го ублажи ефектот од „бомбата“, која Заев веќе подолго време ја најавува во врска со сообраќајката на сопственикот на „Фокус“, Никола Младенов. Ако ова сценарио е во игра, пред СДСМ да објави што било за Младенов, луѓето треба да добијат „аргументи“ дека „Фокус“ бил кодошко дувло и оти фокусовци не заслужувале ништо добро. Слично како приказната со јутјуб-клиповите за брат Љубе, која требаше да ја продаде тезата дека Бошкоски си ја заслужил местенката, сосе пиштолот во уста бидејќи потајно бил за промена на името.
Најстрашната димензија од приказнава вчера со својата изјава ја начна колешката Оливера Трајковска. Таа потсети дека со оваа ѓоамити лустрација се урива и угледот на една емисија како „Без наслов, но со повод“, чиј костур го сочинуваше токму Костова. Оливера многу прецизно го лоцираше груевистичкиот инстинкт да се дискредитира сѐ што постоело пред 2006 година, небаре новинарството во Македонија почнува со порталите од Белизе и завршува со колумните на Илија Димовски. Впрочем и лустрацијата важи само за периодот до 2006 година.
Не сакам да ги заплашам колегите новинари, напротив – сакам да ги упатам уште еднаш внимателно да ги преслушаат објавените „бомби“. Од нив може да се чуе дека луѓево на власт се плашат од јавноста и „им тече од панталоните“ кога се соочени со вистинските новинари. Со аферата „Прислушување“ им паднаа маските и без слушалките на уши тие се исплашени човечиња налик на Волшебникот од Оз, кого го открија дека е обичен измамник, кој се крие зад страшната машина.