Претседателот на босанско-херцеговскиот ентитет Република Српска, Милорад Додик, кој се бара во неговата земја поради издржување на пресудената казна затвор од една година за непочитување на одлуките на високиот претставник на меѓународната заедница во БиХ, Кристијан Шмит, вечерва на „Икс“ објави дека пристигнал во Москва.
Откако ја помина минатата недела во Израел, од каде ненадејно замина во четвртокот кога беше прогласен за непожелен на конференција посветена на борбата против антисемитизмот, Додик престојуваше на непозната локација.
На снимката, тој објасни дека прво им оддал почит на „28 милиони Руси кои загинаа во Втората светска војна“, а потоа рече дека планира повторно да биде во Москва на 9 мај, кога таму ќе се одбележи годишнината од победата над фашизмот.
„Русија ја има нашата поддршка“, рече Додик, опишувајќи го Путин како „историски лидер“ кој ја преродил Русија и исто така бил првиот што се впуштил во борбата против „глобалистичката елита“. Додик вели и дека американскиот претседател Доналд Трамп сега учествува во оваа борба заедно со Путин.