Еве го суштинското прашање што никој не го поставува директно: што добива Македонија од тоа што не се поместува? Ништо. Не отвора преговори. Не напредува. Не добива нова позиција. Само го продолжува статусот што веќе го имаме: статус на чекање. И тоа чекање сега одеднаш се продава како победа. А всушност е голема измама.
Мартин Богатиноски
Лесно е да бидеш тврд орев кога ништо не преземаш. Лесно е да зборуваш за достоинство кога не влегуваш во процес каде што достоинството се тестира. Лесно е да кажеш „не“ кога не знаеш да кажеш „како понатаму“.
Најлесната улога во политиката е да бидеш херој без ризик. Да застанеш пред камери, да го исправиш грбот и да кажеш: „Не се поместуваме ни милиметар“. Да изгледаш решително, да звучиш цврсто, да оставиш впечаток дека држиш линија што никој нема да ја премине.
И да не направиш ништо.
Тоа е целата формула. Нема преговори, нема носење одлуки, нема објаснувања зошто нешто мора или не мора да се направи. Само чекање. Само надеж дека некој друг ќе се помести наместо тебе.
Токму тоа го направи премиерот Христијан Мицкоски со изјавата дека „нема да влеземе во каква било авантура сè додека нема јасен крај и гарантирани човекови права за македонската заедница кај нашиот источен сосед“.
Лесно е да бидеш тврд орев кога ништо не преземаш. Лесно е да зборуваш за достоинство кога не влегуваш во процес каде што достоинството се тестира. Лесно е да кажеш „не“ кога не знаеш да кажеш „како понатаму“.
Тешкото почнува кога треба да направиш нешто. Кога треба да им објасниш на граѓаните зошто одреден чекор е потребен. Кога треба да седнеш на маса и да излезеш со резултат, а не само со изјава. Кога треба да ризикуваш политички поени за да добиеш нешто што не се гледа веднаш, ама вреди на долг рок.
Тука исчезнува херојството. Затоа што вистинското лидерство не е во тоа да стоиш и да чекаш со вкрстени раце. Вистинското лидерство е во тоа да оттуркаш нешто, да го придвижиш, па дури и кога ќе те боли.
А „ни милиметар“ е токму спротивното од тоа. Тоа е политика на рачна кочница. Политика на одложување. На префрлање на одговорноста.
„Ако не се поместуваме ние, тогаш нека се поместат тие. Ако не сакаат тие, тогаш ќе чекаме. Ако треба – ќе чекаме колку што треба“. Па истото тоа го правевме и досега. До милиметар исто.
Само едно не смееме: да направиме потег. И тоа не е знак на храброст. Тоа е еден вид удобност во која никако не можеш да згрешиш, затоа што ништо не правиш. Удобност во која секогаш можеш да кажеш дека си бил принципиелен, дека си стоел на своето, дека не си попуштил.
А во меѓувреме, државата стои со тебе. Со сета своја беда и сиромаштија. Со сета анксиозност и депресија.
Еве го суштинското прашање што никој не го поставува директно: што добива Македонија од тоа што не се поместува?
Ништо. Не отвора преговори. Не напредува. Не добива нова позиција. Само го продолжува статусот што веќе го имаме: статус на чекање.
И тоа чекање сега одеднаш се продава како победа. А всушност е голема измама.
Затоа што неуспехот е спакуван како принцип. Застојот е претставен како стратегија. А пасивноста се продава како сила, како патриотизам, како херојство…
И тамам ќе помислиш дека барем има некаква долгорочна визија зад тоа, доаѓа вистината на виделина. А таа е дека не постои план Б. Нема временска рамка. Нема чекор што следува. Има само позиција што се повторува.
А позицијата, колку и да е гласна, не е политика ако не води некаде. Мицкоски можеби добива аплауз за ова. И ќе го добива. Затоа што луѓето се уморни од компромиси што не донеле резултат. Затоа што има потреба некој да каже „доста“.
Но да кажеш „доста“ без да кажеш „што сега“?
Тоа е префриганост, лукавост. Сите ние плаќаме за изгубеното време, за изгубените шанси и милиметри. Плаќаме со генерации што растат во процес кој нема крај.
Оти, времето не е тоа што застанува. Само ние стоиме.
Текстот е сопственост на Слободен печат.мк




