Автор: проф. Гордана Попсимонова
Има ли поголем срам за еден политичар да биде фатен на дело во злоупотреба на функцијата? Не зборувам за одговорност, за отчет, или за разбирање за специфичните барања на професијата, туку за обичен, човечки срам. Срам од семејството, срам од роднините, од колегите, од пријателите, од соседите, срам и од граѓаните, бидејќи злоупотребата на довербата на избирачите значи нивно изневерување, нивно предавство.
Да застанат зад тебе стотици илјади луѓе поведени од твоите ветувања за подобра иднина и, истите тие луѓе да чујат како фингираш тендери, договараш провизии, им се одмаздуваш на неистомислениците и крадеш народни пари, е, пред сé, еден голем срам. Со кој го резилиш презимето наследено од твоите претци и оставено на твоите потомци, ни криви ни должни, да живеат со твојот срам. Има ли поголем срам од тоа?
Јас велам дека – има. Поголем срам од срамот е да не го признаеш срамот. Да се правдаш, да се вадиш, да се извлекуваш дека тоа што сите го слушаат е аудио – трик, дека тоа што сите го гледаат е оптичка илузија, дека бедата што ја чувствуваат на сопствената кожа е само пролетен развигор. А, истовремено си свесен дека никој повеќе не ти верува, освен твојата клика уценета од твоето владеење и толпа народ поткупен од твоите трошки и заблуден од твоите медиумски комесари.
Тогаш се затвораш во своето стаклено ѕвоно и, наместо како секој пристоен политичар со чест и гордост да си дадеш оставка и достинствено да ги прифатиш сите консеквенци (во некои држави со традиционални сфаќања за личната доблест, компромитираните политичари ја бранат честа на своето семејство и со сопствениот живот), навлегуваш во сферата на фантазмагоријата, безумието и ирационалноста. А тоа е опасна комбинација, поопасна да не може да биде, бидејќи по правило секогаш носи трагичен крај.
Го пишувам овој текст под силна импресија на денешното (05.06.2015) обраќање на еврокомесарот за соседска политика и проширување на ЕУ, Јоханес Хан, кој по првичниот обид за приближување на поларизираните страни, конечно од Вашингтон пресече: нема преодна влада (во било каков облик, мандат или формат), а предвремените избори ќе ги спроведува сегашната Влада на чело со Никола Груевски. Во превод: овците и понатаму ќе ги чува волкот.
По првичниот шок, проследен со неверување, почувствував силно олеснување од оваа изјава на Хан, се разбира, доколку е точно пренесена (а прилично се сомневам , бидејќи креатор на истата е МРТВ). Сета мачнина предизвикана од неизвесностите околу составот на наводно договорената преодна влада, од „врзаните“ потписи на министрите од СДСМ, од можното лидерство во истата, одеднаш исчезна. И тоа само со една обична порака од високиот претставник на Европската унија, која целосно го расчисти теренот на идната политичка пресметка во мојата мала држава.
Воопшто немам намера да ја коментирам веродостојноста и заднината на една ваква изјава, а уште помалку нејзината крајна цел и намера, бидејќи сега повеќе од било кога се чувствувам охрабрено да кажам – готов е!!!
Мошне е веројатно веста од Вашингтон да е погрешна, бидејќи сите сме свесни која е манипулативната склоност на јавниот радиодифузен сервис кога е во прашање одбраната на ликот и делото на премиерот.
Сепак, колку и да сакала дописничката на МРТВ да ја врти водата на владина воденица, таа погодила една работа: приказната со преодна влада во која ќе командува Груевски е неостварлива, бидејќи опозицијата нема да влезе во неа. Нема да се врати во Парламентот и нема да има никакви подготовки за предвремени избори.
Ако Груевски сé уште негува надеж дека со посредство на ЕУ ќе може да глуми кооперативност, или да прави финти за дефокусирање на вниманието и разводнување на иницијативите преку формата „преодна влада“ со него на чело, ќе мора да го потсетам дека тој не е веќе играчот што диктира услови. Дека е оставен на бришан простор.
Сам со себе и своите неколкумина преостанати измеќари. Сам да го прави тоа, онака како што знае, може и умее. А сите видовме и слушнавме што тој знае, умее и може. Покрај сé, неговата Влада ќе треба да подготвува нови предвремени избори (зад себе веќе има три „комада“), во услови на зовриена политичка криза, огромно незадоволство, засилен граѓански отпор и интеретничка солидарност.
Ќе треба да ги прочистува избирачките списоци во услови на огромни внатрешни притисоци, безбедносни закани и дисфункционалност на институциите, ќе треба да ги средува состојбите во судството во амбиент на целосно изгубена доверба, урнат државнички кребилитет и дузина кривични пријави за злоупотреба на функцијата.
Со други зборови – неминовно е Груевски да остане сам со својот срам. Не очекувам дека некогаш ќе го признае, ама сега веќе сум сигурна дека нема каде да бега. И по цена на максимално радикализирање на состојбите. Всушност, ако постои нешто кое може да нé покрене, мобилизира и хомогенизира, тоа е Груевски да ги средува состојбите кој сам ги закашка и кои никогаш не може да ги оправи. А тоа ќе се случи и со Хан и без Хан.
Извор: Фејсбук профилот на проф. Попсимонова