Автор на колумната напишана за НОВА е Ѓорѓи Спасов
Али Ахмети е дел од фамилијата на власт. Тој и Груевски од 2008 година до денес си создадоа една мафијашка спрега во власта која водеше сметка само за зачувување на нивните политички позиции, преку елиминација на политичката конкуренција во нивниот двор и за ништо друго.
1. Откако испитувањата на јавното мислење, во 2011 година покажаа дека Груевски со сигурност ќе ја изгуби власта ако изборите се одржат во септември, Црвенковски лично го молеше Ахмети да се согласи изборите да бидат одржани во септември. Но, Ахмети му излезе во пресрет на Груевски. Новите предвремени избори беа одржани во мај на кои македонската опозиција освои повеќе гласови од Коалицијата на Груевски но заради поделеност, Коалицијата на Груевски имаше 6% повеќе гласови од Коалицијата на СДСМ.
Новата победа го засили дилот меѓу Груевски и Ахмети. Тие го патентираа моделот за меѓусебно помагање во уништувањето на своите политички конкуренти. Изиграваа националисти и лути непријатели во своите етникуми а соработуваа по сите основи за зачувување на своите политички позиции. Активисти на ДПМНЕ градеа црква на Кале, активисти на ДУИ разградуваа. Функционери на ДУИ се поклонуваа во воени униформи пред споменикот на паднаатите борци на УЧК, Груевски кобајаги негодуваше и бараше одговорност. ДПМНЕ запна да донесува Закон за македонските бранители. Талат Џафери им читаше поезија од Ацо Шопов. ДПМНЕ славеше 10 години од Рамковниот договор во Охрид Груевски им рече „Го почитуваме но не го славиме“. И на крајот кога во декември 2012 година Груевски со употреба на полициски сили брутално ги исфрли пратениците на опозицијата и новинарите од Собраниската сала, Ахмети и неговите пратеници отседоа мирно во пратеничките фотелји и во отсуство на опозицијата си гласаа за буџетот, за задолжувањето и го избраа уште еднаш на истата седница Иџет Мемети за Народен Правобранител. Не го интересираше Ахмети ниту полициската акција Бура, ниту судењето за Монструм ниту како живеат Албанците. Важно му беше, како и на Груевски, само да не се појави друга политичка партија меѓу Албанците која ќе го заземе неговото место во власта. На тој план, во градењето на автоританиот модел во Македонија тој и Груевски одлично соработуваат.
2. Барањето на СДСМ да бидат одложени локалните избори во 2013 година заради Црниот понеделник од декември 2012, не беше подржано од Груевски но истовремено Ахмети беше тој што се закануваше дека ќе ги бојкотира локалните избори ако случајно биде прифатено барањето на СДСМ. На тие избори по претходно договорена шема, Теута Арифи стана градоначалник во Тетово благодарение само на гласовите на ДПМНЕ а исто така и Невзат Бејат во Гостивар. ДУИ ја победи својата опозиција а ДПМНЕ својата само вра основа на така договореното взаемно помагање во вториот круг и користењето на сите методи и ресурси за купување и манипулација со избирачката волја.
3. Уиграниот авторитарен тандем , на кој не му паѓаше на памет дали отсуството на демократија и злоупотребите на власта ќе имаат негативни последици по стандардот на населението и по оддалечувањето на Македонија од НАТО и од ЕУ, ја одигра својата претстава и следната година за време на парламентарните избори. Груевски беше свесен дека таа година неговиот миленик Ѓорге Иванов нема никакви шанси да биде одново избран на функцијата и дека заради можниот бојкот на опозицијата, Македонија нема да може да избере претседател. Затоа како во квизот „Кој сака да биде милионер“ го повика на помош пријателот Ахмети. Ахмети веднаш излезе со идејата дека бара да биде утврден консензуално прифатлив кандидат за претседател меѓу ДПМНЕ и ДУИ и се закани со излегување од владата и одржување на вонредни парламентарни избори, кои всушност ги посакуваше Груевски. Во таа наместена игра на двајца “патриоти“ едниот наводно ги бранеше македонските национални интереси и не им попушташе на Албанците а другиот “во интерес на одбрана на албанските национални интереси“ му правеше лигава услуга на Груевски. Веќе добро устоличени во власта, снабдени со пари, медиуми и паравојници на теренот во секоја општина, тргнаа во поход на гласови со иста цел: Груевски одново бараше мнозинство за да не го “уценува“ Али Ахмети, а Ахмети бараше големо мнозинство за да ја исправел големата неправда со изборот на претседател која му ја правел Груевски. За да им успее овој мафијашки договор, Ахмети се согласи првиот круг на вонредните парламантрани избори да биде одржан со вториот круг на претседателските избори и така да му обезбеди на Груевски сигурна излезност за изборот на Иванов кој за ДУИ наводно не бил прифатлив. Така уште еднаш успеја со “манипулативен национализам“ и со користењето на сите ресурси на власта, со сите веќе познати злоупотреби и со илјадниците партиски војници кои се на платниот список на државната админстрација, но седат дома и работат само како изборни активисти, да покажат “колку ги сакал народот“.
Одлуката на СДСМ по сето ова да не учествува во оваа политика фарса и да го бојкотира Собранието, го сврте вниманието на Европската демократска јавност. Но реално, македонската либерална и прогресивна јавноста, обединета околу опозицијата заедно со албанската либерална и прогресивна јавност денес имаат заеднички проблем и имаат должност да водат заедничка битка ако сакаат да успеат. Ахмети одново во веќе видениот манир се заканувал дека ако Заев не биде “конструктивен“ ќе ја напуштел владата и ќе предизвикал брзи избори. Тој одново е подготвен да му слугува на Груевски за да ја зачува само својата авторитарна и манипулативна моќ.
Останува да веруваме само дека и него ќе го прочитаат албанските гласачи како што македонските го прочитаа Груевски. Ако Груевски сепак по брање на Ахмети предизвика брзи избори, тогаш е потребен заеднички сенационален бојкот на ова мафијашко партнерство и потесна соработка на либерално политичките и прогресивни сили од сите националности во Македонија.
Ѓорѓи Спасов е поранешен министер за правда