Држава не се гради само од убавите спомени. Се гради и со тешки одлуки. Чесно е да се признаат грешките при трагедиите и (не)научените лекции од конфликтите, поделбите, борбата со општествените аномалии.
Ана Анастасовска
По 35 години независност, Македонија не е држава што треба да се претставува себеси само преку голови, медали, песни, концерти и полни плоштади, иако и тие се дел од нашата приказна. Но, дали е тоа единствената слика? Историски моменти се, пред сè, политички важните одлуки, без оглед која влада ги направила и без оглед дали тоа некому се допаѓало или не.
Владата викендов го промовираше спотот „Силно светнал ден“ по повод 35-годишнината од независноста на Македонија. Во него се споменуваат дел од клучните историски моменти во создавањето на државата, како прогласувањето независност, воведувањето македонски пари, спортските, филмските и музичките успеси, еуфоријата на народот, радоста, навивањето…
Видеото предизвика многубројни реакции во јавноста и, како и секогаш – политички поделби: дали биле прикажани успесите на државата со потписот на СДСМ, дали со потписот на ВМРО, па едните биле предавници затоа ги немало, а другите биле бегалци и слично. Она што претпоставувам дека била целта на видеоматеријалот е на еден куп да се соберат сите важни моменти за државата, без партиска обоеност. Донекаде, моментот е доловен, но она што остава впечаток е дека тоа е направено во стилот на изјавата на Мицкоски – да зборуваме за убави работи. Односно песни, прослави на плоштади, спортски победи…
Но, дали е тоа единствената историја на Македонија? Историски моменти не се само спортските и културните успеси, тука се, пред сè, политичките, без оглед која влада ги направила и без оглед дали тоа некому се допаѓало или не.
На пример, во видеото никаде не ја видовме војската и формирањето на АРМ. Не е споменато ниту членството во Обединетите нации, ниту добивањето кандидатски статус за членка на ЕУ, исто така и Преспанскиот договор, без разлика дали некој го смета за предавнички или историски, што беше предуслов да седнеме на иста маса со членките на НАТО. Што е со вооружениот конфликт во 2001 година? Зарем овој конфликт не е дел од македонската историја? Нашите сограѓани Албанци, и не само тие, туку и од другите делови од народите во земјава, почнаа да се интегрираат во општеството. Мултиетничноста на општеството е сосема запоставена.
Каде се проектите како „Скопје 2014“? Или насилниот упад во Собранието? Некој не сакал да ги истакне сопствените грешки? Секој индивидуално ја толкува историјата, но некои моменти не можат да се прескокнат. Во овие 35 години независност имаше многу моменти на радост, но и на тага и страдање.
Можеби токму тука е суштината на целата приказна. По 35 години независност, Македонија не е држава што треба да се претставува себеси само преку голови, медали, песни, концерти и полни плоштади. Тоа, секако, е дел од нашата приказна и треба да го славиме. Но држава не се гради само од убавите спомени. Се гради и со тешки одлуки. Чесно е да се признаат грешките при трагедиите и (не)научените лекции од конфликтите, поделбите, борбата со општествените аномалии.
Ако веќе сакаме да зборуваме за 35 години независна Македонија, би било убаво да имаме храброст да ја погледнеме целата слика. И светлото и темното. И победите и поразите. И радоста и болката. И политичарите што ги сакаме и оние што не ги сакаме. И успесите со кои се гордееме, но и трагедиите поради кои сè уште тагуваме. Зашто историјата не е рекламна кампања. Не можеш да ја монтираш, така што ќе ги задржиш само кадрите во кои сите се смеат, пеат и слават. Да не се плашиме отворено да зборуваме. Зашто само така, по 35 години, можеме навистина да кажеме дека сме созреале како држава.
П.С. Македонија ќе слави цел месец 35 години независност. Како што најави Владата, ќе се организираат многубројни настани низ повеќе градови, ќе се носат светски музички имиња. Добро, може и со погрешно државно знаме (колку тоа и да е „уметничка инсталација“), но никој не кажа колку сето тоа ќе нѐ чини? Сумата на оваа прослава сѐ уште е најголема државна тајна.
Римјаните одамна го измислиле рецептот – леб и игри. Ние, 2.000 години подоцна, само го модернизиравме. Игри имаме, за лебот допрва ќе видиме, а сметката сигурно ќе стигне и ќе им биде испорачана на граѓаните.
Текстот е сопственост на Слободен печат.мк




