Пишува: Проф. Мирољуб Шукаров
Постои голема полемика за тоа дали Грците треба да се решат дали на референдумот закажан за во недела да гласаат „За“ (прифаќање на реформите и условите на Европската Комисија) или „Не“ (за неприфаќање). Евентуалното „НЕ“ воедно значи со една нога зачекорување надвор од Еврозоната). Во оваа полемика на голема врата се вклучија и нобеловците Кругман и Штиглиц. И воопшто не зачудува фактот што и едниот и другиот покажуваат симпатии кон Грција и Ципрас.
Имено огромниот долг на Грција акумулиран низ времето на неколку владини постави е резултат на желбата да се истрча (задолжи) повеќе отколку што може да се врати во иднина. Вообичаено предизборно се ветуваат смалени даноци и високи јавни привилегии (трошења). А, токму тоа е илузија, односно финансиска алхемија, или како што повеќе сакате – ЛАГА.
Секој јавен долг претставува желба на една владејачка гарнитура да потроши повеќе отколку што може да врати, а плаќањето на долгот да го отстапи на идната влада. Односно, таа идна влада да не може да понуди и реализира ништо повеќе, туку да мора најголемиот дел од својата активност да го посвети на раздолжување. Токму тоа ја чини губитник на наредните избори. Сепак, и новата влада е вообичено „рационална“. Штом ќе забележи голем долг таа уште повеќе го зголемува, за да го направи владеењето на наредната влада невозможно – и така во недоглед. Но нема недоглед, еднаш долгот треба да се плати („Нема такво нешто што може да се нарече бесплатна вечера“). Ципрас треба да ја плати „бесплатната“ вечера од приближно 330 милијарди евра или од 1.8 годишни БДП на Грција. Тој според понудениот план треба да испорача (без каматите) буџетски суфицит од 3.5% од БДП до 2018 година.
Значи, се што може да се стави во погон, треба да се стави во погон и состојбите, повторно да бидат на социјален план многу полоши од сегашната состојба. Во исто време финансиската помош (кредитите со кои се вршеше, и би се вршело во иднина, растоварувањето на Грција), како и досега, да одат скоро во целост за заштита на банкарските системи на земјите кои во најголема мерка биле кредитори на грчките долгови (Германија и Франција).
Постојат многу економисти кои се на мислење дека Грција не може да го избегне банкротот без оглед дали референдумот ќе биде позитивен или негативен (во која и да е смисла). Многумина сметаат дека дури и враќањето на драхмата нема да придонесе за економскиот мир на земјата. Банкротот и во тој случај би бил неминовен поради потребата од огромна девалвација на Новата Драхма, и дополнитентата примарна емисија (печатење пари) во количини кои сигурно ќе предизвикаат хиперинфлација. Увозот би бил скоро невозможен, рационирањето на енергетската потрошувачка погубно, социјалните немири секојдневие.
Изгледа дека, сепак, е подобра варијантата за неутрален политички и рационален економски пристап кон евентуалните решенија. Политичката наклонетост кон социјалните решенија на Сириза и конзервативниот пристап на европскиот дел на преговарачите треба да се насочат кон овозможување на земање здив на Грција, како економски болен кој не може да преживее без долгорочна инфузија (не само финансиска). Конечно, за кавга се потребни двајца. Во овој случај не се знае кој е повиновен, дали тој што сакал да му обезбеди подобар и побогат живот на своето население или оној којшто ја злоупотребил моќта и надмоќта за да заработи повеќе отколку што било нормално за обезбедување нормална развојна посакувана конвергенција. За долговите, особено за државните долгови и од големина каква што е грчката, не се виновни само оние кои се задолжувале, туку и оние кои ги давале заемите. Тие добро знаеле дека Грција неможе да ги врати. Рационалниот пристап укажува на тоа дека кредиторите (банките и владите) ТРЕБА да им укажат на кредитобарателите доколку увидат дека тие долгот неможат да го вратат без огромни социјални и развојни потреси.
Сега не им преостанува друго освен да пристапат рационално и да ја поделат одговорноста и роковите на враќање и висината на каматата. Некои споменуваат половина камата и рокови на отплата и до 75 години.
Јуни 2015
Проф. Мирољуб Шукаров