Драматичниот банкрот на Алпине Бау во јуни 2013 година беше резултат на токсичен коктел од несоодветно управување, вратоломна експанзија на странски пазари, отсуство на систем на внатрешна контрола и баланс и бројни финансиски нерегуларности.
Тоа никаде не беше толку очигледно колку во Македонија, каде компанијата израсна во една од најголемите градежни компании во земјата и за седум години доби државни договори во вредност од 70 милиони евра и воспостави тесни врски со високи државни службеници.
Новите документи, кои денес за прв пат се објавуваат, откриваат шокантни детали за матните зделки на една од најугледните европски градежни фирми на Балканот.
Само во периодот помеѓу 2010 и 2012, четири милиони евра се доделени на компании во сопственост на повисокото раководство на Алпине Бау во Македонија преку сомнителни договори.
Истите фирми добивале заеми без никаков надомест кои не биле отплатени, додека за една компанија за поправка на автомобили поврзана со нив дури бил изграден и сервис речиси за без пари.
Дополнителни 2 милиони евра биле исплатени на други фирми без очигледен резултат, вклучувајќи големи исплати на хотелски и текстилни фирми за истиот технички извештај за изградба на патишта.
Иако извештаите не откриваат докази за корупција, ревизорите бележат дека подизведувачите одобриле исплати на „провизии“ на подружницата на Алпине Бау.
БИРН исто така дознава дека македонската финансиска полиција истражува можни злоупотреби, иако одби да даде повеќе детали.
Разобличување
Алпине Бау стана водечка градежна фирма на Балканот во 2000-ите, а само нејзината македонска подружница, Алпине Бау ГмбХ Скопје успеа да обезбеди низа лукративни договори во седумте години пред падот на компанијата во 2013 година.
Банкротот е забележан како најголем во Австрија од 1945 година и зад себе остави мноштво незавршени проекти, 15 000 отпуштени лица и бројни неисплатени подизведувачи.
Алпине Бау ги има изградено некои од најголемите инфраструктурни проекти на денешницата –од стадиуми за светски фудбалски првенства, преку балкански автопати до грандиозната евровизиска сала во Азербејџан.
Македонската подружница доби зделки за големи патни и железнички проекти, покрај 20 милионските договори за изградба на клучни објекти во рамки на проектот Скопје 2014– грандиозното, некои ќе речат кич, преобликување на главниот град.
Кога компанијата пропадна, повлече со себе десетици милиони евра од парите на даночните обврзници – пари кои беа резервирани за државни проекти. До сега, Владата успеа да „изгребе“ назад само 6 милиони евра од тие пари.
Бројките добиени од извор во Салзбург откриваат, на пример, дека македонската подружница загубила 25 милиони евра во 2012 година како резултат на драстичниот пад на очекуваниот профит.
„Сомнителни“ заеми и исплати
Сериозната загриженост кај повисокото раководство за операциите на Алпине Бау ја потврдуваат вознемирувачките наоди од ревизијата на КПМГ во 2011 година, до кои дојде БИРН, кои покажуваат, меѓу другите недостатоци, сомнителни исплати и значително надуен предвиден профит во Македонија.
Всушност, извештајот на КПМГ открил недостатоци од такви димензии што централата во Салзбург наложила дополнителна внатрешна истрага во веќе сериозно задолжените операции на градежниот гигант во Македонија.
Се покажа дека фирмата била веројатно банкротирана уште од 2011 година и се одржувала во живот со парите што ги добивала од главната канцеларија во Салзбург, се вели во извештајот.
Извештајот посочува и на „сомнителни внатре-компаниски заеми“ давани без камата и без очигледни причини. Ревизорите побараа дополнителна истрага во заемот од 500.000 евра помеѓу скопската подружница на Алпине Бау и Алпине Скопје ДООЕЛ, локална фирма основана од Австријците која никогаш вистински и не проработела.
Беа откриени и договори помеѓу компании во сопственост или под контрола на директорот Ѓоко Динев и вработените Сашо Дамјановски, Методија Чолаков и Тодор Цоневски.
Овие договори биле склучени и покрај тоа што на вработените на Алпине им било забрането да извршуваат работа за други работодавачи без писмена согласност.
Ревизорите особено ги посочија како загрижувачки консултантските договори склучени со СИМ Консалтинг во сопственост на Дамјановски и Чолаков, кои „би можеле да упатат на конфликт на интереси и проблеми со управувањето“.
Милиони исплатени на фирми на вработените
Резултатите од внатрешната истрага за работењето на скопската подружница на Алпине Бау во 2012 година –кои ги доби БИРН – откриваат како повисокото раководство на компанијата во Македонија во текот на изминатите две години доделило договори во вредност од 4 милиони евра на фирми во сопственост или тесно поврзани со нивниот персонал.
Извештајот, кој БИРН го поткрепи со информации од јавен карактер, исто така посочува на исплати од 2 милиони евра во текот на истиот период на изведувачи и покрај тоа што постојат „малку или воопшто докази“ за извршување на каква било работа.
Понатаму, авторите на извештајот забележале дека голем број на македонски добавувачи и подизведувачи посведочиле дека плаќале „провизии“ на Алпине Бау ГмбХ Скопје.
Авторите на интерниот извештај ги опишале ваквите откритија како „само дел од хаосот кој се случувал во периодот 2010-2012“.
Од компаниите во сопственост или тесно поврзани со персоналот на Алпине Бау, авторите на внатрешниот извештај забележале дека Аура Проект и Аура Инвест – првично во сопственост на генералниот директор на скопската подружница на Алпине Бау – Динев, добиле вкупно 415.000 евра помеѓу 2010 и 2012 година.
Динев ја пренел сопственоста врз двете компании на својот татко и на Василка Мелник, сопругата на неговиот колега од Алпине Бау Петар Мелник, набрзо откако дошол на неговата позиција во скопската подружница во 2009 година.
Извештајот покажува дека 215.000 евра биле префрлени на Аура Проект веднаш откако Динев станал генерален директор на Алпине минерални суровини, геолошка компанија основана од салзбуршкиот градежен гигант. Преносите од скопската подружница на Алпине Бау вклучувале 185.000 евра за „елаборација на проекти“ и 15.000 евра за трошоци поврзани со наемнина.
Тодор Цоневски е уште еден вработен во скопската подружница на Алпине Бау, кој истовремено работел и во друга градежна фирма во негова сопственост. Според извештајот, на неговата фирма Геоинженеринг ДОО биле исплатени 60.000 евра во 2011 и 2012 година од страна на Алпине Бау за „изработка на проект“. Цоневски не одговори на барањата на БИРН за интервју.
Најмногу средства од Алпине Бау примиле вработените Сашо Дамјановски и Методи Чолаков кои, благодарение на фактот што скопската подружница на Алпине Бау ангажирала низа фирми во нивна сопственост, биле исплатени 3,4 милиони евра од 2010 до 2012 година. Внатрешниот извештај наведува дека нема докази дека фирмите на оваа двојка извршувале какви било работи.
Сим консалтинг [во документите споменувани и како Сим Консалт], една од фирмите во сопственост на Дамјановски и Чолаков, добила исплати во вкупен износ од 1,8 милиони евра од 2010 до 2012 за различни консултантски услуги. Авторите на извештајот тврдат дека Сим консалтинг не извршиле ништо од работата за која биле исплатени.
Внатрешната истрага исто така открила дека 177.000 евра биле дадени во заем од страна на Алпине Бау ГмбХ Скопје на Алпине минерални суровини – локална геолошка компанија во сопственост на скопската подружница на Алпине Бау – на 4 март 2010 година. Следниот ден Алпине минерални суровини одобрил заем во ист износ на Сим консалтинг.
Според внатрешниот извештај, нема докази дека заемот бил отплатен.
Фактури под лупа на даночните инспектори
Истиот извештај забележува дека македонскиот даночен инспекторат, Управата за јавни приходи, утврдила дека „Сим консалтинг Скопје нема вработено ниту едно лице и дека дел од фактурите се неосновани, т.е. наведените услуги не биле извршени (sic)“.
„Интересно е дека главната дејност на Сим консалтинг се консултантски услуги и дека компанијата изведува градежни работи без соодветна дозвола, врши дистрибуција на нафта и битумен без дозвола и сето тоа без ниту еден вработен(sic) ,“ се вели во внатрешниот извештај на Алпине Бау.
Според авторите на извештајот, даночните инспектори откриле дека Сим консалтинг/консалт имале само еден клиент: Алпине Бау ГмбХ Скопје. Како резултат на притисокот од Алпине Бау, договорот со Сим консалтинг бил раскинат во 2011 година.
Сепак, други компании во сопственост или под раководство на Дамјановски и/или Чолаков продолжиле да добиваат договори и заеми.
Фирмата за поправка на автомобили на Дамјановски, СГС Сервис, ќарила договори од Алпине Бау во вредност од 5.000 евра и 20.000 евра заем кој, според внатрешниот извештај, не е отплатен. Авторите на извештајот додаваат дека Алпине Бау Скопје го изградиле сервисот за автомобили во главниот град на Македонија за само 2.000 евра – износ опишан како „интересен“.
Интеграл инженеринг Скопје, подружница на успешната босанска фирма управувана во Македонија од Дамјановски, добила исплата од 280.000 евра од страна на Алпине Бау ГмбХ Скопје.
На геолошката компанија Лабин Атанас и` биле исплатени 1,3 милиони евра од страна на Алпине Бау откако истата била купена во 2010 година од Сим консалтинг, во сопственост пак на Дамјановски и Чокалов.
„Четири фирми исплатени за ист договор“
Македонските даночни инспектори откриле дека Алпине Бау ГмбХ Скопје им платиле дури на девет компании вкупен износ од 1,7 милиони евра од 2010 до 2012 без да обезбедат докази дека работата била извршена.
Од тие девет компании, четири добиле нешто помалку од 1 милион евра за спроведување на очигледно иста студија за патишта. Бизарно, договорните фирми вклучувале хотел и текстилна фирма, Алутра Текс, кои пак на даночните испектори им рекле дека никогаш не вршеле никакви услуги за Алпине Бау.
Во обид да ги замаскираат сè поголемите финансиски невољи на Алпине Бау во Македонија, внатрешните инспектори тврдат дека скопската подружница доставила лажна фактура до Агенцијата за државни патишта на Македонија во 2011 година и потоа ја завеле како иден профит.
Извештајот наведува дека лажни фактури во вкупен износ од 1,2 милиони евра биле доставени истата година до неименувана приватна фирма, додека друга фактура од 60.000 евра била доставена до Алпине Скопје ДООЕЛ – фирма основана од Алпине Бау но која никогаш не започнала со работа. Повторно, тие биле заведени како иден профит, што оддавало впечаток дека компанијата успешно ги водела финансиите.
Скопски директор: „Не ги овластив исплатите“
Директорот на Алпине Бау Скопје – Динев, изјави за БИРН дека секоја фактура била легитимна, истакнувајќи: „Зад секој договор и секоја исплата стои автентична услуга, барем во периодот кога јас бев генерален директор.“
Покрај тоа, Динев подвлече дека тој имал „многу ограничени овластувања“ кога станува збор за одобрување на плаќања и тврдеше дека секоја фактура морало да биде одобрена од Ивица Борошак, кој е наведен како втор генерален директор во Македонија и управител на подружницата на Алпине во Хрватска.
„Моите овластувања беа многу, многу ограничени. За секое плаќање и договор морав да добијам одобрување од Ивица Борошак. На хартија и двајцата бевме потписници, но тој ги имаше вистинските овластувања. Јас бев одговорен само за техничкиот дел од работата“, истакна тој.
Запрашан за плаќањата извршени кои Аура Проект и Аура Инвест – првично во негова сопственост, но пренесени на неговиот татко и сопругата на негов колега – тој негираше каква било незаконитост.
„Сите ние во бизнисот доаѓаме од некаде и јас не можам толку лесно да ја избришам мојата компанија“, вели тој.
Во однос пак на плаќањата кон фирми кои биле во сопственост или под контрола на Дамјановски, Динев за БИРН вели дека Дамјановски бил назначен од `сопствениците` на Алпине Бау, упатувајќи на поранешниот акционер во Алпине Бау и генерален директор Диетмар Алута Олтјан и неговата сопруга Хелена.
Самиот Дамјановски одби да биде интервјуиран, но инсистираше дека сите обвинувања за незаконито делување се неточни, велејќи: „Се сомневам дека имате документи во поткрепа на таквите тврдења.“
Неговиот партнер Чолаков, Борошак и другите поранешни вработени не одговорија на бројните барања за одговори и разговор.
Откако Алпине Бау пропадна, Борошак и Динев биле вработени во фирми во сопственост на г-ѓа Алута-Олтјан која зела активно учество во активностите на Алпине на Балканот, опишувајќи се себе си како „претставник на Алпине за Балканот“ – иако извори информираат дека нејзината официјална функција во компанијата не била воопшто јасна.
Покрај тоа, Динев тврди дека додека Борошак одобрувал договори и плаќања, Г-ѓа Алута-Олтјан и нејзиниот сопруг биле тие кои всушност ги воделе операциите на Алпине Бау во Македонија.
Обајцата одбија директно да ја коментираат содржината на извештајот, претходните ревизии и банкротот. Објаснувањето од страна на адвокатот на Г-дин Алута-Олтјан е дека се работи за деловна тајна.
Сопственикот ФЦЦ исто така одби да коментира.
Да ги видите сите документи користени од БИРН во ва истражување, кликнете на BIRN Source.
Во изработката на ова истражување учествуваше и Мориц Готѕаунер-Волф.
Овој текст е објавен од страна на Балканската истражувачка мрежа, БИРН. Текстот е дел од програмата насловена како „По трагата на документите до подобро управување“ (“A Paper Trail to Better Governance”).