автор: Димитар Димитров
Предлог-законот за „бомбите“ би требало да се нарече закон за поништување на снимките од масовното прислушување. (Самото масовно прислушување е во принцип неовластено, и нема потреба тоа експлицитно да се нагласува во овој, или во случајот со законот за специјалниот обвинител).
Со овој предлог -закон се забранува секаква употреба на снимките, не само нивно емитување, туку и нивното поседување. Се цели нив да ги снема како факт. Да се направи како да не биле. Наводно, за да се избегнала можноста за нивна злоупотреба против правата на човекот!
Ова благородна грижа за човековите права, си има најдено место и во Уставот, и во Кривичниот Законик. Па објективно нема потреба од закон плус во врска со “бомбите“. Како што добивме обвинител плус па му ја одзедовме работата на Зврлевски. Од позиција на грижа за човековите права, незамисливо е масовно прислушување, зашто тоа е флагрантно нивно прекршување.
Овој навод од страна на предлагачот на законот, ќе се измие од цинизам само ако се докаже дека прислушувањето е дело на “странска служба“ и се тргне сомнението на експертската јавност и на Извештајот на Прибе во УБК. Тогаш ќе ги немавме снимките и сите маки што тие ги предизвикаа, вклучително потребата од нивно уништување.
Друга мајка ги родила снимките. И не е подвиг тоа да се открие. Нејзиниот глас, фонетскиот артизам, психолошката и моралната орбита ги препознаваме во секоја снимка што ја слушнавме, каде е одразена како во огледало. Стилот – тоа е човекот. После Прибе, речиси невозможно е да се брани тезата дека главните јунаци од снимките не се и сценаристи на снимањето.
Чинот на снимањето и содржината на снимките е нивен автопортрет. Битието на тој автопортрет го прави неподготвеноста на лидерот и на неговиот тим за компетентно водење на државата според уставните и културолошките норми. Под прагот на тие норми, изникнал и се раширил политички и етички плевел, што меѓу другото подразбира несигурност, недоверба и страв; потреба од сеопшта контрола и примена на макијавелизам. За резултат се добива една поткултурна или контракултурна реалност, што излегува од маргините на Уставот и на елементарната човештина.
Илустрација за тоа прибегнување кон снимање, претставува снимањето на разговорот со Заев во кабинетот на Груевски за да се изработи инкриминација за пуч. Обвинителството и Судот ја голтнаа приказната како кленови во кафез. Со новите снимки премиерот се обиде да им ја земе силата на снимките до кои дошол лидерот на опозицијата. Но не успеа во тоа. Меѓународната заедница му застана на патот со Пржино.
Приказна за себе е колку е соодветна методологијата со проектот од Пржино. Но веќе во оваа фаза на процесот, јунаците од снимките си го намразија својот автопортрет. Уследи обид преку Судот за обезвреднување на снимките, бидејќи снимањето било неовластено! И тој обид не помина – не го спречи изборот на специјалниот обвинител. И сега, во екот на договарање на изборна регулатива, владејачките партии го предлагаат законот за уништување на снимките. Н0 со овој трет удар за анулирање на снимките, на парадоксален начин, тие постигаат обратен ефект.
Си го надградуваат автопортретот од снимките. Посакуваната цел е недостижна – снимките си имаат веќе свој живот, свое автономно битие кое суштествува во планетарни размери. Како уметничко дело. Нивните автори и јунаци ќе останат овековечени во нив, како најавтентичен нивен споменик – мајка на вонвременскиот проект Скопје 2014, чија драма на апсурдот уште се доградува со панорамско тркало и гигантскиот споменик на мајка Тереза. И тоа непречено поминува пред нашите очи и не` прави пасивен дел на егзотичниот автопортрет.
Маневарот од Пржино, законот за уништување на снимките го протнува паралелно со законот за заштита на укажувачите (свиркачите). Со тоа и меѓународната заедница се приклучува на таа егзотика. Извештајот на Прибе не констатира дефицит од закони. Напротив. Констатира непочитување на законите. Осомничените за протекување на снимките се држат во затвор, а со најодговорните за снимањето и за незаконските дејанија фатени на снимките, се договараат закони за уништување на снимките, т.е. за заштита од снимките, и закон за заштита на укажувачите!
Отвори се, земјо, голтни ме!