Пишува: Филип Алтипармаковски, поранешен член на бордот на ОМД
Уште во јануари оваа година поднесoв оставка од функцијата Директор за Европа и член на бордот на Обединетата Македонска Дијаспора (ОМД). Причината за тоа беше полтронскиот став на најпознатата Македонска организација во дијаспората кон режимот. Површните изјави на ОМД во врска со влошената политичка ситуација во Република Македонија ме принудија да и се обратам на јавноста.
ОМД тврди дека е најголема Македонска организација во дијаспората и дека е невладина организација, која е изолирана од партиски влијанија. Во пракса, OМД e претежно македонско-американска организација со членство кое во принцип гравитира околу ВМРО-ДПМНЕ. ОМД има незначително присуство во Европа и Австралија. Реално гледано, ОМД е само една од многуте организации во дијаспората, no поради блискоста со режимот е најекспонирана во македонските медиуми. Поточно, во име на нејзината застапеност во режимските медиуми, ОМД свесно избегнува да го критикува режимот. Не би можел да ги потврдам тврдењата дека ОМД е директно финансирана од ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи според увидот што јас сум го имал во буџетот на ОМД, средствата најчесто доаѓаат од индивидуални донации.
Во последниот период, ОМД е посебно активна во дискусијата за изборниот закон каде акцентот е ставен на правото на глас на дијаспората. Но, таа нема кредибилитет да реагира по ова прашање затоа што во време на избори, од страна на ВМРО-ДПМНЕ е третирана како свој т.н прекуграничен комитет. Тоа значи дека пред и за време на изборите во дијаспората активисти од прекуграничните комитети на ВМРО-ДПМНЕ добиваат инструкции од централниот штаб во Скопје, а потоа им приоѓаат на претставници на ОМД од кои бараат мобилизација на гласачи за ВМРО-ДПМНЕ. Активистите на т.н прекугранични комитети се најбројни за време на гласањето во македонските амбасади ширум светот. Покрај нив, исто така непропорционален е бројот на административци од Македонија коишто на државен трошок се пратени по тие амбасади за време на изборите.
Ставовите изнесени од страна на ОМД во поглед на гласачкото право на дијаспората се идентични како оние на ВМРО-ДПМНЕ, односно дека уставно право на дијаспората е да гласа и дека истата го крпи буџетот на Република Македонија. ОМД исто така се спротивставува на Договорот од Пржино. Тие не можат да се помират со фактот дека барем за овие избори ќе мора да се суспендира гласачкото право на дијаспората. Причините за ова суспендирање не се само процедурални и поврзани со еднаквоста на гласот дома и во дијаспората, туку голема улога игра и фактот што најголемиот дел од неа нема чувство и точна претстава за политичката реалност во Македонија.
Во текот на мојот ангажман во ОМД се обидов да дејствувам кон создавање на покритичен став на ОМД спрема режимот. Мојата задача беше да го проширам влијанието на ОМД во Европа и да отворам регионална канцеларија во Брисел. При обидите за лобирање во Брисел (НАТО, Европска комисија и Европски парламент) се фокусиравме на спорот со името како главна пречка за интеграцијата на Македонија во ЕУ и НАТО. За жал, за краток период стана јасно дека Македонија сериозно назадува во поглед на правосудството и нејзиниот демократски капацитет. Освен неколку површни изјави во врска со овие прашања ОМД никогаш не упати директна критика кон ВМРО. Раководството на ОМД, поточно претседавачот на бордот , Стојан Николов , свесно ги игнорира овие факти и секогаш ги релативизира критиките кон ВМРО со стандардниот вмровски аргумент за улогата на СДСМ во деведесетите.
Европската стратегија на ОМД исто така не успеа поради фактот што во Европа не можеше да се креира база на поддржувачи. Во последната деценија во Европа има околу 230.000 отселени граѓани на Република Македонија. Голем дел од нив се жртви на погрешните економски политики на режимот така што никој од нив не би поддржал организација во дијаспората блиска до ВМРО-ДПМНЕ.
Денес ОМД се фокусира на нивниот стар терен каде редовно организира гала вечери на кои не може да собере ни 10% од она што на слични настани го собираат албанското или грчкото лоби.