Автор: Мето Јовановски, писател
Во преводите на македонски јазик елементарната коректност како да е невозможна. Прерано, пребрзо и прелесно им свртевме грб на централните говори врз кои е заснован македонскиот литературен јазик и се свртевме кон уличниот јазик на предградијата на Скопје.
Една наша интелектуалка, која сигурно не е режимска патриотка, но уште помалку е предавник во склад со вмровската дефиниција, со видлива резигнација, ми рече: „Јас книгите преведени на македонски јазик веќе не можам да ги читам!“
Се разбира дека не можев да и’ забележам. Зашто тоа ми се случува и мене. Станува се’ понеподносливо. Кога читам некој превод на српски или хрватски јазик, да не зборувам за англиски, јас на ниедна страница не се сопинам на толку грешки и сум со чувство како да се движам по непрооден терен. Продолжувам да читам трудејќи се да заборавам дека можат да постојат толку грешки: печатни, лексички, синтактички и макар какви. Во преводите на македонски јазик, во издание на нашите издавачи, елементарната коректност како да е невозможна: или недостигаат интерпункциски знаци, или долу има фуснота, но не се знае на што се однесува и што е најлошо (само неколку попатни премери) визбата е подрум, с’скањето е шушкање, играта е игрица, цилиндерот е натакнат на главата на јунакот од романот, полицаецот е позорникар, маслото е зејтин, тоа што крцка чкрипи, не една година туку е година дена, работите „паѓаат во очи“, наместо дена дни, не е на земја туку „на земи“, наместо затне запуши, жените се женат, а мажите се мажат. петбанка… и уште многу слични „ствари“.
Просечно по три вакви коректорски, лекторски и лексички грешки на секоја страница од романот што го читам од вкупно 374 страници или вкупно 1.132 грешки. Сепак, најлошото е што под кожа на преведувачот му се пикнала српската синтакса, па така – не знам како е на бугарски (ако книгата не е преведена од српски?), но преведувачот во својата глава прво си го преведува во неговата глава на српски јазик – „…то није на продају“, па потоа во главата си го преведува тоа од српски на македонски и читателот конечно чита „…тоа не е на продажба!“ Стандардот што македонскиот литературен јазик, прифатен дури и од кумановци, што Македонците го постигнаа во времето на Благоја Корубин, Тошо Димитровски до упокојувањето на магот Блаже Конески, за кого сегашните политички џуџиња немаат почит, го наметнаа скопскиот уличен сленг така што (тие би рекле така да) целосно го истисна тој дострел.
Прерано, пребрзо и прелесно им свртевме грб на централните говори врз кои е заснован македонскиот литературен јазик. Централните говори имаат неисцрпно богатство од кое литературниот јазик може да се збогатува и да се штити, да се брани од влијанието на предградијата на Скопје. Во секојдневниот меѓусебен разговор Македонците се’ повеќе и порутински мислат (ако воопшто мислат) на српски јазик чуен и приучен од српските програми во најгледаното време на провладините медиуми кои штедат и заработуваат на сметка на нашата татковина јазикот, па така му отвораат широк пат на скопскиот уличен јазик со кои ги разменуваат своите „мисли“. Што може во ваков случај човек да прави освен да се удри по глава и да си рече: „Боже, кој е овој од глупост заробен народ!? Како можам да мислам дека живеам во Македонија која е препознатлива само по глупоста и сиромаштијата!?“
Иако погоре зборував за книга преведена на божем македонски јазик, од професор по македонски литературен јазик во едно престижно скопско училиште. Тоа ме потсетува на моите брајчинци и компирите од соседното село Герман во периодот кога не беше „прекугранично“. Имено, моите брајчинци често оделе на гости кај роднини во селото Герман и биле среќни секогаш кога домаќините ќе им ставеле во торбата неколку компири. Дури во 1930 година некоја баба се сетила да запрета некој компир од Герман во градината и така сите брајчинци во наредните години (не само следната) увиделе дека компирите во Брајчино успеваат дури и подобро, затоа што Брајчино е на повисока надморска височина и со повеќе вода. Иницијаторите на современиот (скопско-уличарски јазик) се истите оние кои уште пред да постои латасовско-миленковската фондација, основана во една бурекџилница, од која се слуша гласот на народот, уште пред да постои комисијата за „превид“ на фактите на оној намќор од Битола, Крстета Петков Мисирков го селектираа за српски кодош. Духовните џуџиња.
Од друга страна, не знам зошто се чудам што претседателот на Собранието на Република Македонија (веројатно под влијание на чуениот вундеркинд од премиер, сега веќе господин Георгиевски, кој од некаде го извлече бугарскиот начин на пишување на своето име, со што го одрече македонскиот правопис донесен од Собранието на Социјалистичка Република Македонија (веројатно да покаже колку е „далекувидо“ моќен); сега овој претседател на Собранието на Република Македонија не знае да си го напише презимето; поранешната министерка за внатрешни работи, известувајќи не за еден од своите катастрофални подвизи, вели „…на самото лицето место…“, кога ниеден пратеник или министер (да не зборувам за сите Ољи, Дољи и Биљани), освен премиерот (!), знае дека не се вели „така да“ туку „така што“, кога буквално дивеат еден јазичен примитивизам и некултура што длабоко вникнале во медиумите, на сцената, во филмот и да не зборуваме за сферите на супкултурата во која, разбирливо, се постигнува поголема „хумористичност“ па и „слава“ со белградско-врањански сленг во кој изобилно се употребуваат непристојни изрази.
„Така да“ колку да звучи несфатливо, македонскиот литературен јазик се’ повеќе неповратно станува лебедова песна на чудовиштната моќ со која се практикува властодржачката моќ на автократското владеење кое е потреба на криминалноста како појдовна одредница. Не знам дали се’ уште го држиме местото на единствена нација на светот на којашто не и’ е потребен толковен речник (спрема изјавата на еден официјален лингвист-филолог), но знам дека по излегувањето на првиот том од Толковниот речник (како што ми кажуваше еден стар книжар) Институтот за македонски јазик престана речникот да го дистрибуира преку книжарската мрежа, бидејќи итроманите се сетија дека провизијата можат да ја кешираат „авторите“ на нешто што е национално, а не приватно и сработено (конечно) со државни субвенции.
Штом секој може да прави што сака зошто обичните луѓе да не можат да прават што ќе им текне кога надлежните им кажаа дека нашиот јазик е измислен од џуџиња и така нештата се случуваат во „криво време“, инцидент имаше не во дивата населба туку во „Диво насеље“, луѓето нештата ги „приметуваат“ и им „сметаат“, списанијата се часописи, „така речи“ нормално се употребува „лека“ ноќ и „добро вечер“, немаат визби туку подруми, „захтевни“ се, не во навечерието или спроти туку „во очи“. Големите винопроизводители и маса други по Македонија на етикетите македонскиот јазик го пишуваат со латинични букви и да не набројувам зашто тоа е низа од удари во сопствениот идентитет што не се добројуваат и покрај тоа што ги имаме сите институции во кои земаат можеби и убави плати една маса инертни ликови кои се однесуваат како образовните проблеми да не се нивни проблеми. „Јеби га!“ како што би рекла една наша професорка филолог од факултетот „Блаже Конески“.
Секоја вечер седам пред телевизорот и без прекин не можам да се доначудам како ниедна телевизија не знае да се сети дека пред метеоролошкиот извештај не треба да стои ВРЕМЕ (зашто не се работи за некое непознато и неодредено време) туку треба да стои ВРЕМЕТО (зашто се работи за времето денеска, што може да се види и низ прозорецот од собата во која ни зрачи телевизорот со сета своја непристојност во секој поглед и затоа што насловите спрема правописот одречен од вистинските џуџиња пропишува насловите да се членуваат. А што да речеме за употребата и злоупотребата на предлогот НА поради што полека стануваме земјата на една нација од песната на американскиот поет во која луѓето не си го разбираат јазикот. Употребата и злоупотребата на големите букви да не ги споменувам. Независно од хаосот во којшто тонеме се’ подлабоко, нашите издавачи веќе не знаат ни што се коректори ни што се јазични редактори, образовните институции не си ја знаат работата, високообразовните институции како да се места за бескрајна пладневна дремка среде лето. Да беа образовните институции тоа што им доликува на името, не ќе се инатеа со децата од средните училишта и учителките, наставниците и професорите по македонски јазик ќе знаеја дека не се вели така да туку се вели така што. Институтот за македонски јазик, ако не друго, можеше да се нафати со едно истражување со кое ќе ја констатираше состојбата на употреба и злоупотребата на македонскиот литературен јазик, нашата конечна татковина.
Ќе ја завршам оваа банална прикаска со банален предлог за банално решавање на баналниот спор за името со каприциозна тетка Грција, којашто банално толку многу ни се обесила на вратот да ни предложи да се викаме Такадачија зашто ние веќе самите себеси се викаме Такадачија и сме земја на Такадачи.
Овој текст е преземен од Утрински весник