Што сработиле економските промотори чиј број постојано се зголемува. Кои се луѓето кои немаат ограничени буџети и уживаат статус на дипломати. НОВА меѓу нив препозна двајца лекари, стоматолог и нефролог, како и Маре Ушковска, ќерка на актуелниот претседател на Судскиот совет, Бранко Ушковски
Да не се ограничуваат буџетите на економските промотори кои од годинава се во ранг на први секретари и имаат статус на дипломати. Со вакво барање излезе Владата пред МНР, иако вкупно 32-та економски промотори колку што ги има во моментот, за она што сработиле наместо пред Министерството, одговараат пред Владата.
Економските промотори кои од Агенцијата за странски инвестиции се испратени во 17 земји од светот да донесат странски капитал во државата, извештаи испраќаат еднаш неделно во МНР.
Овие извештаи се многу оскудни со податоци, не содржат детали, во нив најчесто стои со кого оствариле средба, така што Министерството нема увид во нивата работа, објаснуваат поранешни амбасадори и извори на НОВА кои се добро упатени во оваа проблематика.
„Тие за сработеното не ги известуваат ниту амбасадорите, со нив немаат директна комуникација, а МНР нема детален увид во нивните активности. Економските промотори за она што го работат директно одговараат пред Владата“, велат нашите извори.
Поради ова, тие биле повеќе пати предупредувани. За разлика од односот кон МНР, тие за сработеното во детали реферираат во Владата и тоа како што им е кажано, тоа го прават директно кај Влатко Илиевски, сопругот на поранешната министерка Гордана Јанкуловска, тврдат за НОВА, еден од поранешните промотори чие име на негово барање нема да го обелодениме, но и вработени во ДТИРЗ.
Што сработиле економските промотори, колку странски инвестиции донеле во земјата, има ли некаков извештај за нивната работа, колкави се нивните месечни примања, зошто постојано се зголемува нивниот број, одговор на овие прашања НОВА побара во Агенцијата за странски инвестиции.
„Нашата заедничка мисија е да се освојат нови инвестициски проекти и проширување на постојната база на странски компании во земјава. Како резултат на зголемениот прилив на странски директни инвестиции кој бележи постојан раст во последните неколку години се јави потребата од зголемување на бројот на економски промотори во странство“, велат во Агенцијата за странски инвестиции.
Економските промотори освен што треба да привлекуваат странски инвестиции, треба да прават и промоција на извозот и на туризмот. Од Агенцијата велат дека забележале позитивни ефекти.
„Досега има неколку проекти што се резултат на работата на економските промотори, а зголемениот број туристи исто така е резултат на промоцијата на Македонија во поголемите туристички агенции низ Европа и пошироко. Со зголеменото искуство резултатите од промоторите ќе продолжат да се зголемуваат бидејќи се во постојан и директен контакт со странските фирми“, велат оттаму.
За платите и трошоците велат дека се различни во секоја земја и се утврдени со Уредба за начинот и постапката за утврдување на плата и надоместоци во дипломатско конзуларните претставништва, која е донесена од страна на Владата, а во согласност со Законот за надворешни работи. Нема конкретни податоци како се движат сумите.
Вака изгледа списокот на имиња на економските промотори кои се задолжени да привлекуваат инвестиции во земјата.
Освен имињата и адресите на конзуларните претставништва нема никакви други податоци за нив. Нема податоци колкаво е нивното искуство, колку години работеле во оваа област, секој од нив колку инвестиции донел во државата.
Меѓу имињата на листата, НОВА пронајде двајца медицинари, од кои еден стоматолог и еден нефролог, како и потпретседателката на Унијата на млади сили на ВМРО ДПМНЕ, Маре Ушковска, ќерка на актуелниот претседател на Судскиот совет, Бранко Ушковски, која од минатата година е промотор на Македонија во Единбург.
До нејзиното име е впишана адресата на амбасадата на Македонија во Велика Британија. Нема детали за нејзиното работно искуство, ниту колку странски инвестиции има донесено досега во државата.
Дипломатски извори за НОВА тврдат дека веднаш по назначувањето на нејзиниот татко Бранко Ушковски за претседател на Судскиот совет минатата година, таа е испратена во Единбург. Од Агенцијата за странски инвестиции тврдат дека ги исполнила сите услови од огласот за да биде примена.
„Како и останатите економски промотори, така и промоторот во Единбург, е избран на јавен оглас, каде Комисијата утврдила дека ги исполнува покрај општите услови предвидени со Законот за работни односи и Законот за надворешни работи и посебните услови наведени во огласот. Потоа, како и останатите кандидати, економскиот промотор поминал низ неколку круга на интервјуа со претставници на АСИПИРМ и Владата и е избрана како најдобар кандидат од пријавените“, се вели во одговорот од Агенцијата.
Економскиот промотор во Индија, Тони Атанасовски пак, кој по професија е стоматолог, сега е актуелен амбасадор во оваа држава. Кои се инвестициите што од Индија ги донел во Македонија не е образложено, но познати се промашените инвестиции од „Сахара Груп“ на индискиот бизнисмен Субрата Рој и „Мадерсон Груп“ која беше најавена во 2011 година, а се уште не е реализирана.
Уште еден лекар од Клиниката за нефрологија е на списокот на економски промотори. Игор Николов е испратен како економски промотор во Париз, по претходно работење во областа на нефрологијата и трансплантацијата. Нема информации какви зделки направил во оваа европска земја.
Неофицијално од 2007 година досега во странство престојувале околу 60 економски промотори. Дел од нив, според нашите извори останале во земјите каде што престојувале, некои основале семејства таму или се интегрирале во системите во државите каде што престојувале.
Од Синдикатот на МНР велат економските промотори подлежат на посебен механизам кој не е во нивна надлежност. Сите трошоци за нив ги плаќа институцијата од каде се пратени, односно се плаќаат со буџетски пари. Но, велат дека не слушнале дека овие млади луѓе да донеле инвестиции во земјата.
„Јас немам слушнато, ниту пак некој од моите колеги ми има посочено дека имаат направено некаква зделка, дека донеле инвестиција во државата“, изјави за НОВА, Сашо Тодоровски претседател на Синдикатот на МНР.
Всушност, откако се напуштила праксата тим од странски експерти да ги оценува способностите на промоторите, веќе никој не знае како се одвива начинот на избор и постојат ли единствени критериуми за тоа.
Од Агенцијата велат дека во огласите за економски промотори се бараат високо квалификувани, динамични професионалци со богато работно искуство, кои се подготвени како што велат „да се соочат со предизвикот и несебично да ги вложат сите свои знаења, вештини, способности и енергија во интензивна промоција на ресурсите и потенцијалите на Македонија како атрактивна бизнис дестинација со сите свои поволности кои ги нуди за инвестирање, како и промоција на извозот“.
Сепак освен висока стручна спрема, во огласот се бара кандидатите да имаат работно искуство од најмалку 2 години по завршување на високото образование, како и познавање на јазик и разни сертификати за странски јазици и компјутери.
Со две години работење, не може да с е има богато работно искуство, особено не ако некој од лекар или некоја друга струка се преориентирал во економски промотор, коментираат дипломатски извори.
Околу 200 луѓе работат на привлекување на странски инвестиции во Македонија. Но и покрај тоа државата е на дното во регионот во привлекување на странски капитал говорат податоците на Светска банка.
Во системот на привлекување на странски капитал се вклучени Агенцијата за странски инвестиции со 82 вработени и буџет од 7, 3 милиони евра, ДТИРЗ (Дирекција за технолошки индустриски развојни зони) со 75 вработени и буџет од 18.85 милиони евра, петте министри за странски директни инвестиции и Секторот за привлекување на инвестиции во кабинетот на премиерот во кој според информација од Владата, се вклучени 12 луѓе, за кои нема информации колкав е буџетот. За разлика од нив МНР со 494 вработени има буџет од 22.3 милиони евра, вклучително и амбасадите.
Останува отворено прашањето, колку целата таа машинерија од луѓе носи странски инвестиции во вистинска смисла на зборот, дали се тоа компании кои се вистински заинтересирани да инвестираат во државата. Зошто државата стимулира компании во кои македонските граѓани се платени помалку од работната сила на кинескиот пазар. Колку овој гломазен механизам од 200 луѓе ја чини државата и дали има потреба од толкаво финансиско оптоварување, а за сметка на тоа граѓаните немаат увид како и колку се троши на патувања во далечните земји и популарните „роуд шоуа“ на Владата.
Ова особено, ако се знае дека поразителни се податоците од Народна банка според кои 2015 та е една од најнеуспешните години по прилив на странски инвестиции. Владеачката партија пак, тврди дека во земјата има 50 директни странски инвестиции со 150 000 работни места.