Денешниот напис во весникот “Нова Македонија” во кој новинарите кои излегле на терен велат дека самите пронашле и собрале лични и други предмети од несреќата во која загина Никола Младенов, отвораат нови прашања во врска со начинот на кој се води истрагата за смртта на новинарот и основач на весниците “Фокус”.
“Нова Македонија” објави дека нивната екипа која тргнала да направи фотографии од местото каде се случи сообраќајката кај клучката Хиподром на автопатот Велес-Скопје, пронашла билети од патарина, кутии цигари, весници и други лични предмети кои веројатно, а и по кажувањата на блиските, му припаѓале на Никола.
Но, екипата забележала дека на патот се уште стојат делови од автомобилот, како рачки од врати, делови од браниците, калниците, контролната табла на автомобилот и друго.
Главната и одговорна уредничка во весниците “Фокус” Јадранка Костова, исто така, тврди дека еден ден пред “Нова Македонија” и тие биле на местото на настанот и ја виделе истата слика.
-Не би сакала да ја коментирам истрагата, иако сето ова е чудно. Пред “Нова Македонија” и екипа на “Фокус”, вклучувајќи ме и мене, отиде на местото на несреќата да направи фотографии и ние, како и колегите од “Нова Македонија”, таму видовме и собиравме материјални докази. Имаше расфрлано делови од автомобилот, a пронајдовме и лични предмети на Младенов, вели Костова.
КАКО ТРЕБА ДА ИЗГЛЕДА ИСТРАГАТА
Институциите, односно полицијата и судска медицина досега не излегоа со конкретни официјални информации околу тоа како напредува вештачењето. Истражниот судија на новинарите им одговора дека тој ги чека вештачењата од институциите, а тие, пак велат, дека во текот на неделава, кога се ќе биде комплетирано ќе ги предадат наодите кај истражниот судија. Врз основа на она што е познато до сега и во интерес на квалитетната истрага, “Нова” консултираше поранешен висок полициски службеник со долгогодишно искуство во сферата на ваквите истраги. Од него побаравме да ни објасни како треба да изгледа истрага во вакви случаи. На прашањето дали е вообичаено да се оставаат можни докази на местото на несреќата, тој одговори дека во пракса добрата истрага зад себе не смее да остави ниту лични предмети, ниту, пак, делови од автомобилот кои би можеле да бидат клучни во истрагата и без кои не би можело да се направи квалитетно вештачење.
ШТО СМЕЕ, А ШТО НЕ СМЕЕ ДА СЕ ОСТАВИ НА МЕСТОТО НА НЕСРЕЌАТА
-Секој пронајден предмет се означува, документира и се обезбедува. За овој тип на сообраќајка вообичаено се собира се што е на терен, а особено се значајни деловите на возилото бидејќи за да биде квалитетно вештачењето потребни се сите коцки во мозаикот. Единствено можеби некоја ситница како парче од скршен трепкач може да се сликне и да се остави. Значи зборуваме за ситници. Личните предмети, без разлика дали се тоа мастики, ливчиња, весници и слично, во секој случај мора да се соберат, вели нашиот соговорник кој сакаше да остане анонимен.
-Кога се прави увид на отворено мора да се биде многу внимателен. Прво тргнува една група и собира се пред себе, а потоа и уште една во случај првата група да направила превид и да испуштила нешто.
ВО КОИ СЛУЧАИ ТЕЛОТО МОЖЕ ДА ЛЕТНЕ НИЗ ВЕТРОБРАНОТ
Засега, единствените познати податоци се дека Младенов починал од удар со градниот кош во воланот. Според пишувањата на медиумите, но и според сведоштвата на присутните новинарски екипи на терен, телото на Младенов било пронајдено надвор од автомобилот на неколку десетици метри, а институциите неофицијално брифираат дека Младенов излетал од предниот ветробран, па дури имаше и тврдења дека од ударот можеби излетал и од задното стакло.
-Како што видов од фотографиите автомобилот напред е згмечен и не е можно ако телото се соочило со отпор, во случајов ударот со градите во волан, потоа да излета. Кога имаме сплескување на возило тешко е да се излета. Слушнавме информации дека летнал од предното стакло, но и и информации дека летнал од задното. Ова второво е лудост и не е можно. А реално, не е можно ни првото. За да излеташ од стаклото мора да удриш во препрека која е исклучително цврста и непомерлива, како бетонски ѕид. Од ова што го гледам на снимките и фотографиите, возилото е сплескано напред. И главното прашање на кое треба да одговори истражниот судија е како излетало телото.
КАДЕ БИЛ МЛАДЕНОВ
Во моментов енигма е каде бил Никола Младенов пред несреќата. Неофицијалните информации говорат дека надлежните не можеле да ги употребат камерите од патарините бидејќи тие наводно не работеле. Од друга страна, тука се билетите од патарините кои ги пронајде “Нова Македонија” и кои, доколку се на Младенов, можат да утврдат некаква патека на движење.
-Ако не работеле камерите, како што тврдат, тогаш лесно е да се утврди дали билетите од патарините се на Младенов со едноставна проверка на отпечатоците. Што се однесува до тоа каде бил пред несреќата, па ние и во обични сообраќајки кажуваме бил на роденден, пиел направил сообраќајка, значи утврдуваме што било пред настанот. Вообичеана пракса е во сите вакви случаи да се утврди од каде доаѓа жртвата. Ако ништо друго, барем заради приближно утврдување на часот на незгодата.
НА КОИ ПРАШАЊА ТРЕБА ДА ОДГОВОРИ ПРОФЕСИОНАЛНАТА ИСТРАГА?
-Овде до вистината може да се дојде единствено со утврдување и исклучување бидејќи нема сведоци. На пример, што сакам да кажам под исклучување. Ако побарате да се утврди дали има присуство на барутни честички било каде во автомобилот и ако се утврди дека нема никакви траги од барут, тогаш вие автоматски ја исклучувате опцијата дека во автомобилот имало бомба или друга таква направа која на пример може да предизвика некаков дефект во возилото, објаснува нашиот соговорник.
Тој вели дека иако во овој случај треба да се почекаат конечните наоди на вештаците, искуството говори дека во вакви случаи истрагата подразбира особена претпазливост. А главните прашања кои треба да ги очекуваме, а на кои истрагата треба да одговори е како автомобилот на Никола Младенов го загубил правецот.
-Она што е очигледно овде е дека возилото изгубило правец. Зошто го изгубило правецот? Најлесно е да се каже дека се движело со голема брзина. И ако е тоа точно, повторно треба да се одговори како и зошто го изгубило правецот. Истрагата треба да ја покаже динамиката на несреќата.