Пишува: Беса Арифи,вонреден професор во Универзитетот на Југоисточна Европа
Се чувствувам како да живеам во некој сериски филм. Првата епизода, како и секогаш, е многу интересна и јасно укажува дека сé е само почеток и дека уште многу работи ќе се случат, и нормално, завршува баш кога станува најинтересно. Додуша, серискиов филм во кој живееме, веќе од поодамна се рекламира, со постери, најави, “Coming soon” банери…
Дејството се одвива во една заробена држава, започна “бомбастично” и се претвори во криза, па потоа дојде Пржино 1, па СЈО, па аболицијата на Иванов, па Пржино 2, па потоа избори… Имаше навистина чудесни најави на тој филм кој може да го именуваме “Падот на мафијашот кој сакаше да стане диктатор”.
И еве го, главниот протагонист, после десетгодишно владеење и многу успеси за кои опширно говореше во својата кампања, на крај се соочи со еден крупен неуспех: не успеа да формира влада.
А само пред неколку недели, говореше за неговата победа “чиста како солза” и се бунеше дека “некои” сакаат да му ја одзеамат обвинувајќи го за некои “ситни” изборни нерегуларности. Па така, видовме протести пред ДИК во кои тие “победници” се закануваа со ќосиња, говореа за ноќта на долгите ножеви и им праќаа заканувачки пораки и некролози на странските амбасадори во земјава.
За да не се бунат повеќе, Иванов одлучи да го прекрши Уставот и без да биде сигурен дека има обезбедено парламентарно мнозинство, му го додели мандатот на Груевски, кој првин со додворувања, а потоа и со јасни и отворени закани, се потруди да изнуди коалиција со досегашниот коалиционен партнер, ДУИ.
И сега? Ќе се буни ли Груевски и за фактот што ДУИ не се осмели да коалиција во оваа фаза? Од тоа што читавме во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ, сега веќе не се бараат мандат, туку се бараат нови избори. Пораката од Груевски е јасна “Или јас составувам влада, или никој друг”, или како што некои милуваат тоа да го опишат: “После мене, потоп”.
Тоа што Груевски се обидува да направи е да се прикаже себе си како единствен на овој бел свет кој може да состави влада, човек “од Бога избран” да владее со земјава, така што ако тој не може, тогаш никој друг не може да излезе на крај со работава.
Колку и да се трудат големите “експерти” на Груевски да го тврдат спротивното, во Уставот на РМ нема никаква пречка, во ваква ситуација, кога првиот мандатар не успева да обезбеди парламентарно мнозинство, мандатот да му се даде на друг мандатар кој истото ќе го обезбеди.
Па уште постои и пример од практиката кога тоа се случило. Така, во 1992 година кога Љубчо Георгиевски не успеал да обезбеди парламентарно мнозинство, го вратил мандатот кој потоа му бил даден на Петар Гошев да формира влада. Истиот обезбедил парламентарно мнозинство, меѓутоа заради лични причини (сакал екслузивно самиот да ги бира министрите во владата а не со консултација на коалициониот партнер) го вратил мандатот кој потоа го добил Бранко Црвенковски и со истото парламентарно мнозинство ја составил тогашната влада. Значи мандатот не бил вратен заради недостатокот на парламентарно мнозинство, кое веќе било обезбедено, туку заради други, лични причини.
Затоа треба да се внимава во однос на некои интерпретации кои наведуваат дека ако првиот мандатар не успева да обезбеди мнозинство тогаш мандатот се дава на друг од истата партија кој ќе се потруди да обезбеди такво мнозинство.
Во Република Македонија не постои уставна одредба ниту пак случај од праксата мандатот повторно да му се даде на член на истата партија која не успеала да обезбеди парламентарно мнозинство до истекот на рокот за составување на влада.
Тоа што е важно во целата работа и што јасно стои во духот на членот 90 од Уставот кој говори за мандатот е обезбедувањето на парламентарното мнозинство. Имено, тој член гласи вака:
“Претседателот на Република Македонија е должен во рок од десет дена од конституирањето на Собранието мандатот за состав на Владата да го довери на кандидат на партијата, односно партиите што имаат мнозинство во Собранието.
Мандаторот во рок од 20 дена од денот на доверувањето на мандатот, на Собранието му поднесува програма и го предлага составот на Владата.
Владата, на предлог на мандаторот и врз основа на програмата, ја избира Собранието со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.”
Членот јасно зборува за “мнозинство во Собранието”. Тој кој ќе успее да обезбеди парламентарно мнозинство, тој составува влада и тука нема ништо спорно.
Во сегашниот состав на Собранието, јасно е дека такво парламентарно мнозинство може да се состави, со политички договор и коалиција меѓу СДСМ и албанските партии. Таа е единствената опција за вистинска смена на власта и за промени во досегашното владеење.
Тоа значи дека ВМРО-ДПМНЕ после десет години власт, ќе оди во опозиција. И тука нема ништо страшно, ниту пак невозможно или противзаконско, тоа е дел од демократскиот процес кој се одвива во секоја демократска држава во која се организираат избори, и потоа, врз основа на добиените гласови се формираат коалиции и влади.
Ниту една држава не престанува да постои ако одредена партија не е повеќе на власт. Дури и во државите кои долго време живееле во еднопартиски систем, еден ден власта се сменила, и државата продолжила да постои и да напредува.
Затоа, патетичен е ставот на ВМРО-ДПМНЕ дека ако тие не составуваат влада, тогаш ќе мора да има нови избори. Таквиот аргумент воопшто не држи во држава која се нарекува себеси за демократска и која тврди дека има демократски институции а во која нема никакви уставни или законски пречки да се формира влада после штотуку одржани избори.
Вистинските демократски институции можат јасно да ја видат важноста на парламентарното мнозинство во овој процес, и кога тоа мнозинство постои во Собрание, тие институции јасно ќе увидат дека не постои никаква причина за криза. Одењето на една политичка партија во опозиција не претставува никаква политичка криза, тоа е нормален процес на едно демократско општество во една демократска држава.
Додуша, ние досега многу пати се уверивме дека не живееме во вистинска демократија, ниту пак имаме независни институции кои работат според Устав и закони. Па оттука и чувството дека живееме во сериски филм.
Во наредните епизоди, тој сериски филм може да оди во разни насоки. Така, може да видиме некоја епизода која наликува на обид за хорор филм во која некои структури може да се потрудат да изведат некоја безбедносна криза што уште еднаш ќе потврдат дека партијата која досега беше на власт е спремна да си ја жртвува безбедноста на државата заради “ситни” политички интереси какви што се останувањето на власт и избегнувањето на одговорноста за сторен криминал.
Меѓутоа, како ќе го објасни тоа пред сопствениот народ? За што ќе се буни овој пат? Повторно ли ќе го видиме стариот вестерн филм “Клетите индијанци, виновни за се”? Или пак конечно, откако ќе се уверат дека одењето во опозиција не е доволна причина за било какви немири, граѓаните ќе разберат дека сепак се работи за ситуација на “Бунтовник без причина”.
Може да има и некоја интересна трилер епизода насловена “Бескрајна дебата” во која ДУИ, дебатирајќи секој ден за тие легендарни пет опции, може да “заборави” да состави влада и со друг мандатар и да се приклучи на новите сценарија на бунтовникот без причина, наспроти јасно изразената воља на граѓаните Албанци и наспроти интересите на сите граѓани на оваа земја.
Јасно е дека четири од петте опции за кои ДУИ зборува му одат во прилог само на мафијашот кој сака да биде диктатор. Оттука, нема никакви дилеми дека тие потези на ДУИ многу скоро ќе бидат уште појасно оценети од граѓаните кои на крај ќе му ја дадат конечната оценка на овие “Great debaters” во престојните локални избори.
Може да видиме и некоја нова епизода од жанрот комедија, во која Иванов, на начин “déjà vu, déjà vecu” ќе се обиде да сними ново продолжение на филмот “Невозможна аболиција” или пак да си игра “Catch me if you can” со мандатот, па уште и 2017 година да ни помине анализирајќи ги правните аспекти на неговите скандалозни одлуки.
Меѓутоа, тоа што повеќе од 600.000 граѓани на РМ очекуваат, е да видат некоја нова епизода во која ќе надвладее разумот, и конечно, ќе почнеме да живееме како луѓе, во вистинска демократска држава. Тоа од нас го очекува и Европската Комисија, чиј дел сакаме да станеме еден ден, а која денес јасно соопшти дека Македонја нема време за губење.
Епа немаме време ни за чекање ни за губење, затоа, политичари и институции, вразумете се!