Партиите се амнестирани од обврската да даваат информации од јавен карактер, службениците ги кријат истите од страв, комисијата едвај крепи финансиски, а а половина од граѓаните воопшто и не чуле дека постои закон за слободен пристап до информации. Ова се накусо заклучоците од истражувањето кое го спроведе Фондацијата отворено општество за правото на слободен пристап до информации од јавен карактер по повод Меѓународниот ден за правото на пристап до информации.
Значителен дел од граѓаните се уште не знаат дека имаат право на пристап до информациите што ги поседуваат јавните институции, се вели во истражувањето, најмалку се заинтересирани за работата на владата. И по седум години од донесувањето на Законо, дури 52,3 проценти од граѓаните не чуле дека постои, а само 18 проценти побарале пристап до информации од постоењето на Законот до денес. Една четвртина од граѓаните сметаат дека немаат право да бараат информации за буџетот, а најчест е случајот кога граѓаните мислат дека немаат право да бараат информации од областа на здравството и државната власт. Спротивно на ова, дури 90 проценти сметаат дека имаат право да знаат за она што се случува во сферата на животната средина.
Ако 42 проценти од граѓаните не се заинтересирани да бараат информации од јавен карактер, или пак, не знаат како, 31 процент немаат доверба во институциите и се демотивирани да бараат информации.
Освен помеѓу граѓаните, истражувањето е спроведено и помеѓу имателите на информации, односно институциите. Имателите имаат потешкотии во имплементирањето на Законот поради немање кадар(51процент), немање време(42проценти) и немање внатрешни процедури за доставување на одговор од колегите(26 проценти).
Поголемиот дел од институциите или дури 70 проценти го запазуваат крајниот рок за доставување на барањата до граѓаните. Но, имателите изјавиле дека постои и страв од давање информации. 15 % експлицитно, а 43% делумно се согласиле дека во некои случаи граѓаните не го добиваат информациите поради страв.
Неодамна, од листата на иматели на информации беа исклучени политичките партии. И покрај тоа што освен од донации, добиваат и средства од буџетот, Комисијата одлучи да ги тргне од листата бидејќи, според нив, на граѓаните им биле доволни информациите за финансирање на партиите од државниот ревизор.
Комисијата за слободен пристап до информации нема активности за да го одбележи Меѓународниот ден на правото на слободен пристап до информации.