Не може да се направи федерализација на една земја во која не се знае каде да се постават границите, каде што не се знае каде почнува една заедница а каде завршува другата, вели претседателот на ДУИ, Али Ахмети кој пред неколку дена беше гостин на емисијата „Животот во Косово“, на порталот kallxo.com, која се пренесува на јавниот сервис на Косово.
„За да се влезе во такви теми треба да се познава конфигурацијата на земјата, нејзината географија, треба да ги познаваш населените места. Подобро решение од Охридскиот договор кој ги решава овие проблеми, кој овозможува двете заедници да бидат еднакви е најдобро политичко и законско решение за оваа земја. Како е можно да се формира федерација или конфедерација кога треба да постојат определена граница и територија“, изјави Ахмети.
Во интервјуто со новинарката Јета Џара, Ахмети говори за контроверзниот проект „Скопје 2014“, случајот Монструм, конфликтот во Куманово, правата на Албанците како и за комплицираната политичка криза во земјата.
Според Ахмети, прислушувани разговори се манипулирале и искривувале од злонамерни поединци, кои ги вовеле на пазар за политички цели или за материјална корист. Тој тврди дека прислушуваните разговори сега се продавале на Бит Пазар, на пазарот во Урошевац, Приштина или Истанбул.
Ахмети вели дека проектот „Скопје 2014“ не е спроведен во координација со ДУИ и одлуката за него е донесена во 2006 и 2007 година кога ДУИ не биле дел од извршната власт, и дека тој не ги оправдувал огромните трошења за проектот.
За случајот „Монструм“ Ахмети вели дека не е спроведено транспарентно судење и тие барале да се обезбеди целосна транспарентност.
„Бидејќи се работи за многу чувствителен случај при кој беа убиени, масакрирани пет млади луѓе и овој случај можеше да резултира со сериозни судири помеѓу етничките заедници и таа состојба беше управувана со големо внимание и ние сега бараме овој момент да се расветли и судството да биде транспарентен со одржливи аргументи. Ние баравме аргументи, побаравме од ОБСЕ да го следи судскиот процес и сега сме во состојба во која ние бараме да се врати целокупниот предмет и да се претстават пред јавноста аргументите“, вели Ахмети.
Според него, ниеден нормален човек, не може да изврши таков масакр.
„Уште повеќе не верувам дека еден Албанец кој јас лично го познавам и се наоѓа во затвор за овој случај, Фејзи Хајдари е криминалец и способен за такво нешто“, говори тој во интервјуто.
Новинарката понатаму го прашува Ахмети да каже што точно се случи во Куманово. „Од голем интерес е да се открие вистината за случајот во Куманово но мене се уште ми е енигма како се организираше тоа, кој ги поттикнал и мотивирал… јас неколку пати сум изјавил дека дел од учесниците во Куманово лично сум ги познавал и ми биле војници. Многу ми е жал за нив, за нивните животи, за нивните семејства иако има многу шпекулации кои на случајот му даваат многу димензии. Јас не верувам на гласини но сите тие гласини се насочени кон мене, односно дека Али Ахмети ги предал и е предавник. Доколку тие имале контакт со мене, и доколку сите мои соборци од Куманово или од Тетово ме консултирале, не би презеле такво дејство бидејќи тоа не беше осмислено и анализирано дејство“, вели Ахмети.
Тој вели дека не бил дел од оперативните мерки на интервенцијата во Куманово, но бил во контакт со лица кои војувале.
„Тие ме побараа на телефон и јас сторив што можам да сторам. Прво контактирав со ОБСЕ, потоа со заменик министерот за внатрешни работи, со моите соработници одржав средби и побарав од заменик министерот за внатрешни работи, заедно со делегацијата да бараат да се прекине огнот и да се разговара со нив, но последната одлука требаше да биде донесена од лицата кои беа внатре“, вели Ахмети.
Според него, потоа заменик министерот за внатрешни работи заминал во Скопје на средба со министерот за внатрешни работи и со директорот на УБК.
„Акцијата не можеше да се прекине во Куманово. Акцијата можеше да се прекина со преговори, со договор, со образложенија во рамките на Владата на Република Македонија. Секако дека можеше да се случи нешто уште полошо и никој да не излезе жив од таму бидејќи до 10 часот беа убиени тројца полицајци, и нештата беа отидени предалеку и сите обиди беа насочени кон тоа како да се прекине огнот и тие кој беа внатре требаше да донесат одлука при што побараа да се предадат а ОБСЕ беше набљудувач одблиску на предавањето и ми е многу жал за лицата кои го изгубија животот но и за лицата кои се во затвор но тие можат да ја кажат вистината“, вели Ахмети.
Новинарката понатаму го прашува Ахмети кога на Албанците ќе им биде овозможено албанскиот јазик да биде службен јазик, како што наложувал Охридскиот договор.
„Мислам дека прашање на време е тоа, кога ќе се стави ова прашање на маса за да се реши во целост. Договор кој произлегол од војна, договор кој произлегол од голем компромис и од договор на двете најголеми заедници, на Албанската заедница и Македонската, не претставуваше лесен процес за практично спроведување. Бидејќи кога се започнува со практично спроведување сигурно дека се појавуваат потешкотии и пречки. Ние кога влеговме во војна во Косово но и тука, влеговме со цел дека со завршување на војната ние ќе ги исполниме нашите цели и барања но од 99-тапосле колку години се случи независноста на Косово?“, вели Ахмети.
На прашањето зошто ДУИ го поддржале ВМРО-ДПМНЕ за датумот за избори на 5-ти јуни, како и за помилувањето, Ахмети одговара:
„Само малку. Ние не го поддржавме ВМРО за 5 јуни туку во моментот кога се случи амнестијата ние седнавме на маса со претставници на меѓународната заедница и со претставници на ВМРО-ДПМНЕ и на Никола Груевски му кажав за да не чуе од новинари и од медиуми дека ДУИ нема да учествува на изборите на 5 јуни бидејќи не сака да учествува на избори кои се оспорувани на национално и меѓународно ниво поради појавувањето на оваа проблематика. И од тој момент се појавија нови случувања во Република Македонија“.
За крај, новинарката го прашува Ахмети дали денеска се осмелува да влезе во Куманово, на што тој одговара дека пред околу еден месец бил во Липково, Куманово, каде имал пријатели.
А во „Диво Насеље“?
Таму не сум бил но во Куманово сум бил. Сум поканет но не сум имал време.
Дали сте биле во „Диво Насеље“ по инцидентот од пред една година?
Не не сум бил но најзначајно беше да се обнови таа населба.
Тоа е вистина, гледаме дека населението ги обновува куќите но, Али Ахмети, нели е малку зачудувачки, претставник на Албанците да не ја посети населбата во која е извршена акција па дури и врз цивили?
Таму биле сите функционери.Тоа им беше задача и јас не сакав да посетам разрушена населба. Тоа е причината. Сакам да одам во изградена населба.
Сега е изградена, зошто не си отишол во изградена населба?
Имам покана но времето не ми дозволува да одам.
Само времето е причина, нема друга причина?
Да, апсолутно нема.
Целото интервју може да се види на следниот линк.