Композиција за мешан хор и гудачки квартет инспирирана од четири хаику песни на македонскиот поет Владимир Мартиновски, вечерва, премиерно ќе биде изведена во најстарата музичка сала во светот, лондонски „Витонс мјузик хол“ , како финале на целовечерен концерт посветен на современата македонска музика.
Автор на композицијата, насловена „Четири“, е Михајло Трандафиловски, композитор по потекло од Македонија, кој долго време живее во Англија. Делото ќе го изведат два реномирани ансамбла, хористите од Новиот лондонски камерен хор (New London Chamber Choir) – мешан хор од 24 члена, и гудачите од Kreutzer Quartet. Диригент е Клемен Пауер.
Делото е конципирано во четири става, секој инспириран од по една хаику песна на македонскиот поет Владимир Мартиновски, објавени во книгата „И вода и земја и оган и воздух“.
Во воведниот дел од партитурата песните се дадени на англиски, препеани од Румена Бужаровска а во композицијата се во оригинал, на македонски јазик.