На новинарското прашање од денешната прес конференција на независната кандидатка за градоначалник на Скопје поддржана од ВМРО-ДПМНЕ, Данела Арсовска, во однос на наводите дека е бугарски државјанин, таа истакна дека во целост ги негира таквите тврдења.
-Јас во целост ги негирав овие наводи и морам да кажам дека не само скопјани, туку и цела Македонија знае и верува дека луѓето кои што ги продадоа македонските национални интереси сега два дена пред изборите излегуваат со наводи кои што јас не можам низ постапка да ги докажам и тоа го прават зошто, затоа што јас не бев ниту човекот ниту жената која што ги тераше да дадат изјава дека доколку го изгубат Скопје ќе ги изгубат и своите политички кариери и функции, посочи Арсовска.
За Данела Арсовска, е бесмислена кандидатурата за градоначалник, доколку кандидатот има црни дамки на себе.
-Да сум направила нешто погрешно немаше да се кандидирам во трка каде што ќе ме напаѓаат вакви безобразни луѓе и луѓе кои што лажат континуирано и истата мисла не можат да си ја задржат ниту два дена откако ќе ја кажат, кажа Арсовска.