Пишува: Арсим Зеколи
Самото одржување на самитот во Берлин е неспоредливо поважно од она што ќе се случува на самиот настан. Пред се тоа се однесува на тајмингот кој ќе биде запаметен како историјска прекретница во односот кон западниот Балкан од страна на ЕУ поради неколку причини.
Прво, со одржувањето на средбата во Берлин а не во Брисел, моторот на ЕУ – Германија – ја прифаќа врз себе спремноста и историјската одговорност за интеграцијата на преостанатиот дел на Европа кон ЕУ.
Второ, на извесен начин, самата концепција на средбата дава насоки да се разбере клучната траса по која ќе се одвива таа интеграција, а тоа е економијата. За разлика од безброј досегашни конференции одржани во последната декада со фокусно учество на премиери придружувани од министри за одбрана, полиција или правда, ова е првата конференција од ваков формат на кој министрите се од економијата и само економијата.
И трето, тоа реформатирање укажува дека прокетот на безбедносна стабилизација и консолидација на регионот и меѓусебно уважување е во финална фаза на заокружување. Што како проект досега беше во надлежност на САД кои со своето масивно стратешко присаство беа клучниот гарант на процесот на демилитаризација, помирување, разграничување и координација на безбедносните служби за координиран настап кон времените предизвици за безбедноста и стабилноста. Тоа секако не подразбира смален ангажман на САД или напуштање на регионот, колку што подразбира нова ситуација на воспоставен механизам на взаемна зависност помеѓу земјите од регионот и (ин)директно вклучување во западните системи на колективна безбедност.
Оттаму ангажманот на Берлин е природно, дури би рекол сојузничко, надополнување на безбедносниот ангажман на САД, но сега преку консолидација на економијата, впрочем она по што Германија и се истакнува. Очекувам да тој приод во следните 3 до 4 години се одвива систематски низ неколку клучни точки: поврзување на пазарите и трудот од регионот, ефективно а не само легислативно справување со корупцијата и организираниот криминал и стимулирање на приватното стопанство со цел растеретување на администрацијата.
Но воедно, мислам дека пристапот на Берлин кон регионот исто така ќе биде и можност за внимателна и ненаметлива промоција на растечката спремност на Германија за превземање на поголема улога и во безбедносно-политичката сфера. Посебно по се поголемите барања од САД, но и растечката свест на политичките елити во Германија дека традиционалната предострожност кон посилен безбедносен настап остава простор кој може да ја загрози европската безбедност и стабилност.
Ставовите на германскиот претседател искажани на последната конференција во Минхен, изјавите на канцеларката Меркел но и нејзиониот внимателен приод кон кризата во Украина даваат причина за верување дека Берлин не трча кон овие аспекти, но ниту пак ги избегнува новите предизвици пред кои е исправена по воља на својата моќ и глобално влијание.
Сепак, за успехот на Германија во регионот одговорноста подеднакво лежи колку врз Берлин, толку и врз спремноста на самите граѓани од регионот да си помогнат себеси преку строга контрола врз своите водства. Заедничкиот настап на Хрватска, Босна и Херцеговина, Црна гора и Албанија/Косово пред самитот, предлог соработка во градењето на Јадранско-Јонскиот автопат укажуваат на растечкиот позитивен дух во регионот.
Изјавата на српскиот премиер дека Србија стреми да Германија и Австрија бидат нивни клучни стратешки партнери е безмалку историјска, колку и веќе етаблираниот диалог помеѓу Белград и Приштина. Словенија и Хрватска се нашите солидарни “братучеди” спремни да ги држат портите на ЕУ секогаш подотворени. Грција, и покрај спорот со името и можностите кои ги има, сепак покажува доволно разум да таквиот спор не се прелее врз економските односи и тоа треба да се научиме да го уважуваме и почитуваме. Истото се однесува и на Бугарија. Сето тоа заедно дава причина за оптимизам. Но не еуфоричен, туку одговорен оптимизам во кој не треба да се очекуваат чуда, туку резултати од храброста да се зачекори во промени.
Би сакал да тој оптимизам го ставам во корелација и со нашата земја. Но, односот на нашата влада ме принудува да имам резерви дали сме искрено спремни на такви промени. Пред се, менталниот склоп на нашето водство е сеуште фокусиран врз “градење држава” неспремен за новиот, пост-американски, приод на “градење општество”.
Втората причина е очигледната недоверба и неспремност за прифаќање на забелешките од ЕУ, но и од Германија, проследена со се повидлива реориентација кон истокот и тенденции за самоизолација. Тој приод се повеќе се споделува и од неговиот партнер од ДУИ, што може да се заклучи и по скандалозниот, дрзок и недоговорен избор на кадри од ДУИ како што е Министерот за Економија и заменикот Министер за Финансии. Сепак, и покрај сите напори на коалицијата ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, таквите политики се осудени на неуспех и крах и можат да претставуваат само привремено одложување на неминовното.