Еден од најбогатите луѓе на светот Бил Гејтс е позитивен на коронавирусот. Не е јасно дали Гејтс, кој досега донираше милиони долари за борба против пандемијата, првпат е позитивен на ковид-19.
Гејтс на Твитер објави дека се изолирал со благи симптоми и оти примил и засилувачка доза од вакцината.
Ко-основачот на Мајкрософт и мултимилијардер минатата недела објави книга со наслов „Како да се спречи следната пандемија“ во која објасни како земјите можат да направат координирани напори за спречување на пандемии и „елиминирање на сите респираторни заболувања“.
I’ve tested positive for COVID. I’m experiencing mild symptoms and am following the experts’ advice by isolating until I’m healthy again.
— Bill Gates (@BillGates) May 10, 2022
Тој отворено зборуваше за тоа како глобалните здравствени власти треба да одговорат на пандемијата и да дистрибуираат вакцини. Фондацијата „Бил и Мелинда Гејтс“ соопшти дека донирала милиони на организации вклучувајќи ги Гави и Светската здравствена организација за финансирање на тестирање, третман и дистрибуција на вакцини.
Во јануари, Гејтс на Твитер напиша дека коронавирусот, „штом Омикрон ќе мине низ земјата, ќе може да се третира повеќе како сезонски грип“.